Учениците во ЕФИС играат друштвени игри, се грижат за помалите, имаат социјален живот. Мобилните не им фалат на час

Учениците во ЕФИС играат друштвени игри, се грижат за помалите, имаат социјален живот. Мобилните не им фалат на час

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

„Шминката“ и маркетингот се работи што воопшто не ме засегаат. Родителите многу ценат кога имаат можност да присуствуваат на наставата и да видат како се одвива, на пример, часот по математика, географија или, пак, еден час во градинката, зашто најчесто тие се поканети кога имаме некаков „настан“, вели Лоран Изел, директор на Интернационалното француско училиште во Скопје

Пролетта е период вообичаено резервиран за франкофонијата во цел свет. Ни Македонија не е исклучок. Интересни настани во кои се вклучени ученици, нивните наставници, но и родителите се организираат во Француското интернационално училиште (ЕФИС), но и активности на отворено, предизвикувајќи воздишки и кај случајни минувачи.


Лоран Изел

Поразговаравме со директорот на ова училиште, Лоран Изел, кој е сосема нетипичен директор за македонски услови. На многу настани тој настапува со учениците од училиштето, свирејќи на гитара и пеејќи. Тема на годинашното одбележување на деновите на франкофонијата е патување, што ја предложи Францускиот институт.

- Секоја група од градинката и секое одделение од училиштето си го одредуваат своето патување, со помош на различни теми, од боите преку Африка, Азија, истражување на делата на познатиот детски автор Клод Бужон, патување низ времето и гастрономијата. Ова е тема со неограничено поле за работа! Најголемите предлагаат културно патување низ 19 век со фотографот Надар, потоа музичка прошетка во центарот на Скопје и на 4 април ќе ги пречекаме новинарите Жан-Арно Деран и Лоран Жислен, кои се поканети од Францускиот институт и швајцарската амбасада во земјава, кои ни овозможија да го искористиме нивното доаѓање. Со еден збор, многу богата и динамична програма - вели Изел.


Настап на отворено со учениците

Тој објаснува дека со сите настани што ги организираат се трудат да ја направат нивната институција и значењето на францускиот јазик повидливи. Но, најважен од сѐ му е напредокот во учењето на учениците со кои секојдневно работат.
- Овие проекти им овозможуваат на нашите ученици да напредуваат, но исто така покажуваат отвореност кон културата. И ако со сето ова им даваме желба на луѓето однадвор да ни се приклучат, тогаш нашата радост ќе биде уште поголема - посочува првиот човек на француското училиште.

Родителите да знаат какво секојдневие имаат децата на школо

Еден од начините за родителите одблиску да видат како нивните деца напредуваат се отворените средби со нив, кога тие учествуваат во наставата на децата. Ова се овозможува и во градинката и во училиштето со цел да се запознаат со францускиот образовен начин. Годинава овие средби ќе се одржуваат од 15 до 19 април.
- Најважно за мене e она што се случува во градинката и во училиштето, секојдневно, со учениците. „Шминката“ и маркетингот се работи што воопшто не ме засегаат. Родителите многу ценат кога имаат можност да присуствуваат на наставата и да видат како се одвива, на пример, часот по математика, географија или, пак, еден час во градинката, зашто најчесто тие се поканети кога имаме некаков „настан“. Но, многу е важно да се знае што се случува во секојдневието на еден ученик, начинот на учење, методите на работа, поради сето ова ние ги отвораме вратите за родителите - посочува Изел.

Пеењето е една од поомилените активности на учениците. Ученици на ЕФИС настапија во центарот на Скопје.
- Децата исто така вложија голем труд во истражувањата во врска со портретите на Надар, а потоа дискутираа меѓу себе. Истовремено тие сфатија дека вклучувањето и работењето на проекти е исто така еден од клучевите за успех: на овој начин тие се и креатори, а не само консументи. Во овие проекти, без разлика дали се прават во градинката или во училиштето, нашите ученици се креатори кои вложуваат во учењето и во колективната работа - објаснува директорот.



Од оваа учебна година Франција ја забрани употребата на мобилни телефони во училиштата. И Изел ја поздравува оваа одлука и смета дека е одлична. Тој смета дека со соодветен пристап во училиштата, на децата воопшто нема да им требаат телефоните.
- Забраната за употреба на мобилните телефони кај возрасните исто така би била одлична работа затоа што не се само децата зависни! Сметам дека идејата е интересна, иако понекогаш се смета за старомодна, дека во училиште не го правиме она што го правиме надвор, во секојдневниот живот: се отвораме за нови нешта, други култури и нови знаења. Учениците поминуваат доволно време пред екраните дома, на училиште можат да вложат повеќе труд. Може да им се предложат многу активности. Нашите ученици од предметната настава играат друштвени игри, фудбал, се грижат за другите ученици од другите одделенија - накратко, тие имаат социјален живот и никогаш не се депримирани.

Дали нашиот живот е важен ако нема кој да го „лајкне“

Во ЕФИС бројот на ученици во предметната настава што во моментов го имаме е мал и затоа забраната за употреба на телефони не претставуваше голем проблем. Но, овој проблем не го засега само училиштето, туку генерално социјалниот живот и начинот на кој секоја единка се организира. Ова е опширна тема за разговор. Сепак, мислам дека е важно да се размисли за оваа практика кај учениците - категоричен е Изел.

Тој со нашите читатели споделува случка која многу го натажила.
- Минатата недела во чекалница во една болница ми падна многу жал гледајќи родител како му го дава мобилниот телефон на своето 3-годишно дете, притоа не разменувајќи ниту еден збор во текот на тој еден час. Ова нè враќа на нашите сопствени практики. Екранот го купува мирот! Но, истовремено филтерот на телефонот можеме да го гледаме како естетска визија: уметноста се смета за повистинска од реалноста, самосликот би бил поавтентичен од пејзажот или споменикот гледано со наши очи? Дали екранот има поестетски филтер од уметничката слика или фотографијата? ...Можеме секогаш да си сонуваме... И во поглед на другите би постоеле ли ние без нашите „постови“ кои го покажуваат нашето постоење (кои се неизбежни)? Дали нашиот живот е важен ако нема кој да го „лајкне“? Како би можеле да ги заштитиме нашите деца кога возрасните покажуваат луда нарцисоидност со тоа што постојано го објавуваат - прашува Изел.
До крајот на учебната година во ЕФИС ќе организираат хуманитарна акција, планираат настава во природа, која најверојатно ќе ја реализираат во Отешево.
- Ќе имаме активности кои ги поврзуваат малите и големите преку математиката, читањето и природните науки. И, секако, традиционалната настава која бара многу размислување и подготовка. Не треба да се заборави дека едно одделение се подготвува и дека нашите практики треба да ги адаптираме на потребите на децата. А тоа не се прави така брзо и лесно - објаснува Изел.