3.500 евра ги делат средношколците-физичари од Олимпијада во Полска
Подготвил:
Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
За жал, во моментот кога ја добивме одлуката се испреплетија чувството на среќа дека првпат гордо ќе ја претставиме нашата земја на ваков натпревар и чувството на тага дека ќе имаме проблем со финансиските средства, велат средношколците
Теона Тасеска, Венеса Бакреска, Елена Бакреска, Ангела Бушеска и Александар Стојчески се ученици во трета година во средното училиште „Јахја Кемал“ од Струга на кои им се потребни 3.500 евра за учество на Интернационалната олимпијада за млади физичари (IYPT), која во јули ќе се одржи во Полска. На учениците им виси учеството на оваа олимпијада и бараат поддршка за да може да ги покажат своите знаења.
IYPT (International Young Physicists tournament) е светски акредитиран натпревар, познат по одржување дебати на важни теми од физиката. Оваа година се одржува од 6 до 13 јули во варшавскиот Институт за технологија. Претставници ќе има од 39 држави, а оваа година првпат Македонија е една од нив. Тимовите се составени од пет ученици и двајца ментори. Учениците претходно се подготвуваат на дадените истражувачки проблеми, изведувајќи реални експерименти и подоцна презентирајќи ги нивните пронајдоци во текот на дебатите. Натпреварот е организиран од страна на претходни добитници на Нобелова награда.
- Многу пати организаторите на овој натпревар ги контактирале одговорните во нашата држава, но не добиле повратен одговор. Долго време ние бевме заинтересирани за овој натпревар и затоа одлучивме да ги контактираме организаторите. Тие беа многу среќни дека сме заинтересирани за учество и нè упатија кон професор на Државниот универзитет по физика во Бугарија, бидејќи за да учествуваме на натпреварот, ни треба еден професор кој веќе учествувал на овој натпревар. Со негова помош и упатства, аплициравме и се изборивме за пласман и учество на нашата држава - вели ученичката Бушеска.
Натпреварот претставува шанса да ги измерат нивните знаења со врсници од целиот свет
За натпреварот се подготвувале заедно со нивната професорка, професорот од Бугарија и Сојузот на физичари на Македонија (ДФРМ). Се подготвуваат така што изработуваат експерименти на 17 зададени теми и ги обработуваат на теориски начин.
- Единствено нешто што ни пречи да земеме учество на овој натпревар се финансиските средства, кои изнесуваат околу 3.500 евра, при што до 20 април треба да се исплатат трошоците за учество, кои изнесуваат 1.400 евра за целиот тим. Досега ја контактиравме Агенцијата за млади и спорт, но бидејќи е изборен период, не добивме финансиска помош. За него не е можно да се одржи селекционен натпревар поради малата заинтересираност и поради тоа што нема акредитација. Проблемот со акредитацијата за селекционен натпревар е тоа што Министерството за образование и наука дава акредитација само за натпревари по предметите што се изучуваат во училиште - велат учениците.
Тие сметаат дека ова учество е од огромно значење за нив бидејќи претставува шанса да ги измерат нивните знаења со врсници од целиот свет. Иако конкуренцијата е голема и станува збор за најјаките држави во светот, нашата упорност нема да згасне, велат тие.
- За жал, во моментот кога ја добивме одлуката се испреплетија чувството на среќа дека првпат гордо ќе ја претставиме нашата земја на ваков натпревар и чувството на тага дека ќе имаме проблем со финансиските средства. И за жал, тоа се јавува кај сите натпревари од ваков ранг. Затоа би сакале да апелираме до сите институции за помош, бидејќи во овој момент секоја помош ни е добредојдена - вели Бушеска.