X
 24.04.2024 Наука

Рутинските работни места го зголемуваат ризикот од когнитивно опаѓање за 66 отсто и деменција за 37 отсто

Напорната работа на вашиот мозок додека сте на работа може да се исплати на повеќе начини. Исто така, може да ги заштити вашите когнитивни способности и да помогне да се спречи деменција како што стареете, покажа ново истражување.

Рутинската работа со мала ментална стимулација во текот на 30-тите, 40-тите, 50-тите и 60-тите години е поврзано со 66 отсто поголем ризик од благо когнитивно оштетување и 37 отсто поголем ризик од деменција по 70-годишна возраст, покажува истражување.

- Нашите резултати покажуваат дека професиите што бараат посложено размислување се одлични за одржување на меморијата во староста. Работното место е навистина важно - рече водечкиот автор д-р Трине Едвин, истражувач од Универзитетската болница во Осло, Норвешка.

Годините поминати во учење помагаат во спротивставувањето на влијанието на повторувачката работа, но не целосно. На пример, одењето на факултет го намалува влијанието на повторливата работа за околу 60 отсто.

- Да се остане активно вклучен во животот, да се задржи чувството за цел, да се учат нови работи и да се остане социјално активен се моќни алатки за заштита од когнитивниот пад како што старееме. Исто како што можеме да користиме физички вежби за градење мускули, вежбањето на нашиот мозок преку работни задачи може да помогне во спречувањето деменција - рече д-р Ричард Исаксон, директор на истражување на Институтот за невродегенеративни болести.

Истражувањето анализирало здравствени податоци и податоци за професии од 7.000 Норвежани кои биле следени од нивните 30-ти до пензионирањето во нивните 60-ти години.

- Повеќето луѓе што имаа рутински работни места во нашиот примерок беа домаќини, чувари, градежни работници и поштари - изјави Едвин.

Во работа што бара поголем когнитивен напор дневните обврски вклучувале креативно размислување, анализа на информации, решавање проблеми и слично. Исто така, тука спаѓале и интерперсоналните вештини како мотивирање на другите.

- Во оваа група имаше адвокати, лекари, сметководители, технички инженери и луѓе во јавна служба, но најчесто занимање беше предавање, односно наставник. Наставниците имаат голема интеракција со учениците и родителите и мора да објаснуваат и да анализираат информации и не се толку рутински ориентирани - објаснува Едвин.

Понатамошните истражувања би можеле да помогнат да се разјасни кои активности би донеле најмногу придобивки за здравјето на мозокот.

Извор: СNN
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука