X
 06.10.2016 Образование

Избрани најдобрите училишни веб страни за учебната 2015-2016 година

Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски, денеска ги додели наградите за изработка на најдобра училишна веб страна за учебната 2015/2016 година, натпревар кој Министерството за образование и наука го организира втора година по ред. Годинешни победници во категоријата основни училишта е „Малина Попиванова“ од Кочани, а во категорија на средни училишта е „Здравко Цветковски“ од Скопје. Целта на натпреварот е стимулација и развој на информатичко комуникациските вештини кај учениците, подигнување на нивната креативност, иновативност и натпреварувачки дух, потенцираше Ристовски.



„На победничките училишта им честитам на постигнатиот успех и освоените први места, за што ќе бидат наградени и ќе добијат интерактивна табла за потребите на училиштата. На сите училишта кои активно се вклучија во натпреварот и придонесоа за подигнување на квалитетот и конкурентноста им се заблагодарувам за учеството и посакувам натпреварувачкиот дух никогаш да не ги напушти, затоа што само упорноста и трудот може да донесат позитивни резултати“,рече Ристовски.

Државниот натпревар за изработка на најдобра училишна веб страна ќе продолжи и во новата учебна 2016/2017, рече Ристовски и додаде дека јавниот повик кој веќе е објавен на веб страницата на МОН ќе биде отворен до 31 мај 2017 година.
„Ценам дека натпреварот за најдобра училишна веб страница е одлична прилика да се детектираат талентираните ученици во областа на програмирањето и веб дизајнот, да им се помогне во насочувањето при натамошно образование и секако да се посочи пример кој би требало да го следат и останатите ученици, имајќи предвид дека се работи за сфера која е дефицитарна со кадар и која обезбедува голема веројатност за брз, личен и професионален напредок“, рече Ристовски.

За годинешниот натпревар до Министерството за образование и наука пристигнале 17 валидни апликации, од кои 9 од основни и 8 од средни училишта. Изборот го изврши комисија составена од претставници на Министерствата за образование и наука и Министерството за информатичко општество и администрација, од Бирото за развој на образованието и од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје. При селекцијата предвид се земени дизајнот, оригиналноста, содржината, навигацијата и функционалноста на училишните веб страници.

Можност да учествуваат во натпреварот имаат сите училишта, односно тимови на ученици од основни и средни училишта предводени од најмалку еден наставник ментор, кои за своето училиште изработиле веб страница без притоа да користат готов урнек.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование