X
 07.12.2020 Живот

Скриеното значење на металните структури што мистериозно се појавуваат низ светот

Во последните две недели најпопуларното уметничко дело не беше во Њујорк или во Париз, туку во пустина во Јута, САД.

На 18 ноември научници што правеле рутинска проверка на регион во Јута забележале чудна метална структура, или таканаречен монолит. Ова откритие веднаш се прошири низ светот и поттикна повеќе истражувања за потеклото на структурата.

Подоцна се појавија слични структури во Романија и во сојузната американска држава Калифорнија. Оригиналната структура „исчезна“ на 27 ноември.

Оваа структура не била дело на вонземјани, туку веројатно станува збор за уметничко дело. Монолитот се вклопува во контекстот на таканаречената „Земјена уметност“ - уметничко движење што датира од 60-тите и 70-тите години. Уметниците што го следеле ова движење создавале уметност врзана со околината и често во изолирани предели. Целта на движењето била да создава промени во пејзажот за да создаде посебно искуство кај гледачот.



Сепак, многумина забележале дека нема ништо специфично за околината кога станува збор за монолитите што се појавија низ светот во последниве недели. Впрочем, тешко е да се прецизира што било специфично за самите структури бидејќи тие не се ништо повеќе освен обични метални кутии.

Според друга теорија, структурите се уметнички дела кои му припаѓаат на уметничкото движење наречено „Интернет-уметност“. Ова движење се појавило во 90-тите години и неговата цел била да се создаде „случајна публика“ која можеби не знае дека гледа во уметност.

Монолитот претставува предмет кој не е поврзан со разбирлив контекст и не нуди вистина која треба да биде откриена, туку само претставува мистерија. Нема сомнение дека ваквите тактики порано се користеле од страна на компаниите за маркетиншки цели, па затоа многумина очекуваат монолитот да биде дел од голема рекламна кампања.

Ќе кружат разни теории за структурите додека не дознаеме со сигурност кој и зошто го направил тоа. Конечно, веројатно структурите би ја изгубиле својата „моќ“ кога би дознале кој стои зад нив.

Автор: Алек Ресинос
Извор: insider.com
Насловна фотографија: Screenshot/Twitter
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот