Од 7 до 9 март во гимназијата „Никола Карев“ во Скопје ученици ќе ја реализираат втората манифестација „Три дена култура“, во која стотина млади ќе се изразат низ музика, филм, фотографија
За повеќето средношколци е нормално да сакаат часовите да им завршат што побрзо за да ја продолжат дружбата со своите врсници. Но, има и такви што едвај чекаат да им завршат часовите, но за да останат во своето училиште и да продолжат во заедничко создавање музика. Ова е секојдневие на десетици млади во гимназијата „Никола Карев“ од Скопје. Тие си имаат неколку музички бендови со кои настапуваат на манифестации што ги организира училиштето или настани што самите ги прават. Од лани нив ги обединува името
„Арт хаус Карев“, платформа во која можат да се вклучат сите средношколци што имаат љубов кон уметноста – музиката, филмот, фотографијата.
Младите слободно да се изразуваат
Десетина средношколци со жар кон музиката нè пречекаа во нивното катче во скопската гимназија, заедно со нивната наставничка Емилија Ристановска, која две децении предава музичка уметност.
Љубовта кон оваа професија и многубројните дополнителни часови што оваа наставничка им ги посветува на тинејџерите се гледаат во нивниот ентузијазам. Во изминатиот период тие беа посветени на подготовката на манифестацијата „Три дена култура“, која ќе се реализира од 7 до 9 март на нивен „терен“, во гимназијата „Никола Карев“.
Ивана, Филип, Рамона се само дел од тимот што се посвети на манифестацијата, на која ќе учествуваат нивни врсници од повеќе гимназии, а ќе им гостува и Првата белградска гимназија, која ќе учествува со свој филм и со настап на музички бенд.
Оваа манифестација се одржува по втор пат, а ќе настапат 12 бенда.
- Целта на настанот е да повикаме колку што може повеќе млади да се изразуваат послободно, да не бидат ограничувани од родители, од професори, да создаваат уметност слободно. Сакаме на публиката да ѝ покажеме како се изразуваат преку фотографија, театарска претстава, музика. Ни се пријави и бенд од Охрид, и тоа многу нè радува. Ќе учествуваат бендови од скопските гимназии „Орце Николов“, „Раде Јовковски-Корчагин“, три бенда од нашето школо - вели Рамона.
Емилија Ристановска
Учениците се благодарни за поддршката од нивните наставници. Најмногу на Ристановска, која е ментор на бендовите што постојат дузина години во ова школо.
Филип веќе е студент на ЕСРА, но не е откажува од дружбата со средношколците од „Арт хаус Карев“.
- Тоа што е убаво дека самите се организираме во сѐ. После првото издание на „Три дена култура“ лани сфативме дека треба да имаме една организација која ќе има цел да ги организира, осмислува и реализира културните настани во нашето училиште. Ја нарековме „Арт хаус Карев“, а нејзиниот почеток го означивме со настанот „Свирложба“, кој веќе осум години се одржува во нашето училиште. „Свирложба“ е можеби нашата лична карта.Т оа е уметнички перформанс на учениците од јазично-уметничк Б-смер во кој се испреплетуваат сите уметности - музика, ликовна уметност, театарски монолози, танц - вели Филип.
Рамона (лево), Филип и Ивана помагаат во организацијата на „Три дена култура“
Ваквите настани и активности на учениците се дел од формалното образование, односно вака треба да изгледа формалното образование, категорична е наставничката Ристановска.
- Принципот на бендовите на „Карев“, секогаш кога почнуваат да функционираат, е да работат кавери. Подоцна, во трета, четврта година, тие се трудат да направат и своја авторска песна. Во моментов имаме три или четири бенда, и тие се формираат по потреба. Ова е воншколска активност. Во предметот музичко образование сме ограничени со програмата иако во четврта година се обидувам да излезам малку од рамките што се дозволени и да се ориентирам на тоа што младиот човек на таа возраст треба да го знае од музичката уметност, односно да го опфатам и оној дел од забавната музика што најмногу го слушаат и треба да го знаат од општа култура. Ако не обрнуваме внимание на тој сегмент, ќе се соочиме со фактот децата да не знаат кој е Џими Хендрикс, на пример – вели Ристановска, која 20 години предава во оваа гимназија.
Во „Карев“ веќе 13-14 години функционираат бендови.
- Децата сакаат да бидат во училиште. И тоа ми е важно. Едвај чекаат да им завршат часовите за побрзо да им се приклучат на бендовите во подрумот - се смее наставничката.
