Д-р Елмедина Асани е нашата голема надеж во медицинската наука, поточно во неврохирургијата. Хуманоста, чистата мисла, објективноста и реалниот став за тешката состојба во која се наоѓа нашето општество, оптоварено со врски, политика, нефер однос кон своите најнадарени поединци, веднаш ви кажуваат дека Елмедина допрва ќе го освојува светот. Но, таа има волја и желба тоа да го прави од дома, од Македонија. Во време кога Република Македонија цела деценија се соочува со одлив на кадри, ова се луѓето што решија да не заминат. Нивните приказни ги објавуваме во рубриката „Јас не заминав“
Во само еден кубен милиметар од надворешниот дел од мозокот има повеќе врски отколку што има ѕвезди во галаксијата Млечен Пат. Фасцинирана е од мозокот и од начинот на кој тој функционира. Се одушевува на два големи ума кои оставија длабока трага не само во науката, туку и во цивилизацијата - Марија Кири и Никола Тесла.
Д-р Елмедина Асани во ординација
Д-р Елмедина Асани е нашата голема надеж во медицинската наука. Хуманоста, чистата мисла, објективноста и реалниот став за тешката состојба во која се наоѓа нашето општество, оптоварено со врски, политика, нефер однос кон своите најнадарени поединци, веднаш ви кажуваат дека Елмедина допрва ќе го освојува светот. Но, таа има волја и желба тоа да го прави од дома, од Македонија.
- За мене, главна мотивација за работа се пациентите. Се запишав на медицина за да им помогнам на луѓето, а не да станам милионер. Ја сакам работата со пациенти и можноста да работам во научноистражувачки проекти. Сè што барам е да ми се даде можност да работам - вели д-р Асани.
Неврохирургијата секогаш беше мој прв и единствен избор
Родена е во Скопје, има само 27 години и биографија испишана на неколку страници. Во моментот е на приватна специјализација на неврохирургија и не е вработена. Дипломирала на Медицинскиот факултет во Скопје со просек 9,70. За време на студиите била на различни доедукации, конференции и конгреси во странство, во Берлин, Њујорк и во земјите од регионот.
- Неврохирургија секогаш беше мој прв и единствен избор за професија. Во текот на целокупното мое школување максимално се посветив на мојата струка, на усовршување на моите знаења и способности - вели Асани.
Најголемата тајна: човечкиот мозок
Досега била дел од многу научноистражувачки тимови и во нашата земја и во странство. За сите достигнувања добила награди и сертификати, меѓу кои и наградата „13 Ноември“ на Град Скопје.
- Во тек сум на една голема студија за витамин Д и неговата улога во нервниот систем со соработка со доктори од САД. Планирам да продолжам со едукации надвор од земјата и во текот на мојата специјализација бидејќи сметам дека се есенцијални за усовршување на нашите способности и се единствен начин да ја донесеме западната медицина во Македонија - вели таа.
Приватно специјализира неврохирургија
Асани во моментот е на приватна специјализација на неврохирургија. Вели дека оваа професија отсекогаш ја сакала. Таа е причината поради која се запишала на медицински факултет.
- Јас сум фасцинирана од мозокот и од начинот на кој тој функционира. Ако размислиме добро, мозокот е најкомплицираниот уред што го знаеме во универзумот. Има 10 милијарди клетки само во кортексот, кој е надворешен дел од мозокот и само во едно мало парче од тој кортекс, во еден кубен милиметар има повеќе врски отколку што има ѕвезди во галаксијата Млечен Пат. Сите овие врски го прават мозокот способен за складирање и преземање големи количини податоци на неверојатни начини. Системот на складирање информации, односно меморија во нашиот мозок е толку сложен, што најнапредните суперкомпјутери дури и не се приближуваат до капацитетот за складирање на мозокот, кој изнесува 10 трилиони бајти на меморија. Неврохирурзите се одговорни за оваа најневеројатна работа што ја знаеме во целиот универзум - човечкиот мозок - вели Асани.
Во неврохирургијата грешките се неприфатливи
Според неа, кога станува збор за работата на неврохирурзите, грешките се неприфатливи. Неврохирургијата се смета за една од најсложените и најтешките специјализации. Тука Елмедина го наоѓа предизвикот - постојано се соочува со предизвици и е принудена да се подобрува и усовршува.
- Неврохирургијата е комплексна специјализација и нашите методи за работа, инструменти и процедури се развиваат и се подобруваат речиси секој ден. Друга мотивација за мене се успешните неврохирурзи во нашата земја и во светот. Тие се многу интелигентни, амбициозни и страсни луѓе кои се вешти во областа на неврохирургијата. Од нив има многу што да научам - раскажува Асани.
Таа е секогаш среќна кога ќе се најде во операциона сала. Не само да учи. Главен императив ѝ е да им помага на болните, согласно нејзините знаења.
