Средношколците добиваат нереални оценки, директорите бараат решение!

Средношколците добиваат нереални оценки, директорите бараат решение!

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева/milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Директорката на скопската гимназија „Никола Карев“, Горица Илиовска, е децидна дека оценките не се реални, односно дека нема објективно оценување. Наведува три причини што доведуваат до оваа состојба

Последната листа со просечната оценка на крај од година на средните училишта во земјава покажува дека учениците добивале повеќе петки и четворки за разлика од предминатата година. На што се должи ова? Ако преклани имавме само едно школо - скопската гимназија „Орце Николов“ со просек над 4, минатата година имало 22 училишта со ваков успех. Повеќето директори и професори коментираат дека причината е укинувањето на екстерното. И тоа поради една причина, професорите се малку олабавени, па ставаат повисоки оценки. Ова го отвора и прашањето дали во средните училишта во земјава има објективно оценување?

Директорката на скопската гимназија „Никола Карев“, Горица Илиовска, е децидна дека оценките не се реални, односно дека нема објективно оценување. Наведува три причини што доведуваат до оваа состојба.
- Најголем проблем е бројот на ученици во многу училишта, каде што во некои паралелки достигнува и до 36. Некаде, пак, имаме по пет-шест деца во клас. И двете ситуации не се добри. Како еден професор може да оцени 36 ученици писмено и усно? Повеќето оценуваат со тестови, но и тестот треба да знаеш добро да го направиш за да ги оцениш објективно учениците. А не секој знае да го направи добро. Проблем се и преобемните наставни програми. Не секој професор има волја да промени нешто во материјата (дозволено е 30 проценти) – вели Илиовска.



Како трета причина за необјективното оценување го наведува проблемот со немањето учебници. Средното образование со децении е оставено без учебници по стручните предмети, но недостигаат книги и во гимназиите.
- Сите овие причини влијаат врз оценувањето, кое, за жал, според мене не е објективно. Потребни се и постојани обуки на професорите, како и да се развие некој ефикасен систем на контрола во овој дел - децидна е Илиовска.

Дали укинатото екстерно ги намножи петките?

И нејзиниот колега од гимназијата „Орце“, која со години е лидер со највисока средна оценка на ниво на Македонија, вели дека не сите оценуваат објективно. Како главна причина го наведува големиот број на ученици во класовите.
- Во гимназиите и во некои популарни стручни училишта има класови со по 34 ученици. Нема наставник што има моќ да ги оцени сите овие ученици објективно. Замислете пет класа од по 34 ученици, тоа се 170 ученици. И сите треба да направат писмена, па тест, па усно да се проверат. Тоа е главен проблем. Прво треба ова да се реши, да се намали бројот на ученици во клас, па дури потоа да се фатиме како да го подобриме оценувањето - вели директорот на гимназијата „Орце Николов“, Митко Димовски.
За драстичната разлика во средната оценка на училиштата во минатата учебна година, односно подобрениот успех кај речиси сите училишта, и двајцата велат дека причината лежи во укинувањето на екстерното.


- Секако дека удел има екстерното тестирање. Секој професор ако порано требаше да стави 5. или 4., одбираше четворка, односно под притисок ја избираше пониската оценка. Така се намали успехот во сите училишта. Сега веројатно се поопуштени. Но, ова не е сигурно единствена причина, секое училиште треба да си направи анализа на што се должи зголемениот среден успех - вели Илиовска.

Димовски, исто така, вели дека откако се укина екстерното, поопуштени се и учениците и професорите, но и тој смета дека има повеќе причини за оваа состојба.
- Системот е така направен што за да се запишат во одредени гимназии, учениците мора да ги имаат сите петки. Кај нас свесни се учениците каде се запишале и така си го трасираат патот сите четири години.


Тој додава дека за оценка се фаќаат и врски.

- Во нашето образование имало врски за оценки и ќе има. Се бориме против оваа појава, но тешко дека ќе се искорени - вели Димовски.

Инаку, во македонското образование постојат повеќе документи со кои се регулирани различни аспекти на оценувањето, а од 2007 година се препорачува современ начин на оценување, кој е комбинација од моделите на сумативно и формативно оценување. Под традиционално оценување или сумативно ученикот се испрашува усно или писмено и врз основа на тоа ја добива оценката. Современото, пак, попознато како формативно, е оценување на процесот на учењето, целосно следење на постигнувањата на учениците со помош на разновидни форми, инструменти и техники.