В година за патарина до Гевгелија ќе плаќаме колку повратна автобуска карта
Од следната недела патниците за Гевгелија ќе треба да платат 100 денари плус за патарина. Ќе биде пуштена првата патарина на автопатот Демир Капија-Смоквица. За в година се најавува да биде пуштена и втората патарина, која ќе се наплаќа 80 денари. Од наредна недела за да стигнете од Скопје до Гевгелија, ќе треба да платите 280 денари во еден правец. Странците, пак, за новата патарина Демир Капија-Гевгелија ќе плаќаат 2 евра. Одлуката за цената на новата патарина ја донесе Владата.
Од Јавното претпријатие за државни патишта најавуваат дека за една недела ќе биде активиран и системот за електронска наплата на патарините со безготовински смарт-картички и уреди за електронска наплата на патарина (таг), за кои веќе се предвидени и попусти од 2 до 7 отсто од надополнетата сума на пари. За почеток надополнувањето на картичките ќе се врши на патарина, или преку мобилна апликација од мобилните телефони, а потоа ќе се определат и други пунктови за надополнување на картичките.
Купувањето картичка граѓаните ќе ги чини 100 денари, а тагот - 1.200 денари.
В година ќе биде пуштена уште една патарина, за која ќе се плаќа 80 денари. Со тоа трошокот за патниците ќе изнесува 360 денари во еден правец. Тоа значи дека само за патарина во два правци ќе треба да плаќаме колку што изнесува повратен автобуски билет до Гевгелија (700 ден.).