ДПИ се оградува од тврдењата на инспекторот Илиевски за нерегуларностите на Тетовски

ДПИ се оградува од тврдењата на инспекторот Илиевски за нерегуларностите на Тетовски

По објавувањето на текстовите за нерегуларностите на тетовскиот универзитет во врска со изборот на наставно-научни звања на тројца државни функционери, кои ги обелодени просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски, Државниот просветен инспекторат се оградува од сето тоа во следното соопштение:

„Во врска со изнесените наводи за нерегуларности во постапките за избор во наставно-научни звања на посочените лица (актуелни функционери), членови на Владата на Република Северна Македонија утврдени од страна на државниот просветен инспектор Ѓорѓи Илиевски на Универзитетот во Тетово, Ве известуваме за следното:

Наводите за нерегуларностите изнесени од страна на посочениот државен просветен инспектор Ѓорѓи Илиевски не претставуваат официјален став на институцијата каде што работи истиот (Државен просветен инспекторат) и тие се изнесени како негов личен став и негова самоиницијатива со нецелосно утврдена фактичка состојба за посочените предмети на високообразовната установа, како и во време кога истиот користи годишен одмор, што претставува кршење на законската регулатива која го регулира ова материја.

Државниот просветен инспекторат се оградува од неговите лични ставови, поради што е покрената постапка за целосно утврдување на фактичката состојба на високообразовната установа за и околу спроведените постапки за избор на наведените лица во наставно-научни звања, за што даден е налог (на ден 05.06.2019 год.) до раководителот на сектор за инспекциски надзор да се спроведе вонреден инспекциски надзор на Универзитетот во Тетово.

На ден 06.06.2019 година спроведен е вонреден инспекциски надзор на Универзитетот во Тетово, а во врска со спроведените постапки за избор во наставно-научни звања на посочените лица. Одземена е многубројна документација од надзорот и истите се предмет на утврдување на фактичката состојба.

По добиените резултати од надзорот и утврдување на целосната фактичка ситуација, односно со фактичка ситуација окончување на постапката дополнително јавноста ќе биде информирана“.

Државен просветен инспекторат