Александар Адамовски има два факултета, а 10 години е само заменски наставник!

Александар Адамовски има два факултета, а 10 години е само заменски наставник!

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Предавал во 15 битолски училишта, 6 средни, 9 основни. Работи и волонтерски, организира многу настани за битолските училишта, но, за жал, и покрај неговата огромна посветеност и љубов кон оваа професија, сѐ уште е без работа

Секогаш заменски, никогаш редовен. Нема кој не го познава овој млад професор по македонски јазик и литература, кој за речиси 10 години предавал во 15 битолски училишта, 6 средни, 9 основни. Часови држи и волонтерски, организира многу настани за битолските училишта, завршил два факултета, но, за жал, и покрај неговата огромна посветеност и љубов кон оваа професија, сѐ уште е без работа. Иако прошетал во толку многу училишта, има работен стаж од само две и пол години. Со битолчанецот Александар Адамовски разговаравме за наставничката професија и за сите предизвици со кои се соочува како млад човек кој секогаш наоѓа начин да си ја работи работата што му е пасија.


Адамовски е најсреќен со дневникот пред него

Многу повеќе одржувал волонтерски часови

Тој ни објасни дека на пократок или на подолг временски период заменувал колеги отсутни од оправдани причини и вели дека тоа го правел и го прави со огромно задоволство и посебна чест. Сега е без работа.
- Покрај замените што се случувале за подолг временски период со договори, јас многу повеќе сум одржувал волонтерски часови. Благодарен сум им на сите мои почитувани колеги наставници, професори, кои секогаш ми излегле и ми излегуваат во пресрет кога сакав и сакам кај нив да одржам наставни часови. A исто така и до директорите на училиштата кои ми излегоа и ми излегуваат во пресрет. Сметам дека колегијалноста е потребна и важна во училишниот живот и воопшто. Затоа и треба да се почитува. Оттука, нормално дека ваквите ситуации, до решавање на моето егзистенцијално и професионално прашање, вродуваат само желба и интерес да се биде и остане во училишната средина, во училишните ходници и секако во училницата. Не, во ниту еден случај не ме фрустрира оваа ситуација, напротив, останувам позитивен и верен на чувството наречено страст кон професијата, кон учениците и нормално доследен во правецот на разбирање и почитување кон колегите во еден наставнички колектив - вели Адамовски.


Од целата ситуација најтешка му паѓа разделбата со неговите ученици, а не постојаното приспособување кон нова работна средина.
- Тука навистина емоционалната страна си го прави своето, а таа е резултат од самата приврзаност кон учениците, oсобено што сум бил и класен раководител, значи сум имал мое одделение, мои ученици со кои до ден-денес многу се сакаме и почитуваме, меѓу нив сум, ги сретнувам, разговараме. Ги поздравувам сите. И воопшто, сите ученици се мое посебно расположение и задоволство каде било и кога и да ги сретнам и видам. Точно дека напуштањето на една училишна средина не е едноставна разделба, таа допира, особено кога ќе се сетиш на сите моменти и доживувања поминати со децата. Знам многу убаво! Децата треба да почувствуваат дека се сакани, дека се разбрани од страна на наставниците и нормално да се создаде чувството на соработка, верба, учење, другарство.

Часот треба да биде задоволство, а не измачување

За некои наставници оваа професија е вистински порив, се трудат да ги променат нештата, да ги инспирираат учениците без да очекуваат нешто за возврат. Адамовски вели дека со самото земање на училишниот дневник в рака и влегување во училница со насмевка на лицето, односно со самото застанување пред учениците, ја доживува како најрадосна, најблагородна и посебна наставничката професија.
- Знаете, тоа ретко чувство не се учи, ами се доживува со голема љубов, силна волја и полн ентузијазам. Барем јас така се чувствувам во мојата многу ценета професија цели 9,5 години по основните и средните училишта во Битола. Секогаш и секаде со пријатни доживувања и одлични впечатоци!
Страст за оваа професија почувствувал уште како мал. Кога одел на гости кај баба му и дедо му, им бил учител на сите деца од соседството. Ќе ги соберел и ќе ги учел по сите предмети и дома и во природа, па дури ги тестирал и ги оценувал. Тетка му била наставничка по биологија во основно училиште во Битола, па кога одел кај неа, единствено ѝ го барал тефтерот со ученици и графи за оценување.
- Ова е страст уште од најрана возраст, која трае непрекинато до денес - вели тој.



