Сања дипломирала со просек 9,67 на Архитектонски: Нема одложување на обврските, така се станува најдобар
Подготвил:
Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk
Архитектурата значи тимска работа, a студирањето архитектура значи поминување на 90 проценти од денот со колеги. Работата во тим ме научи да бидам потолерантна со другите и да знам да го вреднувам и прифаќам туѓото мислење - вели Сања
Дипломирала во 2018 година како најдобра студентка на Архитектонскиот факултет во Скопје со просек 9,67. Никакви привилегии не ѝ донел овој голем успех, дури заради финансиски средства не можела да си го оствари својот сон за продолжување на обарзованието во странство, иако веќе била примена на програма во Холандија.
Сања со колегите
Ова е приказната за Сања Аврамоска, која вели дека иако звучи како клише, но за да се постигне највисок успех на
Aрхитектонски факултет, не е доволно само талент и малку работа - потребна е секојдневна посветеност и редовно завршување на обврските.
- Ова значи дека не треба да се одложуваат работите од денес за утре. Самиот факултет носи едно динамично темпо на функционирање, така што само на овој начин може да се биде во тек со секоја нова задача. Архитектурата подразбира и бара постојано унапредување на целокупната личност на архитектот, сѐ со цел негова техничка подготвеност да се одговори на задачата. Истовремено, архитектот мора да биде критичар и креативец, подготвен во сѐ да бара инспирација и во сѐ да препознае архитектура... За сето тоа е потребна и голема мотивираност секогаш да бидете на врвот на задачата и да се трудите да бидете подобри од претходно и да поставувате повисоки стандарди за себе. Не за џабе се пишува дека студентите по архитектура се највредни - за време на факултетот се стекнува таа работна навика која важи за цел живот, а не само за студиите, затоа што нема друг начин на кој би функционирал еден архитект кој сака да биде успешен во она што го работи – вели Сања.
Што најмногу Ве радуваше за време на студиите? Имавте ли убава соработка со колегите и со професорите?
- Mислам дека најголемо задоволство за секој студент по архитектура е успешно завршен проект, во кој е вложено многу време во процес на истражување, креативно размислување и работа за истиот да се презентира најдобро што може. Факултетот ќе го паметам по добра соработка и со колегите и со професорите. „Процесот е поважен од резултатот“, па оваа соработка е исклучително важна, бидејќи само на тој начин можат да се извлечат најдобрите идеи и поуки. Архитектурата значи тимска работа, a студирањето архитектура значи поминување на 90 проценти од денот со колеги. Работата во тим ме научи да бидам потолерантна со другите и да знам да го вреднувам и прифаќам туѓото мислење, а со цел секогаш да се заврши еден успешен проект. Би рекла дека една од најпозитивните работи во студирањето архитектура е секојдневното дружење со колегите преку учење и работа, од што произлегуваат најубавите пријателства.
Што би им препорачале на матурантите кои сакаат да се запишат на Архитектонски факултет?
- Бидејќи се работи за факултет за кој е потребна голема посветеност и откажување од слободното време, би рекла дека на Архитектонски треба да се запишат оние матуранти кои се решителни дека тоа е професијата која сакаат да ја работат, тие што имаат талент, упорност и желба за тоа. После запишувањето на факултет истите тие ќе бидат со архитектурата 24/7. За тие кои ќе се пронајдат во ова, јас од сé срце би им препорачала да се запишат на Архитектонски. Но, доколку идните студенти не се спремни на тоа, тогаш подобро да размислат за идната професија за таа да не стане измачување за нив.
Има ли некоја посебна причина зошто се одлучивте да студирате архитектура?
- Уште како мала имав потреба од креативно изразување, а тоа го правев преку различни цртежи, модели од хартија. Во средно учествував во ликовен клуб, но во исто време имав склоност кон техничките и природните науки. Кога размислував за тоа која дисциплина најдобро ги спојува овие мои интереси, заклучив дека архитектурата е нешто во што јас се пронаоѓам. После запишувањето на факултетот мојот избор се покажа дека бил вистинскиот.
Имавте ли омилени професори или такви чии предавања не сакавте да ги пропуштате?
- Немав омилен професор од факултет, но секако дека многу од нив ми беа инспирација и пример. Како еден од најинспиративните професори би го спомнала професор Хаџи Пуља, како и професорката Касапова чии предавања секогаш го привлекуваа вниманието на студентите.
Што најмногу Ве привлекува во оваа област, што најмногу сакате да работите?
- Секој проект носи своја тежина а со самото тоа и предизвик. Ги сакам и „малите“ и „големите“ проекти, од уредување на ентериер до урбанистички план. Убавината во оваа професија е разновидноста на задачите кои ги добиваме, а како и секој архитект омилени ми се оние проекти кои ми овозможуваат слобода во размислувањето и изразувањето.
Ви донесе ли некои привилегии тоа што бевте прогласени за најдобар студент?
- Прогласувањето за најдобар студент не ми донесе некои конкретни привилегии како што, всушност, би требало да функционира тоа.
Какви се Вашите идни планови во врска со унапредување на знаењето?
- Кога бев при крај со студиите аплицирав и бев примена на пост-мастер програма во ТУ Делфт, Холандија која самостојно не можев да ја финансирам. За жал стипендијата која ја дава факултетот беше укината за програмата на која јас бев примена, а не добив стипендија ниту од нашето Министерство за образование, така што мојот план за унапредување надвор од државата сé уште не се остварил. Решив моето работно искуство да го започнам тука и во моментот работам како архитект во приватна фирма во Скопје.
Од денешен аспект, кои се добрите, а кои слабите страни на македонското образование?
- Една од добрите страни е тоа што финансиски, образование може да си овозможи речиси секој кој решил да заврши високо образование, во споредба со останати држави во светот. Освен тоа, квотите на студенти кои факултетите ги примаат не се големи, така што истите тие студенти можат да добијат целосно внимание од факултетските професори, а не да бидат целосно препуштени самите на себе како што е случајот со факултети кои примаат илјадници студенти по квота. Но, од друга страна, би рекла дека слаби страни има повеќе. Една е неопременоста на факултетите, потоа недоволно практични вежби и демонстрации, а фокусирање на теорија како и недоволното посветување за да се подготват студентите за она што ги чека надвор од факултетот. Сепак, мислам дека главна маана на денешното високо образование во Македонија се ниските критериуми и фактот што со диплома се стекнуваат несоодветни кадри.