За хирурзите нема работно време. Операции што траат со часови (често надвор од работното време), ургентни случаи кои мора да се решаваат во кое било време во текот на денот и ноќта, за викенди или на празници...
- Со сиве предизвици сум спремна да се соочам. Само на таков начин, со максимална посветеност во работата, може да се гради успешна кариера. Само така можам да бидам добар хирург - вели Асани.
„Едноставно нема простор за нас, обичните смртници, колку и да се трудиме“
Врвни умови во земја која за наука и истражувања издвојува исклучително малку од својот буџет. Неизбежно е прашањето колку државата вложува во научните истражувања во медицината, во полето на неврохирургијата. Асани вели дека, за жал, можностите за научноистражувачка работа во Македонија се многу лимитирани.
- Неопходна е државна финансиска поддршка во делот на науката и истражувањето, како и стратегија за унапредување на научноистражувачката работа преку стимулативни мерки и изнаоѓање финансиски извори за нејзин развој. Преку усовршување на лабораториските можности, доедукација на докторите и усовршување на нашите капацитети за научноистражувачка работа, пред сè, преку соработка со земјите во регионот, Европската Унија и секако светот. Докторите во Македонија имаат капацитет, ни требаат само услови за работа - вели Асани.
Во западните земји трудот се вреднува
Македонија не е единствена земја од регионот што се соочува со дефицит на медицински кадри затоа што голем дел се иселуваат во странство. Сличен проблем има и Хрватска. Лекарите од оваа земја велат дека многу од нив не заминуваат да работат во странство поради висината на платите, туку поради нефер форсирање на неквалитетни кадри. На прашањето каква е состојбата во Македонија, Асани убаво го образложува проблемот на лекарите од Македонија - зошто околу 25 отсто од младите со високо образование ја напуштиле земјава, зошто заминуваат во Западна Европа и САД.
- Тоа се дестинациите каде што младите успеваат полесно да се вработат. Во западните земји специјализација се добива врз основа на заслуга. Најдобрите можат да одбираат што да специјализираат, трудот се вреднува. Најважна причина зошто докторите се упатуваат таму е можноста истовремено да специјализираат и да работат со полно работно време во болница. За сето ова се добива и плата, тече работен стаж, со сите платени придонеси - објаснува Асани.
Политизираноста и непотизмот - причини што младите си заминуваат
Ова се услови за сите специјализанти - нема приватни и државни специјализации. Специјализацијата е бесплатна, со исклучок на конгресите и дообуките кои лекарите ги плаќаат сами или по договор со учество на болницата.
- Во Македонија, пак, специјализацијата или ја плаќате сами или државните специјализанти потпишуваат договори во кои се обврзуваат на повеќегодишна работа или на паричен надомест и гаранција со недвижности. Притоа се добива минимална плата која не ги покрива основните животни трошоци, а камоли доедукации и конгреси. Покрај финансиските проблеми, едни од главните причини зошто докторите ја напуштат Македонија се политизираноста и непотизмот во вработувањето. Не секогаш најдобрите се тие што се вработуваат. Дополнително демотивирачки влијае начинот како децата на професори, а и тие со партиски врски, се пробиваат многу лесно во здравствениот систем, било преку добивање специјализација било преку вработување. Едноставно нема простор за нас, обичните смртници, колку и да се трудиме - вели Асани.
Невработена, без здравствено и пензиско осигурување, работен стаж...
Таа досега имала повеќе понуди за работа во странство. Повеќето се од САД. Понуди сè уште стигнуваат, тука се и го чекаат мигот кога д-р Елмедина Асани ќе реши да замине. А главната причина ќе биде затоа што нема основни услови за достоинствен живот.
- За мене е неоправдана, бесмислена потребата да имаш афинитет кон една политичка партија за да можеш да постигнеш нешто во професионалниот живот. Јас останав во Македонија бидејќи верувам дека, покрај сè, имаме можност, капацитети и желби за подобрување. Јас сметам дека доколку сите се потрудиме, и ние и тие што ги водат здравствените политики, можеме да ја донесеме западната медицина кај нас. За мене, главна мотивација за работа се пациентите. Јас се запишав на медицина за да им помогнам на луѓето, а не да станам милионер. Ја сакам работата со пациенти и можноста да работам на научноистражувачки проекти. И сè што барам е да ми се даде можност да работам. Сум вложила, и секогаш ќе вложувам повеќе, максимум од себе за да бидам најдобра што можам. Јас сакам да останам во Македонија. Но, не сум сигурна дали Македонија сака да ме задржи. Ако продолжам да бидам невработена, без здравствено и пензиско осигурување, без работен стаж и без никаква работна сигурност, колку и да имам желба да останам, јас ќе бидам принудена да ја напуштам Македонија. И моја прва дестинација ќе бидат САД - вели д-р Асани.