Димитар Ташковски, декан на ФЕИТ: Создаваме инженери-иноватори и претприемачи

Димитар Ташковски, декан на ФЕИТ: Создаваме инженери-иноватори и претприемачи

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Најмногу се гордееме со нашите студенти и успехот што го постигнуваат. Над 8.000 дипломирани инженери, 750 магистри и 110 доктори на наука давале и даваат придонес во развојот на општеството

Предизвиците во образованието на инженерите денес се посложени од кога било: треба да подготвувате студенти за работни места кои сè уште не постојат и да решаваат проблеми кои сè уште не се дефинирани. Затоа на Факултетот за електротехника и информациски технологии ги вклучуваме студентите во проектни активности кои се организираат со компаниите, при што студентите решаваат реални проблеми, односно го имплементираме концептот учење базирано на решавање проблеми, вели проф. д-р Димитар Ташковски, декан на ФЕИТ.

Од прославата на 60-годишнината од основањето на факултетот

Во минатото препознатлив како ЕТФ, денес ФЕИТ низ целата година одбележува 60 години од основањето. Кои се најголемите достигнувања на оваа високообразовна институција во изминатите шест децении?

- По полни шест децении, Факултетот за електротехника и информациски технологии прерасна во една од водечките високообразовни институции во државата и во регионот. Ваквата позиција е резултат на придонесот на голем број генeрации вработени, кои го вложиле и го вложуваат својот личен, наставен и научен капацитет во развојот на факултетот. Врз основа на воспоставените пракси на нашите претходници кои го градеа факултетот во изминатите 60 години, пред 5 години го воведовме ISO 9001 стандардот во нашата работа. Горди сме што може да кажеме дека сме единствениот факултет со стандард ISO 9001-2008 во сите дејности на дејствување (високообразовната, научноистражувачката и применетата дејност). Тоа овозможува континуирано следење на квалитетот на студиските програми, ефикасноста на студирањетo, оценувањетo на сите учесници во наставната, апликативната и научноистражувачката работа, стручно-административните и техничките служби и менаџментот.

Во делот на образовната дејност, при последната акредитација на студиските програми ги следевме препораките на германската агенција за акредитација на студиски програми од областа на електротехниката и информациските технологии - ASIIN. За да овозможиме поголеми практични знаења и дополнителни вештини за своите студенти, склучивме договори со неколку светски познати академии, како: LabVIEW, Microsoft, Palo Alto и веќе неколку години во процесот на наставата соработуваме со компании, со што се имплементира концептот „учење базирано на проблеми“. На овој начин студентите на ФЕИТ добиваат знаење и вештини кои им овозможуваат брзо понатамошно учење, напредување, поврзување на различни технологии и концепти.

Во делот на научноистражувачката дејност, годишно имаме триесетина трудови со фактор на влијание, стотина трудови во списанија и конференции годишно, десетина активни меѓународни проекти секоја година (од NАТО програмата, Horizon2020, IPA, Erasmus +, ...) со просечен годишен приход од околу 700 илјади евра и околу 2 милиона евра опрема обезбедена од проекти во последните пет години. И големиот број признанија за кадарот се доволен индикатор дека ФЕИТ е еден од лидерите во научноистражувачката дејност во државата. Дополнително, неколкуте основани спиноф-компании и договорите за договорно истражување со домашни и меѓународни компании недвосмислено покажуваат дека ФЕИТ има капацитет и за применето истражување.



Од промоцијата на магистрите за 2019 година

Сите овие податоци покажуваат дека факултетот ги остварува и развива сите свои дејности на високо ниво. Сепак, најмногу се гордееме со нашите студенти и успехот што го постигнуваат. Над 8.000 дипломирани инженери, 750 магистри и 110 доктори на наука давале и даваат придонес во развојот на општеството. Нивната стручна подготвеност и вредностите што ги носат во домашната и меѓународната економија, како и спремноста на компаниите, континуирано да вработуваат наши студенти се најголема потврда за квалитетот на ФЕИТ.

Во пресрет на уписите во новата академска 2019/2020 година, што ФЕИТ ќе им понуди на новите студенти?

- Предизвиците во образованието на инженерите денес се посложени од кога било: треба да подготвувате студенти за работни места кои сè уште не постојат и да решаваат проблеми кои сè уште не се дефинирани. На ФЕИТ сметаме дека покрај добрата базична подготовка со знаења од областите на електротехниката и информациските технологии, потребна е и подготовка на студентите за стекнување и примена на нови знаења и вештини. Затоа ги вклучуваме студентите во проектни активности кои се организираат со компаниите, при што студентите решаваат реални проблеми, односно го имплементираме концептот учење базирано на решавање проблеми.

Нашето досегашно искуство потврдува дека студенти од ФЕИТ без проблем ги продолжуваат студиите на реномирани универзитети во странство, многу брзо се приспособуваат на потребите на стопанството и лесно се вклопуваат во различни работни средини. Ова е најдобра потврда за квалитетот на студиите на ФЕИТ. Но, следејќи ги новите трендови во високото образование во светот, сакаме да ги подготвиме студентите и како да ги трансформираат нивните идеи во нови производи, да наоѓаат нови решенија за глобални проблеми и да креираат сопствени бизниси и иновативно општество. Затоа и креираме и програми и активности каде што студентите можат да ги реализираат своите иновативни идеи и каде што ќе се охрабрат да формираат стартап-компании и производи кои ќе бидат меѓународни познати. Во тек е програмата INNO SAE (Innovation in Smart Anything Everywhere) каде што 8 интердисциплинарни тимови на студенти од различни факултети на УКИМ работат на реализација на нивните иновативни идеи.

