Македонија има многу надарени и талентирани деца, но системот не знае да ги препознае

Македонија има многу надарени и талентирани деца, но системот не знае да ги препознае

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Фондот за иновации и технолошки развој во партнерство со порталот Факултети.мк подготвува панел-дискусија посветена на овој долгогодишен проблем со кој се соочуваат многу надарени и талентирани деца, но и образовни институции и здруженија кои се вклучени во нивното надградување

Седумгодишно дете кое напамет множи два троцифрени броја и објаснува како настанала вселената, деветгодишно момче кое стана најмладиот Мајкрософт-сертифициран систем-администратор, основци и средношколци кои освојуваат медали на светски научни олимпијади... Тие се само дел од надарените и талентирани деца во Македонија, за кои системот нема модел да ги препознае, идентификува и да ги спроведе низ образовниот систем.


Осумгодишниот Христијан Арсов од Велес пред две години имаше IQ 145. Toj е фасциниран од вселената

Кај нас не постојат специјални програми за овие деца. Најчесто родителите сами се грижат за афинитетот на своето дете, финансираат воннаставни обуки за да го задоволат неговиот интелектуален апетит. Често во процесот се вклучени и наставници-ментори во насочувањето на интересот на детето, но сепак, сите дејствуваат индивидуално.

Фондот за иновации и технолошки развој во партнерство со порталот Факултети.мк подготвува панел-дискусија посветена на овој долгогодишен проблем со кој се соочуваат многу надарени и талентирани деца, но и образовни институции и здруженија кои се вклучени во нивното надградување. Целта на комплексниот проект е да се посочат проблемите и системските недостатоци од повеќе клучни аспекти и да се направи функционален модел кој ќе ги препознае, згрижи и насочи овие индивидуални капацитети низ образовниот систем.


Арда Мустафаоглу, млад талентиран пијанист

Во Македонија не постои податок колку надарени, а колку талентирани деца седат во училишните клупи. Ниту постои систем како да се препознаат. Учениците што се оценети како напредни можат да прескокнат еден клас во одделенска и еден клас во предметна настава, да одат на додатна настава или во некоја училишна секција. Дополнителните курсеви, дообуки, патувања се одлуки и финансиска обврска на родителите.

Упатените во проблематиката велат дека потребите и развојот на надарените и талентираните деца се прашања од висок општествен, институционален и индивидуален приоритет. Проф. д-р Љупчо Кеверески е раководител на програмата за втор и трет циклус постдипломски студии од областа Образование на надарените и талентираните на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола. Тој вели дека нема посебни рецепти за успех. Сепак, има општи принципи, правила и стандарди кои треба да се почитуваат во процесот на препознавање, идентификација и работа со надарените и талентираните деца.
- Македонија можеби навистина е сиромашна држава, но богата со надарени и талентирани. Нашето општество треба да се откаже од практиката на „упросечување на надарените и талентираните“. Така ќе им се даде шанса вистинските лични и професионални вредности да бидат високо на пиедесталот на национални приоритети – вели тој.


Од Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки во Боцвана нашиот тим се врати со три бронзи

Пред осум години Бирото за развој на образованието направило истражување за да одговори на повеќе прашања на оваа тема. Спроведено кон крајот на 2010 година, во истражувањето биле вклучени наставници, стручни соработници и ученици од градски, приградски и селски населби од цела Македонија. Резултатите покажале дека само едно училиште има стратегија и тим за идентификација на надарените и талентираните ученици. Интересно е што дури 84 отсто од наставниците и високи 60 отсто од стручните работници сметаат дека не се обучени за работа со овие деца и чувствуваат потреба да се дообучат и доедуцираат.

Професорките д-р Виолета Арнаудова и д-р Елена Ачковска-Лешковска од Институтот за психологија при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ објавија книга „Надарено дете“ во која се осврнуваат на многу аспекти кои ги засегнуваат овие деца. Арнаудова вели дека фронталната форма на работа и нефлексибилниот наставен план и програма во редовната настава во училиштата во Македонија не соодветствуваат на специфичните потреби на надарените ученици.
- Со надарените ученици настава може да се изведува и индивидуално или во мали флексибилни групи, за кои наставникот изработува наставна програма и подготвува материјали за секој ученик, во согласност со процената за неговите способности и интереси – вели таа меѓу другото.


Лука Рајхл сонува да стане програмер

Во погорните одделенија или како средношколци овие ученици често одат на регионални и државни натпревари по повеќе предмети, освојуваат награди за постигнатите резултати. Ги селектираат да си ги измерат силите на светско ниво и ги испраќаат на меѓународни олимпијади. Тогаш почнуваат нови проблеми, секогаш финансиски. Не постои институција која обезбедува буџет за вакви натпревари и патувања. Така докрај е неизвесно заминувањето на овие натпревари од кои учениците редовно се враќаат со освоени медали. Сето ова влијае многу демотивирачки врз надарените и талентирани млади луѓе.

Многумина од нив денес се извонредни хемичари, физичари, математичари, лекари, информатички и електроинженери, научници. Родени се во Македонија, а работат во странство. Дел од нив затоа што Македонија едноставно нема капацитет да ги задоволи нивните интелектуални капацитети, но многумина затоа што не добиле шанса да останат тука.