Еден од попознатите европски фотографи од минатиот век е Германецот Курт Хилшер (Kurt Hielscher: 1881-1948). Тој е автор на илјадници фотографии направени во дваесетите и триесетите години на минатиот век. Хилшер со својот фотоапарат пропатувал низ голем дел од Шпанија (1922), Германија (1924), Италија (1925), Австрија (1928), Скандинавија (1932) и Романија (1933). Неговите фотографии се објавени во своевремено доста популарни книги со архитектонска и пејзажна фотографија како што се „Непознатата Шпанија“, „Германија“, „Данска, Шведска, Норвешка“, „Романија“... За нас Македонците овој човек е значаен затоа што во 1926 година, за време на неговиот престој во тогашното Кралство СХС, преку фотографиите кои ги направил, го овековечил изгледот на повеќе краеви од Македонија во тоа време. Во оваа статија ви претставуваме дел од неговите фотографии направени токму во Македонија, преку кои како со временска машина може да се види како изгледала нашата татковина во дваесетите години на минатиот век. Автор: Александар Стеванов