На творецот на ГМО-бебињата му се заканува смртна казна
Колегите на кинескиот научник Хе Џјенкуи, кој тврди дека создал генетички модифицирани близнаци, отпорни на вирусот на сида, тврдат дека му се заканува строга казна, па дури и смртна, поради истражувањата кои многумина ги сметаат за одвратни.
Хе, кој од декември наводно се наоѓа во притвор во државен стан во Шенџен, може да се соочи со обвиненија за мито и корупција - злосторства кои во неговата земја се казнуваат со смрт.
Професорот Робин Лавел-Беџ од лондонскиот институт „Френсис Крик“ вели дека неколку луѓе во Кина се казнети со смртна казна поради корупција.
Хе е под постојан надзор на вооружени чувари откако добил смртни закани.
„Дејли мејл“ наведува дека тој е физичар по професија, а не биолог, и дека тој не е доволно квалификуван или способен самостојно да го води ГМО-истражувањето.
Се верува дека тој го употребил сопственото богатство од 40 милиони фунти за финансирање на овој проект и оти приватно ангажирал висококвалификувани научници да го спроведат истражување, за кое инаку малку се знае, освен дека ги прекршил сите правила и упатства за етика и законитоста на полето на генетиката.
Професорот Лавел-Беџ вели дека кинескиот научник всушност верувал дека прави нешто добро и важно за човештвото, иако сите му велеле дека не треба да го прави тоа.
Научниците и пошироката јавност беа шокирани кога Хе Џјенкуи објави видеоснимка на „Јутјуб“ во која тврди дека успешно создал генетички модифицирани близнаци бебиња. Сите го осудија трудот на Хе, кој го доби прекарот „кинески Франкенштајн“.
Извор: МИА