Резултати од анкета: Зедов кредити за моето талентирано дете. Сега одвај преживуваме!

Резултати од анкета: Зедов кредити за моето талентирано дете. Сега одвај преживуваме!

Подготвил: Весна Ивановска - Илиевска/vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Ова е еден од одговорите на анкетата на тема „Развој и поддршка на надарени и талентирани деца“ на која читателите одговараа анонимно. Анкетата е дел од комплексната иницијатива на Фондот за иновации и технолошки развој во партнерство со порталот Факултети.мк

„Педагогот во училиштето во кое учеше моето дете беше против прескокнување одделение. Предложи програма за талентирани деца која не успеаја да ја направат цела година. На детето му беше досадно на часовите бидејќи задачите ги завршуваше за 5 минути, а преостанатото време не знае што да прави со себе. Значи, нема системска и организирана програма, туку поединци без искуство и знаење одлучуваат за иднината на талентираните деца“.


Антонио Андоновски, ученикот кој лани освои бронза на Меѓународната олимпијада по хемија IchO 2018

Ова е еден од одговорите на анкетата на тема „Развој и поддршка на надарени и талентирани деца“ на која читателите одговараа анонимно. Анкетата е дел од комплексната иницијатива на Фондот за иновации и технолошки развој во партнерство со порталот Факултети.мк да се сврти вниманието на јавноста и на институциите кон нашите најголеми потенцијали и да се најде модел тие да бидат препознаени и насочени уште од најмала возраст.

Анкетата покажа интересни резултати. Рекордни 97,5 отсто од анкетираните сметаат дека во Македонија има надарени и талентирани деца, само двајца читатели одговорија негативно на ова прашање, додека 2 отсто одговориле „не знам“.

На прашањето „Што сметате дека може да се направи/подобри во системот за поддршка од страна на државата?“, 70 отсто од анкетираните читатели одговорија дека решението е во создавање посебни центри и програми за развој на таленти кај децата. Вкупно 15,4 отсто сметаат дека ќе помогне финансиска помош за организација и учество на домашни и на меѓународни натпревари, а 10,3 отсто одговориле дека се потребни посебни стипендии за поддршка.



Поразителни одговори има на прашањето дали државата нуди соодветна помош и поддршка за развој на таленти кај децата? Ова се дел од одговорите:

  •  Нема ништо конкретно, од методи за препознавање, работа со ТиН, преку немотивираност на кадарот за дополнителна работа со овие деца, до немање инструменти/методи да се следат и наградат учениците.
  • Не, сите се ставени во ист „кош“. Децата и родителите немаат избор, наставниците немаат ресурси и услови за посебно да им се посветат на индивидуалниот развој. Така, нивниот прогрес е оставен на влогот на родителите.
  •  Не, воопшто! Моето дете има талент, признаен од врвни уметници. За жал, јас како родител не сум во можност (финансиски) да му овозможам да напредува, тука запревме. Зедов кредити, додека имав да финансирам, теравме некако, а сега за сметка на тоа семејството го ставив во состојба на преживување. И оваа анкета е „ветар во магла“ бидејќи распределувањето некаква помош со сигурност тврдам дека не би било на вистинските места.
  • Можеби нуди помош во одредени и мал број случаи. Меѓутоа, има многу деца што се талентирани, но потекнуваат од социјално загрозени семејства или се ученици со послаби постигнувања по т.н. ,,поважни предмети“, така што нивниот талент останува засекогаш неоткриен.
  • Не, не се нуди соодветна помош и поддршка за развој на талентите кај децата. Родителите се тие што се грижат за тој развој, иако тоа е голем финансиски товар.
  •  Не, но доколку постои институционална поддршка, тогаш не е афирмирана соодветно за да можат родителите да ја искористат, а наставниот кадар неретко ја препознава и е заинтересиран за работа.
  •  Не. И првично недостаток е и несоодветното конципирано образование.
  • Има приватни центри што нудат поддршка, но не и државните училишта. Во државните училишта наставниците се „борат“ да одржат час поради немирните и невоспитани деца.
  •  Не. Често нашите талентирани деца помош и поддршка наоѓаат надвор од нашава земја.
  • Не ги ни забележува, а камоли да се грижи за нив зашто во нив е потенцијалот за развој на општеството.
  • Бидејќи сум мајка на талентирани деца (сега се полнолетни), никогаш не добив никаква поддршка (финансиска или обука) секогаш сама со децата трчав да обезбедам средства за патувања на натпревари надвор од државата или купував сама литература за да се надградуваат. Ја поздравувам оваа анкета, можеби ќе допре до владините структури и ќе покажат интерес за мотивација на идните наши умни дечиња и ќе изнајдат начин да ги задржат тука да бидат општо корисни за напредокот на нашата држава.
  • Не нуди затоа што: сè уште не постои национална стратегија за откривање и работа со талентираните, наставниците не се компетентни да работат со талентирани ученици, нема научноистражувачка работа на нашите факултети за надарени деца и средства не се одвојуваат, училишните психолози немаат соодветни тестови и други инструменти за испитување на децата, факултетите не се доволно ангажирани, не постои соодветна координација помеѓу институциите од образование и наука.