Учениците признаваат дека ја немаат поддршката од сите наставници.
- Не сите професори го прифаќаат тоа што го работиме, па знаеме да си чуеме коментари од типот што сме правеле во подрум цел ден, сме губеле време. А не е така – велат младите уметници.
Ристановска посочува дека поддршката е солидна, најчесто соработуваат со професорите по ликовна уметност (Александар Ордев и Ана Кондевска), за кои Ристановска вели дека се „нивна вечна сенка“ и дека без нив не би можеле да реализираат многу работи.
- Не дека јас сум претставник на ова школо, но постојат училишта каде што осетот за вакви активности е многу помал. Во другите школи и немам впечаток дека имаат многу разбирање, па дури и тие по уметничките средни школи. Опструкции секогаш постојат, но во моментов имаме голема поддршка за уметностите. Јас сум борец, а имам и војска што ме следи – се шегува наставничката.
Гимназија поотворена кон уметностите
На „Три дена култура“ секој бенд ќе има по 15 минути, настапите ќе имаат ревијален карактер, а во организацијата им помага и Младинскиот културен центар, кој ќе помогне со озвучување и друга логистика.
Во бендовите учествуваат и момчиња и девојчиња. Најтешко им е да најдат кандидати што ќе свират тапани. Ја запознавме и Анастасија, која студира втора година на Архитектонскиот факултет. Таа вели дека свирењето тапани со оваа екипа ѝ е одмор од испити и од напорната работа на факултетот.
Ристановска раскажува дека е многу важно што и по завршувањето на средното училиште музичарите се враќаат овде. „Тоа е таа емотивна меморија што е многу важна“.
Токму поради фактот дека оваа гимназија е поотворена кон уметностите, многу средношколци се одлучуваат да дојдат овде да учат или се префрлаат од други скопски гимназии. Многу често и продолжуваат на некои од уметничките академии.
- Од ова школо имаме примери кога многу деца се запишуваат на ликовните факултети, џез-академија, драмски факултети. Сметам дека овде добиваат сериозна основа, база за уметноста и начин на изразување – посочува Ристановска.
Успешен наставник треба да ги „навлече“ децата
Ја прашавме наставничката колкаво е влијанието на наставниците врз идните избори што учениците ќе ги направат, токму доколку се вклучени во воншколски активности.
- Моето искуство ми покажува дека е големо влијанието на наставникот за определбата на учениците каде да продолжат. А од друга страна, јас си ветив дека никому нема да му сугерирам каде да оди, што да прави, ами дека треба сам да си го најде патот. Ако некој наставник мисли дека може да одржи само час, нека си го тера така, ама нека биде успешен. Не мора да значи дека воншколските активности по дефиниција се успех во професијата. Успешен наставник, што значи тоа? За мене тоа значи да ги „навлечеме“ децата на одредена област. За мене тоа е успех – категорична е Ристановска.
Анастасија е студентка во втора година на Архитектура, но не се откажува од музицирањето во „Карев“
Сите се согласуваат дека во наставната програма им требаат повеќе часови по уметничките предмети, особено на тие што избрале да учат јазично-уметничка гимназија. Матурантката Ивана вели дека речиси еднакво ги сака и уметностите и науката, но затоа што учи природно-математичка Б насока, таа нема ниту еден предмет од уметностите.
- Јас многу ја сакам хемијата, но сакам да имам и часови по музика. Па ја зедов како проектна активност оти ова е нешто што многу го сакам, исто колку што сакам и наука – вели Ивана.
Сара е вокал во еден од бендовите. На прашањето како избираат каква музика ќе свират, таа вели:
- Се приспособуваме на желбите на сите. Во бенд си и мора да бидеш флексибилен. Тоа е убава вештина која ја учиме преку музиката. Бендот е фамилија.
За Андреј, пак, најдрагоцено е тоа што можат да се изразат преку музиката на сцена. Сите велат дека им се случува да се „заборават“ на пробите, ама и нивните родители се среќни затоа што знаат дека се на безбедно место, занимавајќи се со нешто убаво.
Освен „Три дена култура“, учениците од „Арт хаус Карев“ го организираат и настанот „Свирложба“, кој обединува авторска музика или џем-сешн.
По „Три дена култура“ бендот ќе оди во Белград, на покана од Првата белградска гимназија. Ја обновуваме соработката со оваа гимназија по повеќе од десет години.