Новите возила за брза помош сѐ уште не се користат. Се чекаат документи за регистрација
Подготвил:
Наташа Бошковска-Златкова / natasa.boskovska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Директорите на здравствените домови не можат да ги регистрираат шесте возила што ги доби Итната помош во Скопје и останатите шест што ги добија установите во Крушево, Кичево, Крива Паланка, Берово, Струга и во Дебар додека не им стасаат документите за тоа
Дванаесетте возила што пред повеќе од три недели ги добија службите на Итна медицинска помош (194) сè уште не се користат. Директорите на здравствените домови не можат да ги регистрираат шесте возила што ги доби Итната помош во Скопје и останатите шест што ги добија установите во Крушево, Кичево, Крива Паланка, Берово, Струга и во Дебар. Сите чекаат да стасаат документи со кои ќе може да ги регистрираат возилата, а потоа и опрема од Министерството за здравство.
Министерот за здравство Венко Филипче вели дека веднаш ќе се ангажира да се забрза процедурата.
Фото: Министерство за здравство
Набавката на возилата беше преку Министерството за здравство, а потоа на владина седница им биле доделени на здравствените домови.
Би ги користеле веднаш
Новите возила со душа ги чекаат и лекарите во брза помош и пациентите. Во Скопје се користат шест, главно амортизирани возила, или практично на пациентите им се помага со дел од оние што здравствениот дом ги доби уште во 2012 година.
- Документите ги очекуваме секој ден. Штом ќе стасаат, ќе се спроведе регистрацијата. Колку што знам, процедурата е завршена на седница пред две недели, сега треба уште административниот дел да се доврши - вели д-р Злате Мехмедовиќ, директор на Здравствен дом - Скопје.
Набавените возила немаат медицинска опрема, но дефибрилатор, ЕКГ, респиратор, сет за имобилизација, носилка, чанта со медицински материјали... треба да се распределат од донација преку Министерството за здравство.
- Доколку тоа не се случи за брзо време, ние можеме да префрлиме опрема од старите возила, па така и веднаш би ги користеле - вели д-р Мехмедовиќ.
Д-р Зорица Манчевска-Трајчулеска, директор на Здравствен дом - Крушево, исто така вели дека чекаат документи за регистрацијата.
- Ние имаме едно комбе кое е јапонска донација и го користиме, но неопходно ни е ново возило. Во регионот има постара популација на која ѝ треба помош. А знаете дека овде се практикуваат оние т.н. адреналински спортови, како параглајдерство. Минатата година, за жал, имаше 4 смртни случаи. Сакам да кажам дека мора да бидеме подготвени за да помогнеме доколку се случи нешто - вели Манчевска-Трајчулеска.
И д-р Џабир Бајрами, директор на Здравствен дом - Кичево, вели дека секој ден ја чекаат документацијата за потоа да го регистрираат и опремат новото возило.
Филипче: Ќе се ангажирам да се забрза процедурата
Владиниот портпарол Мухамед Хоџа објаснува дека во редовната процедура досега поминале на Влада одлуките за пренамена на возилата за сите градови освен за Дебар и за Крива Паланка. За нив, се очекува тоа да се случи во вторник.
- За шесте возила на Здравствен дом - Скопје документите се потпишани и испратени во Министерството за здравство. Оттаму треба да се испратат до установата. За оние што се за здравствените домови во Дебар и во Крива Паланка ќе се реши во вторник, а за останатите поминати на седница во тек е процесот за подготовка на документацијата - вели Хоџа.
Министерот за здравство Венко Филипче вели дека ќе се ангажира да се забрза процедурата.
- Се работи за административни процедури. Не знаев дека сè уште не е завршена работата. Уште денес ќе се ангажирам да се забрза процедурата за да може што поскоро да се користат возилата - изјави Филипче.
Тој вели дека веќе е одлучено Министерството за здравство да ги преземе и пренамени осумте комбиња што неколку години ги има Министерството за земјоделство, но досега не биле користени, па ќе му бидат дадени на Министерството за здравство.
Инаку, Филипче претходно изјави дека за оваа набавка Министерството имало испланирано 30 милиони и 500 илјади денари, но по спроведената електронска аукција, постигната е цена во вкупен износ од 18 милиони и 300 илјади денари, со што се заштедиле околу 12 милиони денари.
Според препораките на Светската здравствена организација, на 50.000 жители треба да има по едно возило на брза помош.