Њујорк веќе не е сон. Виолинистот Александар Иванов го почнува првиот семестар на „Џулијард“
Подготвил:
Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Покрај дополнувањето на стипендијата за „Џулијард“ на Иванов, МОН одобрило и стипендии за кандидати што се примени на Филмската академија за изведувачки уметности (ФАМУ) во Прага и на „Беркли“ и „Лојола“ во САД
Младиот виолинист Александар Иванов е во Њујорк и се подготвува да ги почне студиите на „Џулијард“, една од најпрестижните музички школи во светот. Тој е еден од четворицата млади и талентирани Македонци што се запишаа на врвните уметнички школи и факултети во светот и добија поддршка од Министерството за образование и наука. Во МОН стигнале пет пријави, но една не ги исполнувала условите, велат од ресорното министерство.
Фото: Wikipedia
Младиот Александар доби највисока стипендија од „Џулијард“ – 75 отсто од вкупната школарина. Иако конкурираше во МОН за допoлнување на стипендијата, неговиот предмет не беше земен предвид бидејќи „Џулијард“ не беше на Шангајската листа со 100 најдобри факултети во светот. Уметничките школи и факултети не се рангираат според оваа листа. По пишувањата
на Факултети.мк и на повеќе македонски медиуми за случајот на Александар Иванов, Владата на почетокот од летово донесе итни измени и дополнување на Програмата за остварување и развој на дејноста во студентскиот стандард за 2019 година. Така се овозможија услови и МОН го објави
конкурсот за доделување стипендии за додипломски студии од прв циклус во странство од областите на ликовната уметност, кинематографија и филмска продукција, драмската уметност и музиката за академската 2019/2020 година.
- Веќе сум во Њујорк. Останатиот дел од стипендијата што ми недостигаше веќе ми е одобрен од МОН. Сепак, првиот семестар ќе го почнам со средства што ги позајмија моите родители, а кои понатаму ќе бидат рефундирани од МОН. Благодарен сум им на сите што се вклучија да се најде решение за мојата ситуација. Особено сум среќен што мојата држава и во ваков турбулентен период покажа огромно разбирање и слух за младите талентирани уметници - вели Александар за Факултети.мк.
Александар Иванов / Фото: Маја Аргакијева
Покрај дополнувањето на стипендијата за „Џулијард“ на Иванов, МОН одобрило и стипендии за кандидати што се примени на Филмската академија за изведувачки уметности (ФАМУ) во Прага и на „Беркли“ и „Лојола“ во САД.
- Имаше уште една пријава што не ги исполнуваше услови. Следува потпишување на договорите со стипендистите - велат од МОН.
Александар минататa недела се сместил во домот на „Џулијард“ и ги почнува подготовките за првиот семестар. Вели дека студирањето на „Џулијард“ е сон на секој инструменталист во светот.
- За еден музичар да заврши на „Џулијард“ е исто што и студирањето на „Харвард“ за еден правник - вели тој.
На прашањето што очекува од студирањето и каде се гледа себеси за десет години, Александар вели:
- Едно се желбите и соништата, но реалноста е нешто друго. За да станат соништата реалност, потребно е буквално да ви се поклопат сите коцки. Работите никогаш не зависат 100 отсто од нас.