Јас не заминав: Не секогаш науката е пари, вели д-р Невенка Ридова (26), иден хематолог
Подготвил:
Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Искрено посакувам да изнајдеме и други вакви примери кои ќе почнат да
ги рушат стереотипите, нам, на младите лекари, да ни ја враќаат вербата, а
на пациентите да им ја вратат довербата во македонското здравство. Во време кога Република Македонија цела деценија се соочува со одлив на кадри, ова се луѓето што решија да не заминат. Нивните приказни ги објавуваме во рубриката „Јас не заминав“
Ќе продолжам да работам во Македонија. Тука е мојот дом, тука се луѓето што го прават да биде дом, вели младата лекарка д-р Невенка Ридова (26), иден хематолог. Првенка во гимназијата „Добри Даскалов“ во родното Кавадарци,
првенка на генерацијата 2011/2016 година на Медицинскиот факултет во Скопје, таа е еден од лекарите што решиле да останат во Македонија и тука да се развиваат како медицински кадар. Ридова лани ја почнала својата специјализација по хематологија, која ќе трае 6 години. Од мај е вработена во Универзитетската клиника за хематологија во Скопје.
Д-р Невенка Ридова
Уште додека студирала медицина, била решена да се насочи на хематологија.
- Сè уште учам во голема мера. За хематологија се одлучив одамна, но сега, работејќи, суштински ја осознавам. Сè уште се наоѓам на еден убав почеток, кога активно се надградуваат знаења, а се усвојуваат умеења. Не мислам само на изучувањето на оваа, за мене многу убава, нокомплексна медицинска гранка. Мислам и на тоа да се биде дел од најубавите и најсуровите страни на човековото постоење, од животот кој продолжува и животот кој згаснува. И горда сум што притоа ја имам честа да учам од прекрасни доктори и прекрасни луѓе - вели младата лекарка.
Познато е дека за науката не се издвојуваат доволно пари
Колку се вложува во науката и во истражувањата на полето на медицината во Македонија? Има ли перспектива за младите надежни кадри да останат тука и да се развиваат? Според Ридова, општо познато е дека за научната дејност, вкупно, во Македонија не се издвојуваат доволно средства. Истражувачките студии се скапи, исто како и нивното спроведување во соодветна инфраструктура, која многу чини.
Д-р Ридова вели дека Медицинскиот факултет генерира квалитетни кадри (трета од лево)
- Сепак, не секогаш ,науката е пари. Науката започнува од љубопитност и прашање. Со согледување и анализа на искуствата. Од друга страна, лекувањето на хематолошките малигни заболувања чини многу. Првенствено, овие болни имаат потреба од пролонгирана медицинска грижа. Рутинските дијагностички процедури се скапи, лековите и терапевтските методи, како што е трансплантацијата на хематопоетски матични клетки, многу повеќе. Неодамна сведочевме на еден голем исчекор на нашата клиника - се направи првата трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител. Исто така, се обезбедуваат нови лекови. И неуморно се работи да се приближиме до европските стандарди на лекување на овие болести. Мислам дека паралелно со тоа и допрва ќе се доразвива научноистражувачката работа во оваа област - вели Ридова.
Тука е мојот дом
Со одлевање на медицинскиот кадар се соочува и Хрватска во последните години. Лекарите од таа земја велат дека многу од нив не заминуваат да работат во странство поради висината на платите, туку поради нефер форсирање на неквалитетни кадри. Каква е состојбата кај нас? Ридова вели дека Медицинскиот факултет во Скопје навистина генерира квалитетни кадри. Сепак, непотизмот, политичките притисоци и агенди долго време се дел од атмосферата што владее во македонското здравство.
- Но, моето искуство е сосема поразлично. Го завршив државниот испит и бев добредојдена да волонтирам на Клиниката за хематологија. За кратко време добив и вработување. За мене, тоа беше остварување на сонот - почетоцитe во мојата професија да ги направам токму работејќи во областа што ја посакував. Конкурсот за вработување ги задржа најдобрите лекари - Симона Стојановска, Милче Цветаноски, Тара Ристевска. Сите се многу способни, амбициозни млади лекари за кои цела една генерација студенти на медицина 2011/2016 би се согласилa дека им е апсолутно заслужено. Искрено посакувам да изнајдеме и други вакви примери кои ќе почнат да ги рушат стереотипите, нам, на младите лекари, да ни ја враќаат вербата, а на пациентите да им ја вратат довербата во македонското здравство - вели Ридова.
Промената е процес, треба време, но ќе дојдат резултатите
Таа не планира да замине. Вели дека ќе продолжи да работи во Македонија.
- Тука е мојот дом, тука се луѓето што го прават да биде дом. Јас го имав благодатот да се најдам во средина каде што постои трансфер на знаење, каде што постои визија за напредок и усовршување и исто така, визија за професионално развивање на младите кадри. Учам од прекрасни доктори и се надевам дека и јас ќе продолжам во тој дух во едно идно време. Промената е процес, а не случување. Затоа, промените бараат време. Но, ќе дојдат резултатите. На нас останува да бидеме дел од малите промени, давајќи го најдоброто од себе - вели Ридова.