Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Денес тие се членови на менаџерски тимови и ги водат најуспешните компании во земјава. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ќе ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите
Особено е важно младите луѓе да ги користат можностите што ги нудат програмите за стипендирање. Не само што е одлична шанса да студираат во странство, туку и да се запознаат со нови образовни системи, култури и земји, вели Патрик Мартенс, директор на
Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија и раководен член на Управниот одбор на Македонско-германското стопанско здружение. Во Скопје живее две и пол години. Ни раскажува за неговите студентски денови, за трансферот на факултет не само поради студиската прoграма, туку и поради потребата да замине од дома, да отиде што подалеку. И желбата го однела во Англија, Соединетите Американски Држави, Бразил, Иран, Саудиска Арабија, Гана во Африка... Ова е неговата возбудлива приказна низ скалилата на успехот.
Патрик Мартенс
- Основното образование и гимназија ги завршив во Хамбург. Почнав да студирам на факултетот во Линебург, но по една година решив да го сменам и се префрлив на факултетот за политички науки и администрација во Констанц. Таму и дипломирав. Факултетот во Констанц и тогаш и сега се смета за водечки во насоката политички науки, но воопшто, тој е и еден од 11-те најдобри факултети во Германија. Покрај добриот имиџ на факултетот исто така сакав да се отселам од дома, да заминам што подалеку, да запознаам и други делови од Германија. Со одлуката да студирам на факултетот во Констанц моите две желби се остварија – вели Мартенс.
Дел од образованието го завршил и во Англија во Њукасл. Таму студирал една година, како стипендист на програмата „Еразмус“.
- Сметам дека е особено важно младите луѓе да ги користат можностите што ги нудат програмите за стипендирање, тоа е одлична шанса да студираат во странство и да се запознаат со нови образовни системи, култури и земји. Уште како ученик во гимназија бев свесен во кој правец сакам во иднина да го продолжам своето образование. Во гимназиските денови бев политички активен. Активно учествував во првите слободни парламентарни избори во ДДР. Тие активности влијаеа и на мојата одлука што точно ќе студирам – раскажува Мартенс.
Бев многу активен за време на студиите
Отсекогаш се интересирал за политика и економија. Не само за дневната политика во Германија, туку и за светската политика која се води сега. Така било и пред 20 години кога бил студент. Политиката будела во него особен интерес, бидејќи овие случувања секогаш влијаат на развојот во стопанството, диктираат трендови, отвораат нови можности, честопати и некои политички одлуки влијаат апсолутно негативно на стопанството.
- Отсекогаш сакав да ги следам овие случувања и затоа факултетот за кој што се одлучив беше најсоодветен за мене. Факултетот во Констанц располага со неверојaтно добро опремена библиотека. Професорите кои таму ми предаваа беа одлични, наставата се одвиваше во мали групи каде што имавме шанса за интерактивна настава и дебата. А пак на факултетот во Англија имавме можност секоја недела да се среќаваме со професори по одредени предмети. На тие средби присуствуваа по тројца студенти и еден професор. Тоа беше дополнителна настава кој се одржуваше покрај редовните предавања. На овие средби имавме можност да ги разработиме темите од предавањата подетално и да ги анализираме од различни аспекти. Овој начин на студирање особено ми се допадна – раскажува Мартенс.
За време на студиите бил многу активен. Секоја година го користел распустот помеѓу семестрите да оди на пракса. Така, за време на еден летен распуст заминал во Вашингтон, каде речиси три месеци бил на пракса во Конгресот.
- Целосно бев одушевен од оваа можност, од работната атмосфера во Конгресот. Се најдов таму токму за време на изборната кампања кога се подготвуваа изборите во 1994 година. Каков предизвик беше тоа за мене! Се сретнав со комплетно нова политичка култура која дотогаш ми беше позната само од моите студии. Но, и во Германија ги користев летните распусти најчесто за пракса. Така се стекнав со 8-месечно искуство во Министерството за економија и развој, потоа бев на пракса во германскиот Бундестаг, во Здружение на компании, во една од 79-те регионални стопански комори во Германија. Сите овие пракси беа во различни градови и држави. Но, од денешна перспектива особено сум горд бидејќи секогаш секаде се пријавував самоиницијативно и секогаш успевав да го добијам местото на практикант. Иако моите оценки секогаш не беа најдобри, јас бев волонтерски политички активен, а бев и дел од едно братство. Овие активности надвор од моите студии ме правеа интересен кандидат и затоа секогаш ми успеваше да го добијам посакуваното место за пракса – раскажува Мартенс.
Во Гана не беше лесно, но беше предизвик
Откако дипломирал имал желба да работи нешто што ќе ја поврзува државата со стопанството. Тогаш добил шанса и станал практикант во Претставништвото на германската стопанска комора во Сао Паоло, Бразил. Таму за прв пат се запознал со начинот на работење на германските комори во светот. Во моментот ги има во 90 земји, застапени со 130 канцеларии. Две години бил практикант во германската комора во Сао Паоло. Имал минимална плата, му била неопходна финансиска помош од семејството. Вели дека воопшто не му беше лесно, но тие две години биле инвестиција во неговата иднина.
