На 37. ден од почетокот на учебната година бевме почестени со точни и разбирливи зборови. Тогаш првпат ни откри дека ги препознава боите. Откривме дека во говорот користи членувани именки, раскажува Иле Михајловски, одделенски наставник во училиштето „Кирил и Методиј“
Кога го сретна Максим, пред пет години, наставникот Иле презеде нова генерација првачиња. Со своите седум, Максим беше една година постар од останатите 19 дечиња, кои денес не му се само соученици, туку и другари и голема поддршка во секојдневието. На документот за здравствената состојба на Максим пишувало дека се препорачува да биде запишан инклузивно во прво одделение, со индивидуален приод во наставата и наставните содржини.
Ова е приказната на наставникот Иле Михајловски од Основното училиште „Кирил и Методиј“ во Свети Николе и Максим, ученик со аутизам. Името Максим е псевдоним, по случаен избор. Низ искуството на Михајловски ја раскажуваме нивната петгодишна приказна, предизвиците со кои се соочувале, битките што ги извојувале заедно. Не само тие двајца, туку целото одделение.
Другарите - најголема поддршка во секојдневието
- Се сретнавме пред 5 години. Тогаш имаше 7 години, бидејќи претходната година не беше запишан во прво одделение. Изборот да биде запишан во прво одделение беше мој. На документот за неговата состојба беше даден предлог да биде запишан инклузивно. Кај лицата со аутистичен спектар на однесување нема мерливост. Секој случај е различен. Максим имаше ограничен говор, повлеченост, отсуство во комуникација, на координација на телото, рацете и нозете, проблеми во графомоториката, говор составен само од именки, необични реакции на сензорни дразби, стереотипни и репетитивни моторички манири – се навраќа Михајловски на почетоците, кога го првпат го сретнал Максим.
Наставникот Иле Михајловски со учениците
Првите денови бил целосно повлечен во себе, без видлива потреба за социјална интеракција и комуникација со наставникот или со другарчињата. Кога ќе почувствувал потреба за зборување, тоа најчесто биле неразбирливи поими и зборови, научени фрази и зборови кои немале никаква поврзаност, ниту биле обид за комуникација.
- На 37. ден од почетокот на учебната година бевме почестени со точни и разбирливи зборови. Тогаш првпат ни откри дека ги препознава боите. Откривме дека во говорот користи членувани именки – раскажува Михајловски.
Процес кој има свој почеток, но нема крај
Во првите три години Максим ја следел наставата без придружба. Неколкупати се обиделе на часовите да присуствува родител, но се покажало како некорисен модел на придружба. Едноставно, неговото внимание повеќе било насочено кон родителот отколку кон наставата. Во последните две години Максим има личен асистент кој најмногу помага да се задоволат неговите лични потреби на часовите и одморите и делумно во завршувањето на задачите на часовите.
Работата првенствено значеше да се учи од Максим: наставникот Иле Михајловски
Наставникот Иле објаснува дека изборот да го прифати Максим во новото одделение не бил случаен.
- Како наставник, првпат работам со ученик со аутистичен спектар на однесување. Но, низ годините посетував повеќе европски и балкански обуки на тема инклузија и работа со деца со посебни потреби. Од 1999 до 2006 година го имав отворено првиот дневен центар за работа со деца со посебни потреби во Свети Николе. Стекнатото искуство и обуките во странство ми беа основа и предизвик да го прифатам во моето одделение и да работам со него – раскажува наставникот.
Совладување на наставниот материјал
Работниот ден, наставата, совладувањето на наставниот материјал со Максим се одвивале на сосема поинаков начин од наставата со другите деца.
- Работата првенствено значеше да се учи од него. Да се откриваат неговите интереси, мотивација, што му го привлекува или одбива вниманието. Да се откријат неговите способности и можности, слаби и силни страни. Колку повеќе учев од него за него, полесно умеев да го адаптирам начинот на работа со него. Ова е долг процес, на моменти тежок и непредвидлив затоа што секогаш има повеќе прашања отколку добиени одговори. Процес кој има свој почеток, но нема крај. Максим секојдневно открива некој дел од себе кој претходно не сум го знаел – објаснува Михајловски.
