Студенти од Македонија на пракса во Германија - за инженери, ова е „ветената земја“

Студенти од Македонија на пракса во Германија - за инженери, ова е „ветената земја“

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Со парите што ги заработуваат за 20 работни часа неделно, младите во Германија можат да водат скромен студентски живот и да не бидат на товар на родителите. Веројатно поради тоа се осамостојуваат толку рано и се подготвени да преземаат повеќе ризици, вели Ања Наумоска, која пред неколку дена дипломира на ФЕИТ


Речиси во секоја фирма во Германија има отворени позиции за студенти, и тоа на половина работно време. А кога станува збор за пракса на инженери, Германија е „ветената земја“, вели Ања Наумоска, која деновиве дипломира на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Таа и повеќе нејзини колеги летово беа на пракса во Германија. Тие раскажуваат со какви искуства се вратиле, кои се придобивките, како оваа европска земја вложува во идниот кадар, како живеат студентите во Германија.

Ања Наумоска со колегите

Ања Наумоска и Ирина Ивановска, двете студентки на ФЕИТ, праксата ја реализирале преку Internship Program of German Business for the Countries of the Western Balkans, под покровителство на фондацијата „Зоран Ѓинѓиќ“ и германското министерство за економија и развој (БМЗ). Програмата нуди можност за квалификувани млади луѓе од седум балкански земји да се надградат на професионално ниво во најдобрите компании во Германија.

Наумоска тукушто ги заврши додипломските студии на насоката компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика. Летово беше на пракса во Франкфурт на Одра – гратче во околината на Берлин, кое не е ни блиску до големиот Франкфурт на Мајна.
- По седум семестри поминати на факултет, ми беше потребно практично искуствo. Кога станува збор за пракса за инженери, Германија е „ветената земја“. Три месеци поминав во Институтот за микроелектроника, IHP – Innovation for High Performance. Секоја млада и квалификувана личност, без разлика дали е на додипломски, магистерски или докторски студии, треба да се обиде – вели таа.

Ирина Ивановска (лево): праксата е непроценливо искуство

Ирина Ивановска е студентка во четврта година на ФЕИТ, на катедрата за компјутерски технологии и инженерство. Таа постојано трага по предизвици за да ги надгради знаењата. Лани била на пракса во Минск, Белорусија, годинава во Германија.
- Праксата е непроценливо искуство. Професионалниот развој што го добив во audEERING, која се занимава со аудиоинженерство, заедно со усовршувањето на германскиот јазик, е уште една лекција од која научив многу. Но, професионалното издигнување не е единственото нешто - запознавањето 65 студенти со слични интереси и аспирации од шест други држави на Балканов е тоа што му даде посебна магија на сево ова. Лето исполнето со шетање низ европските градови со овие прекрасни луѓе беше повеќе од моите замисли и очекувања кога се пријавив за оваа пракса - вели Ирина.

Шанса за надградување за студентите од седум балкански земји

Наумоска објаснува дека не стекнала само професионално искуство. Таа е од Скопје и за време на студиите во родниот град немала шанса да искуси да живее самостојно. Така, летово добила шанса да се усоврши лично и професионално.
- Ги учев нивната култура и јазик. Во Институтот работниот јазик беше англиски, но во продавница, на шалтер во банка, на многу други места можев да го усовршувам германскиот јазик. Увидов како изгледа во реалност да си вклучен во проект каде што имаш конкретна задача која треба да биде завршена. Не добивав помали задачи, туку еден проект кој требаше да биде завршен за три месеци. Можев да видам како функционира сето тоа. Имав пристап до нивната опрема, ме водеа двајца одлични ментори. Со нивна помош успеав да го завршам проектот за предвиденото време - раскажува Ања.

Студентите од Германија имаат многу шанси да работат и заработуваат

На праксата таа работела и со колеги – студенти од Германија, кои работеле на Институтот со четиричасовно работно време. Првичниот впечаток ѝ бил дека се далеку посамостојни од студентите во Македонија.
- Речиси во секоја фирма во Германија има отворени позиции за студенти на половина работно време. Со парите што ги заработуваат за 20 работни часа неделно можат да водат скромен студентски живот и да не бидат на товар на родителите. Веројатно поради тоа се осамостојуваат толку рано и се подготвени да преземаат повеќе ризици. Од друга страна, образованието за додипломски студии е финансиски достапно за секој, како во Германија така и во Македонија. Па ако еден млад човек има желба и капацитет, може да успее и таму и тука - објаснува Ања.

На прашањето дали во Македонија има фирми што можат да им понудат добра пракса на студентите, особено на полето на технологијата, двете велат дека има компании, но изборот не е многу голем. Ивановска очекува да расте бројот на позициите за пракса на полето на компјутерските технологии и инженерство, со оглед на тоа што се наоѓаме во период на подем на технологиите.
- Темпото со кое тие напредуваат е доста забрзано, па постојано се бара млад кадар за обучување. Фирмите се заинтересирани за студентите, што може да се забележи и од нивото присуство на Контакт и JobFair, каде што секоја година имаат информативни штандови за видот на праксите што ги нудат. Во Македонија, покрај домашните, има и многу странски фирми. Верувам дека нивниот број ќе расте, а со тоа и понудата за пракса – вели Ивановска.

Лето исполнето со шетање низ европските градови

Наумоска додава дека е интересно што германски компании кои имаат претставништва во Македонија се дел од програмата, па има студенти кои откако ќе се обучат во Германија, добиваат понуда од истата фирма да се вработат во Македонија.
- Но, дури и да се врши пракса во фирма која нема претставништво кај нас, искуството е големо, па можеме да го примениме тука, во македонска компанија - вели Наумоска.

За десет години таа се гледа себеси како магистер, во компанија каде што работата нема да ѝ биде само секојдневна рутина. Можеби би водела тим или едноставно би била вклучена во големи проекти.
- Би сакала добро да го совладам германскиот јазик. И да останам да работам во Македонија, би сакала да бидам дел од големи странски проекти. Во Германија би сакала да одам повторно бидејќи по овие три месеци чувствувам поврзаност со оваа земја. Се разбира, не знам каде би ме однел животот, но во овој момент се стремам натаму - вели Ања.

Ирина Ивановска

И Ирина вели дека животот постојано се менува и не знае каде може да ја однесе.
- За десет години сакам да продолжам да бидам личноста чиј апетит за личен развој на полето на науката нема да се задоволи со просечното. И секогаш ќе се стремам да совладам што повеќе предизвици. Останатото нека биде плод на мојата напорна работа – вели Ирина.