- Во комората во Бразил подоцна го добив и мојот прв договор за работа. Следна станица беше германската комора во Иран, каде бев назначен за заменик-директор. Со радост се сеќавам на времето во Иран. Ме фасцинираше тамошната култура, архитектура, образованието на луѓето. Од политички причини, по двегодишна работа морав да заминам од Иран. Мојата следна станица беше Саудиска Арабија, повторно во улога на заменик-директор на германската стопанска комора. По една година заминав за Једа каде раководев со нашата втора канцеларија во Саудиска Арабија. По пет години во Саудиска Арабија, заминав за Гана каде го основав Германско-ганското стопанско здружение и канцеларијата на Делегацијата на германското стопанство во Гана. Во овие две задачи го внесов сето мое знаење и енергија. Морам да кажам дека воопшто не беше лесно. За мене тоа беше сосема нова и непозната култура, но за единаесет години изградив стабилна канцеларија со добар тим кој и денес е голема поддршка за германските компании во Гана – вели Мартенс.
Вели дека по толку време во Гана, вистински предизвик му било да се врати во Европа. Од централата во Берлин му пристигнала новата понуда и од јануари 2017 е директор на Делегацијата на германското стопанство во нашата земја. Тука затекнал стабилен тим кој одлично работел и придонесувал во економскиот развој на земјата.
Работна средба на Делегацијата со претставници од стопанството и политиката
- Во изминатите две години се посветив на преструктуирање и надградување на тимот, отворивме и два целосно нови сектора. Еден од нив е посветен на дуалното стручно образование. Проектите кои се работат во овој сектор ми се особено интересни. Со дуално стручно образование ја градиме и менуваме иднината на целата младина и сметам дека тоа е нешто прекрасно. Преку него младите луѓе се школуваат во струки од кои пазарот на трудот реално има потреба. По завршувањето тие ќе успеат веднаш да најдат добра работа и да останат во својата земја. Новата задача во Северна Македонија ми се допаѓа бидејќи е блиску до дома. Истовремено земјата сè уште е во процес на трансформација и тоа е голем предизвик за мене. Се соочувам со многу интересни задачи – дециден е Мартенс.
Не би биле германска компанија без Октоберфест во Скопје
Како директор задолжен е да го води тимот. Сака да вложува во нови знаења на неговите вработени и постојано ги мотивира да одат на обуки и да се надградуваат. Воедно е задолжен за германските инвеститори кои доаѓаат во земјава. Како германска институција, најчесто Делегацијата е првата адреса каде свраќаат. Мартенс вели дека нивната улога е да им помогнат на инвеститорите да се етаблираат на овдешниот пазар и за секој од нив и нивните конкретни потреби да понудат соодветни решенија - поддршка во правни прашања, даноци, сметководство и барање на персонал.
- Ние сме мост помеѓу компаниите и Владата, се грижиме за развој во стопанството и ги застапуваме позитивните интереси на двете страни. Северна Македонија е одлична земја за странските инвеститори, тоа се покажа во изминатите десет години. Воопшто, сметам дека стопанствениците имаат одлични можности за реализација на своите инвестиции.
Наш фокус се и македонските извозни компании кои со своите услуги и производство би можеле да се најдат на листата на добавувачи на германските компании. Веќе втора година по ред сме дел од настанот Macedonia Manufacturing Expo, кој ќе се одржи во септември во Скопје. На овој дводневен настан очекуваме 150 компании од метало и електропреработувачката индустрија од Германија, Грција, Словенија, Бугарија, Хрватска, Србија и се разбира, од Северна Македонија – објаснува Мартенс.
Според него, ова е одлична можност за извозно ориентираните компании од нашата земја долгорочно да остварат соработка со компании од Германија и регионот во улога на добавувачи. Мартенс додава дека во текот на целата година организираат настани, семинари, тркалезни маси со стручњаци од стопанството и политиката.
- Но, ние не би биле вистинска германска организација доколку не го организираме и најпознатиот германски настан - Октоберфест во Скопје. Во септември ќе се одржи 13. Октоберфест во Скопје и годинава повторно ќе го организираме заедно со „Пивара Скопје“. Приказната за Октоберфест е мошне интересна, на првото издание во Скопје дојдоа 150 гости. Тогаш сметавме дека сме направиле успешен настан наменет само за нашите деловни партнери. Со годините настанот кој и понатаму е од затворен карактер и е наменет за бизнис заедницата, ја достигна бројката од 1500 гости! И оваа година се радуваме на убаво дружење со традиционални баварски специјалитети, ладно пиво , одлична музика и прекрасни гости – вели Мартенс.
Фото: Андреј Гиновски