Во моментов, секако волонтерски, и оваа година со полуматурантите од основните училишта во Битола организира научна дебата на тема: „Мојот иден средношколски избор“.
- Тоа го правам самоиницијативно, со моја изготвена програма за дебата, со чекори за реализација и по нејзино прифаќање, ја правам организацијата во училиштата. Наидувам на интерес и пријатни реакции, а повторно ќе кажам дека ова го правам со најдобронамерна цел: за децата, за училиштата, нешто ново да се подготви и да се случи, да биде од интерес, а мене едноставно тоа ме инспирира, ми причинува задоволство.
На социјалните мрежи може да се најдат многу позитивни коментари за неговата работа напишани од родители и наставници. Децата најчесто му пишуваат дека им недостига и дека сакаат да се врати во училницата. Го прашуваме како ги доживува учениците.
- Тие секогаш ја зборуваат вистината. Тие се нејзини гласноговорници. Тие одлично ценат, да речам „читаат“ кој учител, наставник и професор може да ги учи и научи и да ги извади од училишните клупи „потковани“ со знаења, умеења, вештини. Тоа го тврдам со целосна сигурност. И она што зачестено го повторувам е дека на наставен час треба со љубов да се работи со учениците, да се држи нивното внимание, но потребно е учениците да се расположат, да се опуштат и да продолжат со работа. Тоа е ефективен час. А тој час бара: умеење, тактика, ведрина. Часот треба да биде задоволство, а не измачување. Од таков час насмевки на лицата излегуваат, полни со позитивни впечатоци.



Примерот на Адамовски покажува дека имаме невработени наставници по македонски јазик, а од друга страна сѐ помалку студенти дипломираат на овие насоки и сѐ помал е интересот за упис.
- Нормално дека сите тие завршени наставници не можат да се вработат, нема места и се снаоѓаат на други начини, па од година на година ќе се намалува бројот на студенти од овие студиски групи за македонски јазик и македонска книжевност. Не може секој да биде наставник и да застане пред ученици, така што сметам дека мора да се преземат мерки за реформирање на целокупната уписна политика на факултетите, посебно со акцент на овие наставни насоки.
Тој завршил еден факултет во Битола на УКЛО, а втор факултет во Скопје на УКИМ. Може да предава и во основно и во средно училиште по македонски јазик, како и со втор странски јазик, француски само во основно (од првиот факултет во Битола). Поради финансиски недостиг, не магистрирал на Филолошки во Скопје. Иако му се завршени сите обврски со студиите, остава трудот да се реализира во подобро време.
Колку наставниците, а и учениците денеска го негуваат македонскиот јазик?
Адамовски вели дека наставниците по македонски јазик го негуваат македонскиот јазик, навистина се трудат според нивните можности, нормално тоа спаѓа во доменот на професијата, па и општо во јавноста.
- Има и исклучоци, кои посакувам да говорат македонски, литературно и културно. Сепак, таа е нивна должност и обврска. Учениците се технолошки и модерно напредни, така што мислам дека поголем дел одлично го негуваат македонскиот јазик, внимаваат на речникот, стилот, интерпункцијата, а значителен дел треба да се поправат да не им стане понатамошна навика да користат интернационализми и слични изрази. Чувството на припадност кон една нација се чува и шири со негување на мајчиниот јазик - вели Адамовски.

Целосно да се ревидира наставната програма

Според него, и државните институции треба да ги засукаат ракавите за да се заштити и негува македонскиот јазик.
- Државата треба да развие една сеопфатна стратегија во која ќе се вклучат експерти, научници, односно вистински интелектуалци кои ги имаме и кои многу можат да помогнат во зачувување и негување на македонскиот јазик. Преку таа стратегија можат да се вклучат и младите лица, студенти, иднината на нашата земја кои можат да придонесат во развојот на нашиот јазик. Мора да има плански изготвена и поддржана стратегија, а за неа и соодветни можности, па дури потоа да се пристапи кон следни чекори и реализација. А тоа е неопходно - објаснува Адамовски.


Овој професор смета дека се потребни и промени во наставната програмa во основните и во средните училишта по овој предмет, а и учебниците.
- За жал, наставната програма во основните и во средните училишта по македонски јазик и литература треба целосно да се ревидира. Со години не е променета и тоа е навистина проблем. Потребни се нејзини коренити промени и најважно, формирање тело и консултации со стручни лица затоа што програмата е само пример и насока. Секој наставник го креира и го дополнува часот на свој начин, придржувајќи се до соодветната програма. Така, образовниот процес ќе бележи динамика и прогрес - вели тој.
Според него, и учебниците исто така заслужуваат најдобар лик, како надворешен така и внатрешен лик, содржински.
- Тука најмногу мислам на правописните грешки што ги има во учебниците и кои треба да бидат отстранети. Особено во учебници по македонски јазик и литература тоа не смее да се дозволи. Образованието, а со него и воспитанието е широк поим, најмногу одговорен процес за формирање писмена нација, или подобро кажано тоа е столбот во една држава. Промени се потребни во сите образовни нивоа, во сите образовни сегменти (наставни планови, наставни програми, испитни програми итн.). Би дополнил: образованието треба да се менува, а не детето. Оти детето е вредност! Децата го заслужуваат најдоброто! Наставничката професија, исто така, треба да биде повеќе ценета, да се врати авторитетот на наставникот - вели Адамовски.