Концертот за „Пинк Флојд“ што лани растури во Охрид на 18 јуни во Скопје

Концертот за „Пинк Флојд“ што лани растури во Охрид на 18 јуни во Скопје

Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Никој од нас не мислеше дека ќе привлече толкаво внимание. Не беше лесно да се долови гласот на Дејвид Гилмор и, воопшто, целиот бенд, вели пејачот Ѓоко Танески

Концертот посветен на легендарната група „Пинк Флојд“ со кој Ѓоко Танески и 11 други музичари лани ја одушевија публиката во Долни сарај - Охрид, на 18 јуни ќе биде изведен во Скопје. Делови од музичко-визуелниот спектакл таа вечер видоа многу повеќе луѓе од присутните. Речиси да немаше човек кој во живо не пренесуваше дел од концертот на социјалниот мрежи.

Музичарите веќе почнаа со пробите. Идентичниот концерт ќе биде изведен во летниот клуб „Епицентар“ во Градскиот парк, во организација на концертната агенција и продукција „3 Гонга“.

Танески вели дека воопшто не очекувале концертот во Охрид да помине спектакуларно.
- Никој од нас не мислеше дека ќе привлече толкаво внимание. Не беше лесно да се долови гласот на Дејвид Гилмор и, воопшто, целиот бенд. Таа слика на „Пинк Флојд“ не може да се долови, но мислам дека звучевме добро. Немаше еден незадоволен. Од тоа бевме фрапирани - вели Танески.



Идејата за целиот проект NUMB – Tribute to Pink Floyd е на гитаристот Анатоли Арнаудоски, фронтмен на некогашната група Frontal cortex, кој долги години настапува со Танески. Shine on your crazy diamond, Learning to fly, Hey you, Another brick in the wall и уште десетина хитови во Скопје ќе ги изведат: Танески (вокал), Арнаудоски (гитара), Димитри Алчев (гитара и вокал), Ѓорѓи Калајџиевски (тапани), Владимир Кречоски (бас-гитара), Никола Јосифоски (синтисајзери), Ангелко Јовчески (перкусии), Горан Папазоски (саксофон), Ѓоко Танески (вокал) и Ана Костадиновска, Сара Николовска и Весна Илиќ-Павловска како придружни вокали.

За визуелниот дел на концертот се одговорни „ДВД 5 продукција“. Александар Пејчиновски од „3 Гонга“ вели дека концертот и визуелно ќе биде идентичен како тој во Охрид.



- Има потреба од вакви концерти на нашата музичка сцена. Тоа му недостига на Скопје.
Ѓоко Танески со бендот ќе настапи на сцена од 9 на 4 метри, што е реткост за клупски простор. Визуелните ефекти ќе бидат идентични како тие во Охрид - вели Пејчиновски.

„Епицентар“ се наоѓа на местото на старото ракометно игралиште и собира околу 800 луѓе. Просторот има и бекстејџ, опремен е со професионална звучна и светлоста опрема. Идејата е секој вторник да се случува по еден ваков концерт, на домашни и на странски музичари. Концертите ќе почнуваат во 21 часот иако просторот е ноќен клуб.

Билети за концертот може да се купат на продажната мрежа на Купи Карти За Се.