На прашањето „Дали со соодветна поддршка за младите, сметате дека ќе се забави/запре одливот на мозоци од Македонија?“, најголем број од анкетираните читатели одговорија афирмативно. Издвојуваме дел и од овие одговори:

  • Прво соодветен и добро едуциран наставен кадар за да може да ги препознае надарените/талентираните деца од најмала возраст (градинките), особено во текот на основното, а потоа и средното образование, со мотивирање, развивање и поттик, соодветни наставни планови со цел таквите деца да ја добијат вистинската насока и поддршка.
  • Нема да се запре одливот на надарените сè додека не се стави ред во државата, не сме правна држава, правото е селективно, корупција, непотизам.
  • Да, затоа што на тој начин младите ќе имаат можност за соодветна надградба и реализација на нивните идеи.
  • Можеби, во секој случај потребна е барем нивна идентификација, а не сме подготвени со тимови во училиштата кои без „врски“ ќе работат за нивно добро.
  • Се разбира. Да беа условите и услугите за образование, личен раст и развој, закони, секакви можности итн. како во поразвиените држави, никој немаше да ја напушта земјата.
  • Секако дека да, но ова е многу комплексен процес за промена бидејќи повеќе фактори се вклучени за ваквата ситуација до која сме стигнати сега во државата...
  • Тоа никој не може да го спречи, меѓутоа, должни сме прво да им понудиме услови дома.
  • Образовната поддршка на талентираните и надарени деца е една работа, а системска поддршка за вработување на надарените и талентирани е сосема друга работа. Се надевам дека ќе успееме како држава да ги усогласиме овие две работи.
  • Младите треба да бидат поттикнувани и поддржувани низ развојот и учењето од страна на државата и институциите, пред сè, но без континуитет и во понатамошниот развој и условите што ги нудат институциите, нема да го спречат „одливот на мозоци“.
  • Потребно е да се подобри и животниот стандард бидејќи квалитетните млади луѓе добиваат многу подобри услови за работа и унапредување во европските земји и во САД.
  • Не, повеќе причини придонесуваат за „одливот на мозоци“.
  • Да, но доколку таа помош биде правилно доделена, на вистинските места каде што родителот не е во можност да му обезбеди на детето да напредува и да биде онаква каква што треба да биде.
  •  Да, секако. Потребно е да се изработат програми по кои тие деца ќе работат со врвни обучувачи (професори/наставници/стручњаци), за да не тапкаат в место и да се досадуваат на часовите, па наместо да ги поместуваат границите кон генијалното, се фрустрираат и се доближуваат до просекот, туку да напредуваат.
  • Секој родител на талентирано и надарено дете се соочува со некаков проблем затоа што неговото дете не може да се развива доволно. Булинг е неизбежна форма на комуникација со напредните деца. Денес, за жал, во нашето образование е во мода да си добар тепач, безобразен и невоспитан.
  • Не. Може да се намали, но светската тенденција на мобилност не може да се игнорира. Секако, изборот би се зголемил ако се понуди и сопствена земја како соодветно место за живеење. Само овој фактор не може да влијае врз одливот.

Во анкетата учествуваа вкупно 403 читатели. Анкетата е дел од пообемното истражување на јавното мислење за состојбата со надарени и талентирани деца во нашата земја во пресрет на панел-дискусијата на тема „Развој и поддршка на талентирани деца“, која идната недела во Скопје ќе ја организираат Фондот за иновации и технолошки развој и порталот Факултети.мк.