X
 24.04.2024 Култура

Трејлерот за новата серија на „Нетфликс“ е прегледан повеќе од милион пати за четири дена

Пред неколку дена „Нетфликс“ објави трејлер за серијата „Сто години самотија“. За краток временски период трејлерот беше прегледан повеќе од милион пати, што открива дека серијата, базирана на култниот роман на нобеловецот Габриел Гарсија Маркез, би можела да биде хит.

Трејлерот започнува со познатата прва реченица од романот: „Многу години подоцна, пред стројот за стрелање, полковникот Буендија сигурно се сетил на она далечно попладне кога татко му го однесе да го запознае мразот“.

- Седум генерации на семејството Буендија се справуваат со љубовта, заборавот и неизбежноста на минатото и нивната судбина - пишува во синопсисот на филмот.

Еден од најамбициозните проекти некогаш снимени во Латинска Америка

„Сто години самотија“ е најпознатото дело на Маркез, на кое работел цели 15 месеци отуѓувајќи се од остатокот од светот, дури и од сопственото семејство. Книгата била објавена во 1967 година и постигнала неверојатен светски успех. Романот хронолошки го следи семејството Буендија и историјата на митското село Макондо. Иако насловот на книгата укажува на тоа дека дејството на романот трае сто години, тоа всушност не е строго ограничено на тој период и многу критичари се согласуваат дека „сто години“ се користи како метафора.

Серијата снимена во Колумбија моментално е во фаза на постпродукција, а сценариото го пишуваат Хозе Ривера, Наталија Санта, Камила Бриж, Марија Камила Ариас и Албатрос Гонзалес. За режијата беа задолжени Алекс Гарсија Лопез и Лаура Мора. Меѓу актерите може да се споменат Клаудио Катањо, Јеронимо Барон, Марко Гонзалес, Леонардо Сото, Сузана Моралес, Ела Бецеро, Карлос Суарез, Морено Борха и Сантијаго Васкез.

Датумот на премиерата на серијата не е познат, но знаеме дека ќе има 16 епизоди. Се смета за еден од најамбициозните проекти некогаш снимени во Латинска Америка.

 

Извор: Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура