Ризични 500 грама ја делеа од Младинските олимписки игри. Допрва доаѓа златното време на Анамарија во таеквондо
Подготвил:
Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
17-годишната шампионка веќе е исправена пред нов предизвик: од утре до 11 ноември ќе учествува на Европското првенство за под 21 година во Варшава, Полска
Анамарија Георгиевска е македонска шампионка во борачката вештина таеквондо. Со овој спорт почнала на 7 години, следејќи ги стапките на постарите браќа Костадин и Дејан во клубот „Бутел“. Веќе десет години таеквондото е нејзин начин на живот. Денес таа е трета година и учи во средното училиште „Здравко Цветковски-Гуц“.
Борбената Анамарија заедно со својот тим деновиве е во Варшава, Полска, каде од утре до 11 ноември ќе учествува на Европското првенство за под 21 година.
Трета во светот
Анамарија досега двапати била балкански шампион, а има освоено неколку светски купови со Г1 ранг.
- Тие се највисок ранг на турнири во овој спорт, но најголемиот успех ми е освојување бронзен медал годинава во Хамает, Тунис, на Светското јуниорско првенство, во категорија до 59 кг. Ова е еден од поголемите спортски резултати за младинци во Македонија воопшто - ни објаснува упорната спортистка, пример за помладите генерации.
Пред само неколку недели оваа борбена девојка мораше да се соочи со суровоста на спортот и прашањето која е цената за да се постигне нешто. Имено, на Младинските олимписки игри во Буенос Аирес, каде што требаше да настапи во категоријата до 55 кг, проблем ѝ направија 500 грама. Таа беше пријавена за олимписките игри пред две и пол години и не беше возможно точно да се предвиди во која категорија ќе биде две години подоцна, објаснија нејзините тренери Борче Костовски и Дарко Костовски.
Но, од Младинските олимписки игри не дозволиле промена на категоријата и таа заедно со своите тренери се впушти во „пеколна“ работа и за помалку од еден месец се обидоа таа да ослабне 8 кг.
- Со мојот тренер бевме свесни во каква битка влегуваме, тоа не беше моја категорија и по барањето да ја променат, не успеавме. Па одлучивме да влеземе во пеколната битка. Шансите беа големи да ги симнеме и тие 500 грама, но мојот тренер, кој е и лекар по професија, одлучи дека тоа е премногу ризично за моето здравје. Не сум разочарана. На овие Младински олимписки игри отидов со највисок резултат од Македонија - како трета на cветско првенство и најважно е дека пред мене допрва следува простор за докажување, убедена сум дека ќе продолжам да постигнувам врвни резултати - вели таа.
Анамарија годинава е трета во светот во јуниорска конкуренција
Таеквондо - комбинација на елеганција и сила
На прашањето што е тоа што најмногу ѝ се допаѓа во тренирањето на овој спорт, Анамарија вели дека тоа е дружењето во клубот и тимскиот дух, за кој се грижат тренерите.
- Кога е во прашање баш таеквондото, тогаш можам да кажам дека најмногу ми се допаѓа комбинацијата на елеганција и сила што изобилува во спортов.
Иако во борачките вештини вообичаено доминираат момчињата, во таеквондото девојките се речиси 40 отсто.
- Така е и во Македонија. Таеквондото изобилува со девојки затоа што, пред сѐ, дава одличен изглед на телото. Спортот ме научи дека никогаш не смееме да се откажуваме од нашиот сон, колку и да ни е тешко. За сѐ се наоѓа време кога се сака, но кога сте одбрале да чекорите по патеката на олимпизмот и кога ви е цел олимписки медал, едноставно немате време што би го трошеле залудно, мора сѐ да е под конец и со план. Најважно е што јас уживам во таа дисциплина на животот, затоа што знам дека од мене ќе изгради човек со вистински морални вредности – категорична е Анамарија и додава дека училиштето секако ѝ е важно и дека и таму се труди да го даде најдоброто од себе.
Таа е среќна што има поддршка од своето семејство и од пријателите, а сѐ повеќе и од македонската спортска јавност. Таа посакува да мотивира што е можно повеќе млади да почнат да тренираат.
- Мислам дека во последно време сум им мотив на многу млади таеквондисти, па затоа би рекла дека повеќе ги мотивирам да останат во овој спорт и да направат резултати – вели Анамарија.