До каде се ингеренциите на просветните инспектори?

До каде се ингеренциите на просветните инспектори?

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Државниот просветен инспекторат вчера со соопштение се огради од решенијата и записниците на Илиевски во врска со случајот со тетовскиот универзитет. Тој, пак, тврди дека инспекторите работат самостојно

До каде се ингеренциите на просветните инспектори вработени во Државниот просветен инспекторат (ДПИ), колку Законот за просветна инспекција им дозволува самостојна работа и дали нивните решенија се личен став или на институцијата? Ова се дилемите што се отвораат по наводите на просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски за незаконско унапредување во наставно-научни звања на тројца државни функционери и оградувањето од неговата институција – ДПИ дека тоа се негови лични ставови.
Дали тоа значи дека секој инспектор може што било да напише во извештаите и решенијата, па потоа директорот или раководителот одлучува дали тоа станува став на инспекторот или на институцијата?


Арбер Адеми е еден од функционерите за предметот што го испитува Антикорупциска/ Фото: Влада

Инспектор не смее да ги крие неправилностите

Државниот просветен инспекторат вчера со соопштение се огради од решенијата и записниците на Илиевски во врска со случајот со тетовскиот универзитет.
- Наводите за нерегуларностите изнесени од страна на посочениот државен просветен инспектор Ѓорѓи Илиевски не претставуваат официјален став на институцијата каде што работи тој (Државен просветен инспекторат) и истите се изнесени како негов личен став и негова самоиницијатива со нецелосно утврдена фактичка состојба за посочените предмети на високообразовната установа, како и во време кога истиот користи годишен одмор, што претставува кршење на законската регулатива која ја регулира оваа материја - пишува во соопштението.
Од Инспекторатот најавија дека е спроведен вонреден инспекциски надзор на универзитетот во Тетово и дека ќе ја информираат јавноста по добиените резултати од надзорот.

Во Законот за просветна инспекција јасно се нагласени надлежностите на просветните инспектори и постапките при секој вид инспекција, како и неговите одговорности. Постапката за утврдување дисциплинска одговорност на инспектор се води согласно Законот за државните службеници.
Во член 35 пишува дека просветниот инспектор е одговорен, ако:
- при вршењето на надзорот со решение не нареди преземање на мерки и дејства кои по законот бил должен да ги преземе, ако ги пречекори своите законски овластувања, ја злоупотреби службената должност, не поднесе пријава, односно не ги извести надлежните органи за утврдените неправилности и недостатоци и не се легитимира пред почнувањето на вршењето на инспекцискиот надзор.



По извршена инспекција и надзор, просветниот инспектор составува записник. Во Законот пишува дека доколку просветниот инспектор утврди дека не се применуваат законите, прописите и другите акти, донесува решение со кое се наредува извршување на определени мерки во одреден рок, кој не може да биде подолг од осум дена од денот на донесувањето на решението.

Записникот и решението државниот просветен инспектор ги доставува до воспитно-образовната установа, ученичкиот и студентскиот дом, високообразовната и научната установа каде што е извршен инспекцискиот надзор, до Министерството за образование и наука и до директорот на Државниот просветен инспекторат, во рок од осум дена од денот на извршениот инспекциски надзор.
Установата во која е извршен надзорот е должна за преземените мерки за отстранување на недостатоците во работата наредени со решението да го извести надлежниот инспектор во дадениот рок од денот на приемот на решението.

Во членот 32 е предвидено дека против решението на инспекторот може да се изјави жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението. По жалба против одлуките на државниот просветен инспектор, односно овластениот просветен инспектор одлучува Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.

Како е направен надзорот во Тетовски

Илиевски за Факултети.мк вели дека ги запазил сите процедури согласно Законот за просветна инспекција.
- По извршен надзор, ако се најдени неправилности, се пишува записник кој се доставува до архивата на ДПИ, до директорот и до образовната институција. Од образовната институција треба да се изјаснат по мојот записник во рок од осум дена. Бидејќи од тетовски универзитет не се изјаснија јас изготвив решенија, како што налага процедурата. Но, од пошта ми ги вратија со дознака: „не прима“. Истите, инаку се праќаат до високообразовната установа, до Министерството за образование и наука и до директорот на Државниот просветен инспекторат. Образовната институција има право на жалба до второстепена комисија по моето решение - објаснува Илиевски.

Тој во писмото што го испрати до Факултети.мк, по оградувањето на Државниот просветен инспекторат за неговите решенија, објасни како е направен надзорот во тетовскиот универзитет.
„Од извршениот редовен инспекциски надзор, извршен на Државниот универзитет во Тетово на 01. и 12.04.2019 година, на Правниот факултет од страна на моите колеги, кои бевме на надзор 5 (пет), проверивме 33 досиеја во делот на наставно-научни звања на доценти, вонредни и редовни професори, и од страна на инспекторите беа констатирани законски пропусти, како и незаконско унапредување на јавните функционери во наставно-научни звања согласно Законот за високо образование и Законот за работни односи. Притоа се прибраа и целокупни документации кои ги поседувам и се предадени до Државната комисија за спречување корупција на РСМ, како и доставена документација до кабинетот на премиерот Зоран Заев. Воедно, лично е запознат и министерот за образование и наука за неговата незаконитост која е констатирана за унапредување во наставно-научно звање доцент, како и за неговите интелектуални ангажирања кои добивале парични средства од универзитетот, што е спротивно на Законот за високо образование, истото важи и за другите јавни функционери. Бев замолен да го прикријам целиот случај. Исто така, на неколку наврати ми се обрати и заменик-министерот за внатрешни работи, за кој исто така бев замолен да се сокрие овој случај. Наместо да добијам поддршка од страна на директорот за таму каде што треба да се почитува законитоста, тој подлегнува на некои според мене игри недостојни-непримерни, кои најмалку ни се потребни сега кога тежнееме да се приклучиме до европските трендови и законитости“, напиша Илиевски во писмото.

Тој самостојноста на својата работа како инспектор ја истакнува и според членот 8 од Законот за инспекциски надзор.
- Тука јасно стои дека „инспекторот е самостоен при вршењето на инспекцискиот надзор и одлучувањето за дејствијата кои треба да се преземаат при вршењето на надзорот, како и за мерките што ќе бидат изречени по извршениот надзор“.