Поради стресот и тензијата дома, учениците се празнат во училиште

Поради стресот и тензијата дома, учениците се празнат во училиште

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Последниот инцидент во средното училиште „Св. Наум Охридски“ од Охрид, во кој ученик со гасен пиштол пукаше во сoученик, а потоа во себе, повторно го отвори прашањето колку учениците се безбедни во училиштата и колку е сериозно врсничкото насилство

Врсничкото насилство во училиштата е многу поприсутно отколку што се зборува во јавноста, велат психолозите. Последниот инцидент во средното училиште „Св. Наум Охридски“ од Охрид, во кој ученик со гасен пиштол пукаше во сoученик, а потоа во себе, повторно го отвори прашањето колку учениците се безбедни во училиштата и колку е сериозно врсничкото насилство?
Што треба да му се врти во главата на едно дете и со какви проблеми треба да се соочува за да нападне некој друг, особено дете што е окарактеризирано како мирно и повлечено? Психологот Лидија Зорба вели дека насилството меѓу учениците обично се поврзува со две причини, односно се раѓа на две места.
- Првото е домот, домашните услови, дисфункционално семејство, средина во која има насилство, психичко или физичко. А знаеме дека насилството во семејствата е во пораст, тоа го потврдуваат сите статистики. Таа семејна атмосфера, тензијата и стресот што ги чувствуваат децата во семејството се пренесуваат и надвор. Начинот на кој реагираат родителите меѓу себе и кон децата, тие го учат и го практикуваат и во училиштата и на другите места каде што се движат - вели Зорба.



Проблемите се решаваат административно

Второто место каде што исто така има психичко и физичко насилство е училиштето. Зорба смета дека има многу повеќе насилство во училиштата отколку што се известува јавноста.
- Децата се тепаат меѓу себе, но се малтретираат и на разни други начини. За жал, кај нас школските педагози и психолози административно ги решаваат овие проблеми. Го евидентираат случајот, го праќаат детето кај службите, ќе ги известат родителите и тука завршува приказната - објаснува Зорба.
Затоа смета дека е потребна планирана, долгорочна едукација на психолозите, педагозите и наставниот кадар за тоа што сѐ треба да се направи прво за да се детектира проблемот, а потоа како да се постапи.
- Меѓу другото, треба да се има и постојан увид во семејната состојба на учениците кои пројавуваат проблематично однесување од типот насилно однесување. Ако има лоша семејна состојба, треба да се вклучи и социјален работник. Педагогот и психологот може да реагираат до одреден степен во училишната средина, но сепак немаат ингеренции да влезат во домот - вели таа.


Психолог Лидија Зорба

Училиштата имаат одговорност

Потребен е еден мултидисциплинарен систем во решавањето на овој проблем.
- Училиштата секако дека имаат одговорност за она што се случува. Но, тие треба да работат превентивно, кога ќе имаат дојава, сведоци за некакво насилство или малтретирање, да реагираат веднаш и превентивно, а не да чекаат да се случи некој инцидент. Кај нас се работи реактивно. Се случува проблемот, па потоа има мерки. Но, треба да се работи обратно. Ако се детектира некоја ваква појава, треба да се реагира пред да ескалира - објаснува психологот.
Според неа, потребни се и обуки за наставниците, професионалци да ги научат како да ги препознаваат знаците, тие ученици, тие моменти, како веднаш да реагираат.
- Можеби наставниците не ги препознаваат учениците што трпат врсничко насилство. Ако станува збор за малолетници, секако дека треба првично да се реагира кај родителите и точно да се види каде е проблемот.

Зорба советува и да се подобри моделот на образование, акцентот да се стави на воспитувањето.
- Основно и средно школо се и воспитни институции. А некако се занемарува таа функција. Врсничкото насилство е многу сериозно, мора да создадеме систем кој ќе го решава овој проблем, а не парцијално да се решаваат случаите - завршува Зорба.