Процесот на учење
Иако тој со леснотија го раскажува своето искуство, во ниеден момент не треба да ја сфатиме инклузијата како едноставен начин на спроведување на наставата. Во процесот не се опфатени само наставникот и детето со попреченост, туку и останатите деца, родителите, вработените во училиштето.
- Би лажел ако речам дека е лесно. Аутистичен спектар на однесување подразбира и спектар на тешкотии со кои секојдневно се сретнувам. Прилично е тешко да им објасниш на шестгодишни првачиња што е аутизам и зошто нивното другарче се однесува различно. Да ја елиминираш можноста дечињата да го копираат однесувањето на нивното другарче со аутизам е голема одговорност и тежина. Не треба да го прифатат само соучениците, туку и нивните родители, како еднаков член во одделението. Тоа е вториот тежок чекор уште на почетокот во работата. Сепак, ме радува фактот што училиштето во кое работам има повеќе успешни приказни за инклузивно образование – раскажува наставникот Иле.
Инклузивното образование има свои граници што треба да се почитуваат
Во првите три години, додека немале придружба и асистент во наставата, требало да се балансира буквално секој наставен час – да се задоволат личните, физиолошките потреби на Максим. Како на часовите, така и на одморите. Да се реагира правилно и ефективно кога ќе се појават панични или напади на плачење и викање. Постојано да си подготвен за некој нов момент што не го очекуваш - на час, на одмор, на прошетка, на посета, во театар, на претстава, во кино...
- Едноставно, секој ден е одење на работа со вклучени сите аларми во тебе за да можеш да реагираш адекватно, ефективно и пред сè смирено пред сите ученици – објаснува наставникот.
Максим препознава 2Д и 3Д-форми
Максим денес е петто одделение. Во второ одделение успеал да го совлада кирилското писмо (читање и пишување), да препознава броеви. Во трето одделение го совладал латиничното писмо (читање и пишување), препознавање 2Д и 3Д-форми, одреден дел од материјалот по природни науки, општество и вештините.
- Во поглед на социјализацијата, во училницата е сосема опуштен и свој. Се охрабрува во интеракцијата со другите деца. Дел од учениците ги препознава по име, самостојно се приближува до сите ученици за да оствари некаков контакт – раскажува наставникот Иле.
Максим ги совладал пишувањето и читањето
Максим годинава ја завршува одделенската настава, во која има контакт со еден одделенски наставник и три предметни наставници. Неговите соученици од септември ќе се соочат со нов предизвик – предметна настава, со повеќе наставници. Дали Максим е подготвен за тоа? Според Михајловски, во овој момент тој тешко ќе ја следи наставата во повисоките одделенија.
- Со него сум веќе пет години и точно знам што и колку е постигнато. Максим сè уште не е подготвен да ја следи наставата во повисоките одделенија. Програмата е многу обемна, има многу наставни предмети со тешки содржини. Инклузивното образование има свои граници што треба да се почитуваат за да има ефект самото образование. Нема никаков позитивен ефект врз ученикот со аутистичен спектар на однесување ако само се пренесува од едно во друго одделение. И адаптирањето на содржините што треба да се совладаат има свои граници. Напредувањето во повисоките одделенија најмногу зависи од самиот аутистичен спектар, дали ученикот може да напредува во повисоко одделение. За успешно инклузивно образование во текот на основното образование, па и понатаму, потребни се сериозни промени во програмите, наставните предмети, бројот на часови. За напредок во повисоките одделенија, особено е важна потребата од адаптирани учебници, обучени предметни наставници за инклузивно образование, голем избор на дидактички адаптирани материјали и содржини, адекватни училници, сензорни соби. Доколку сево ова не биде обезбедено, инклузивното образование може да биде штетно за ученикот, а никако корисно – вели Михајловски.
Продолжува: Наставник подготвува водич за работа со ученици со аутизам: Во Македонија никогаш немало учебници за деца со посебни потреби