Проф. д-р Димитар Ташковски

Комбинацијата од класично учење со различни форми на учење базирано на решавање проблеми дефинирани со нашите стопански партнери, можноста за професионални пракси, иновативни проекти се нешта што ги нудиме за да ги подготвиме студентите да можат да се носат со брзите технолошки промени и глобалните барања на индустријата.

На кои програми има најголем интерес за запишување?

- Поради актуелноста на областите што ги покриваат, имаме речиси еднаков интерес за сите седум студиски програми. Денес реално областите како електроника, компјутерско инженерство, автоматика, телекомуникации, енергетика се препокриваат и интердисциплинарноста стапува на сцена. Актуелни дисциплини кои ги развиваме се роботика, вградливи микрокомпјутерски системи, вештачка интелигенција, 5G, IoT, обновливи извори на енергија, електромобилност, што во принцип бара една поголема интердисциплинарност и соработка. Анализите покажуваат дека сè поголема ќе биде потребата за инженери со познавања и од хардвер и од софтвер. Затоа постојано се приспособуваме на таквите барања на индустријата. Неопходно е и студиските програми да бидат флексибилни и постојано да се менуваат и усогласуваат. Така се креирани и студиските програми на ФЕИТ кои ги реакредитиравме пред две години. Ги правевме по европски стандарди и во блиска соработка со индустријата. Студентите во првите две години ги добиваат основните познавања од базичните области на електротехниката и информациските технологии, а потоа во зависност од нивните желби и афинитети се насочуваат во одредени области. Имаме голем број изборни предмети во трета и четврта година. Дополнително, студентите можат да одберат и предмети од други студиски програми за да го креираат своето образование според нивните потреби и, секако, според потребите на општеството.

Лани речиси ниеден факултет не ја пополни квотата во првиот уписен рок. Каква е состојбата на ФЕИТ? Колку сте задоволни од интересот?

- Во услови кога имате околу 25.000 слободни места на универзитетите во државата, а околу 15.500 ученици кои полагале матура, се поставува прашањето за релевантноста на квотите. Нашите просторни и кадровски потенцијали за квалитетно изведување на наставата се оптимални за околу 350 нови студенти. И ние тоа го постигнуваме години наназад. Она што повеќе ни значи е квалитетот на идните студенти. Горди сме што најдобрите матуранти се запишуваат на ФЕИТ.

ИНОФЕИТ, од неодамна и Лабораторијата за 5G... Што значат искуството и праксата што ги стекнуваат студентите додека студираат?

- Веќе споменав, наша определба е да создаваме инженери кои ќе дизајнираат и имплементираат практични решенија за општествените проблеми, ќе бидат идните иноватори и претприемачи. Затоа практичната работа денес е поважни од кога било. Се трудиме да обезбедиме услови за нашите студенти за практични работи како додаток на нивното теоретско знаење. Континуирано ги надградуваме нашите лаборатории кои им се на располагање на студентите. Лабораторијата за 5G е само една од новите лаборатории. Лабораториите за компјутерски мрежи, за роботика, за автоматика, релејна заштита, фотоволтаична централа со систем за акумулирање енергија се нови или надградени лаборатории кои се набавени и ставени на располагање на студентите само во последната година. Освен нашите лаборатории, правиме напори да користиме опрема и технологии со кои располага индустријата. Дел од практичната работа се изведува и кај нашите партнери од индустријата. Радува фактот што се зголемува и интересот на индустријата за ваков тип соработка.



Ако до пред некоја година оваа соработка главно се реализираше преку задолжителната практична работа на студентите во летниот период, во последните неколку години соработката значително се продлабочува. За тоа големо влијание имаше и новоформираниот Центар за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ. За краток период се склучени неколку договори со компании за договорно истражување, договори за краткорочни услуги за компании, за истражувања во кои се вклучени студентите на додипломски и магистерски студии и конечно, дефинирани се голем број проекти со компании на кои работат студентите во рамките на дадени предмети. Реалните практични знаења, новите вештини, искуството за тимска работа кои ги добиваат студентите преку оваа соработка секако ќе ги зголемат нивните можности за подобра стартна позиција на пазарот на трудот.

Во однос на долгорочната стратегија, кои се вашите планови како деканатска управа и како факултет?

- Со оглед на нашата примарна дејност, главен приоритет и понатаму ќе бидат студентите: создавање квалитетни студенти кои ќе му помогнат на општеството и ќе влијаат на науката. Како и сите современи европски факултети, ќе продолжиме да ја реализираме и нашата трета мисија: покрај едукацијата и науката, ќе посветуваме големо внимание на врската со општеството, преку трансфер на технологии и знаење и иновации. Имаме одлични студенти кои сакаат технолошки и иновативни предизвици, кои не се задоволуваат со работа во администрација и услужни дејности и мора да направиме предуслови да ги задржиме во Македонија. Во таа насока, голем дел од плановите се поврзани со ИНОФЕИТ. Наша визија е тој да прерасне во регионален центар на извонредност во делот на ИКТ, енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Анализата на Европската инвестициска банка покажа дека имаме капацитет, а Банката направи и детален развоен и бизнис-план. Планираме, по три години, во Центарот да има околу 25 докторанди-истражувачи, меѓу кои и одреден број наши колеги кои сега работат во меѓународни институции. Тоа би било јадрото за технолошкиот развој на државата. Нивното присуство во државата ќе има долгорочно влијание врз сите сегменти бидејќи нема дилема дека развојот на една држава во голема мера е диктиран од технолошките иновации.