X
 14.09.2017 Интервјуа

Интервју со Рисима Рисимкин: „Со техниките што ќе ги научат на Катедрата за танц при УГД, студентите ќе бидат конкурентни на европската танцова сцена“

Катедрата за современ танц ќе има конекции со повеќе европски академии и универзитети за танц и ќе овозможи размена на студенти и нивен студиски престој на други престижни академии за танц, како и можност за користење на Еразмус-програмата и научноистражувачка дејност за професорите.



Таа е голем поборник за развојот на танцовата уметност во Македонија. Посветена на едукација на млади таленти во последните 20-ина години, Рисима Рисимкин работи на тоа за танцот да се зборува. Од оваа студиска година таа ќе ја води Катедрата за танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, каде што студентите ќе можат да совладуваат повеќе техники на танцување, а ќе продолжи и соработката со Ротердамската танцова академија. Се предвидува наставата да се одвива во Скопје и во Штип, во зависност од интересот на студентите.

Факултети.мк: Што сѐ ќе можат да изучуваат заинтересираните?

- Многу сум задоволна што оваа програма влезе на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип бидејќи, пред сѐ, сега таа ќе биде достапна за поголем број потенцијални студенти. Оваа катедра нуди изучување на современ танц по европски стандарди, студентите ќе се здобијат со повеќе техники на танцување, што ќе им овозможи во иднина да бидат барани на европската современа танцова сцена. Катедрата за современ танц ќе има конекции со повеќе европски академии и универзитети за танц и ќе овозможи размена на студенти и нивен студиски престој на други престижни академии за танц, како и можност за користење на Еразмус-програмата и научноистражувачка дејност за професорите. Покрај изучување на основната програма, студентите ќе имаат можност и за пракса во Скопје танцовиот театар, кој е првата официјална компанија за современ танц во Македонија. Студентите ќе имаат можност да настапуваат во Македонија, но и надвор од неа и да бидат дел од европската танцова сцена. Ние сакаме оваа катедра во иднина да ја посетуваат не само повеќе македонски студенти туку и студенти од регионов и од Европа.

Факултети.мк: Скопје танцова академија неколку години функционираше во рамките на ЕСРА во Скопје. Гледате ли подобра иднина, сепак, во државното студирање и подобри услови, пред сѐ, за кадарот и за студентите?

- Секако. Како што напоменав, студентите ќе влегуваат на студии во државна квота и ќе им се олесни школувањето. Ние ќе ја продолжиме соработката со Ротердамската академија за танц и со Универзитетот за убави уметности од Цирих, но воедно ќе ја прошириме оваа соработка со академиите за танц од Братислава, Прага, Виена, Вилнус, Рига и др. Веќе во април 2018 година кај нас ќе се одвива второто издание на Фестивалот на европски универзитети и академии за танц "Share", на кој ќе учествуваат девет академии и универзитети. Оваа програма нуди можност за размена на искуства и споделување на знаењата, таа се состои од работилници за танц кои ќе ги водат професори од овие академии, како и настап на студентите од тие академии. Очекуваме во рамките на фестивалот "Share" да дојдат стотина европски студенти, кои ќе го споделат искуството на танцувачката уметност.



Факултети.мк. Се подготвува новото издание на „Танц-фест“. Во која насока размислувате годинава со програмата?

- „Танц-фест“ ќе ја продолжи традицијата на презентација на нови, свежи идеи од областа на современиот танц. Подготвуваме извонредна програма, со компании со исклучително висок квалитет, ќе имаме претстави од цела Европа, некои земји првпат ќе бидат претставени на фестивалот, како Литванија и Естонија. „Танц-фест“ е во постојана потрага по претстави кои ќе понудат различни стилови, различни пристапи на уметниците и ќе донесат нови видици и ќе отворат нови хоризонти. Програмата ќе се одвива на повеќе сцени во градот во текот на целиот месец април, како и на отворени, нови простори, а дел од оваа програма ќе се презентира и во други градови во Македонија.

Факултети.мк: Правите голем чекор напред со воведувањето на танцот во високото образование. Ако треба да се навратите каква беше состојбата на полето на танцот пред десетина години, каква слика гледате?

- Состојба во која уметниците и младите бараат и се надеваат... Се радувам што Културниот центар „Интерарт“ направи огромен исчекор со започнувањето на програмата за современ танц во партнерство со Ротердамската академија и со поддршка на Амбасадата на Кралството Холандија кај нас. Се радувам што оформивме нова сцена - Зебра, која е матична сцена на Скопје танцовиот театар, се радувам што создадовме кадар, кој е јадрото на современиот танц кај нас. Тој кадар е професионален и подготвен за нови предизвици, како на сцената така и во едукативна насока и сметам дека веќе можеме да кажеме дека имаме добра инфраструктура за современ танц. Се разбира, секогаш претстои уште многу работа, бидејќи колку што сте подобар, стандардите се повисоки, како и целите. Сепак, мислам дека Македонија, веќе во моментов, има простор и можност да стане рамноправен фактор на европската современа танцова сцена.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Интервјуа