Задолжително посетете го училиштето што ве интересира, почувствувајте ја климата што владее, разгледајте ги просторните услови во зградата и дворот, учениците и професорите. Проверете како се чувствувате во училиштето? Дали сте опуштени или напнати и вознемирени? Дали ви е пријатен амбиентот и луѓето што ги гледате?
Изборот на средното училиште е премногу важен за да се зема здраво за готово. Погрешното училиште може да води кон послаб успех, незадоволство и лоша психичка состојба, но и да се одрази врз физичкото здравје на ученикот, емоционалната стабилност, меѓучовечките односи, велат училишните психолози.
Ана Попризова, психолог во скопската гимназија „Орце Николов“, и Славица Нешевска, психолог во средното училиште „Владо Тасевски“ од Скопје, објаснуваат како да се направи правилниот избор, но и даваат препораки како родителите да се однесуваат кон овој важен чекор во животот на нивните деца.
Учениците имаат право на сопствен избор
Попризова вели дека изборот на средно училиште е од голема важност за секој ученик. Тоа претставува продолжување на образовниот процес и оспособување за одредена струка. Токму затоа и очекувањата од околината и од родителите се големи и понекогаш полуматурантите ги доживуваат како притисок.
- Многу често ова доведува до конфузија и збунетост кај учениците, при што тие не можат да донесат одлука и да направат сопствен избор. Сметам дека би било корисно за полуматурантите да ги прочитаат следниве препораки:
- Истражете ги вашите интереси, она што сакате да го учите, што е тоа што ве интересира, за која професија/предмети чувствувате мотивација за учење и сл.
- Информирајте се добро за условите и можностите што ги нудат различни училишта - голем број средни училишта организираат различни начини за претставување на своите образовни профили (отворени денови, презентации во основни училишта, плакати, летоци, веб-страници и сл.). На овој начин ќе дознаете повеќе за училишниот живот, можностите, активностите, проектите што се реализираат во училиштето.
- Задолжително посетете го училиштето што ве интересира, почувствувајте ја климата што владее, разгледајте ги просторните услови во зградата и дворот, учениците и професорите. Проверете како се чувствувате во училиштето? Дали сте опуштени или напнати и вознемирени? Дали ви е пријатен амбиентот и луѓето што ги гледате?
- Разговарајте со ученици кои веќе учат во училиштето и информирајте се за основниот Куќен ред на училиштето, како се одвива наставата, како се реализираат часовите, материјално-техничките услови, квалитетот на наставата, можноста за практична работа.
- Разгледајте ја достапноста на училиштето во однос на вашето место на живеење, можностите за автобуски превоз, времето што ви е потребно за да стигнете до училиште, кои автобуски линии сообраќаат, поминете го патот кој секојдневно би го поминувале во текот на три или четири години и во секакви временски услови.
- Разгледајте го конкурсот за упис на ученици во прва година, бројот на ученици што се примаат, потребниот број на поени за конкурирање, потребните документи што треба да се приложат.
- Размислете и за второ училиште како опција за упис, доколку во првото се пополнат сите места, односно доколку сметате дека бројот на ваши поени од успех е под потребниот минимум.
- Разговарајте со ваши соученици дали има некој што е заинтересиран за упис во истото училиште, за да си создадете своја мрежа на поддршка во процесот на адаптирање во новото училиште.
- Разговарајте со вашите родители или други важни/блиски личности во вашиот живот за вашата одлука и за дилемите, доколку ги имате.
- Доколку чувствувате страв, вознемиреност и конфузија и не можете да донесете одлука, посоветувајте се со стручно лице.
Многу средни училишта периодов организираат отворени денови за полуматурантите. Павлина Пецанова-Штерјовски, наставник и координатор на Кариерниот центар во гимназијата ,,Орце Николов“, вели дека настан во ова училиште ќе има на 20 април.
- Настанот воедно претставува и завршна активност на 30 волонтери-матуранти кои се одговорни и за подготовката и за реализацијата на сите промотивни активности на училиштето. Тие заедно со професорите ќе одговорат на сите нивни прашања поврзани со уписот на нови ученици, наставните програми и сите други активности во целокупниот наставен процес. Волонтерите имаат и дополнителна задача да ги прошетаат гостите во различните кабинети на училиштето, при што освен за наставните, треба да ги информираат и за воннаставните активности, како за и проектите од различните подрачја - вели Пецанова-Штерјовски.
Погрешниот избор предизвикува незадоволство
Попризова објаснува дека и родителите мора да бидат свесни за притисокот пред кој се наоѓа секој полуматурант при својот избор.
- Тие треба да бидат поддршка за своите деца со тоа што ќе бидат отворени за конструктивен разговор и аргументирана дискусија. Да се обидат да не влијаат врз изборот на училиштето на нивните деца. Треба да се свесни дека не се тие ученици, туку нивните деца и дека имаат право на сопствен избор. Важно е и да ја препознаат својата напнатост и вознемиреност и да побараат помош од стручно лице, бидејќи доколку тие не се спокојни, таа вознемиреност можат да му ја пренесат и на своето дете - вели Попризова.
Со сличен став е и нејзината колешка Нешевска. Таа вели дека родителите треба да ги препознаваат афинитетите на своето дете. Секој родител го посакува најдоброто за своето дете, меѓутоа, ако не ги слушаме желбите на своите деца, ако не ги земеме предвид интересите, способностите на детето, а се водиме само од тоа што ние мислиме како родители дека е најдобар избор на средно училиште за нашето дете, може да се направи голема штета.
- Погрешниот избор не само што предизвикува незадоволство и лоша психичка состојба, туку се одразува и врз физичкото здравје, емоционалната стабилност, меѓучовечките односи. Родителите треба да му бидат поддршка на детето, да му помогнат да ги запознае можностите на средните училишта, наставните планови, образовните профили и перспективите, проодноста на средните училишта до факултетите. Да се разговара за добрите и лошите страни на секој избор. Но, секако, крајната одлука треба да биде на детето - вели Нешевска.
Професионална ориентација
Нешевска потенцира дека на 14-15-годишна возраст кога учениците завршуваат основно и треба да изберат средно училиште имаат скромно искуство, слабо познаваат кои средни училишта постојат и сѐ уште не се комплетно развиени како личности.
- Дел од учениците, поради различни причини, се запишуваат во училиште кое не е во согласност со нивните интереси, способности. Една од причините е влијанието, односно желбата на родителите, нивните неостварени желби, или родителите што имаат веќе разработена дејност во некоја област проценуваат дека тоа е добра појдовна основа, па детето треба да го продолжи тоа. Друга честа причина е друштвото. Која и да е причината, ако изборот на училиште не е во согласност со она што ученикот го интересира и неговите способности, доаѓа до слаб успех - вели таа.
Пред да изберат каде ќе го поминат еден од највозбудливите периоди во животот, Нешевска вели дека учениците треба да размислат што е тоа што ги интересира, кои се нивните желби, каде би постигнале добри резултати. Која е замислата за нивната идна професија и кој е патот до неа.
- Добро е да се посетат училиштата, да се види со какви простории и ресурси располага училиштето – дали ви се допаѓа „целокупното чувство“, дознајте каков е изборот на предмети, дали постојат специјализирани програми што ќе ги задоволат вашите потреби, интереси и таленти, дознајте каква дополнителна поддршка е достапна во училиштето итн. Но мислам дека е многу погрешно ако при изборот на средно училиште ученикот се води од одлуката на неговиот најдобар другар или другарка или друштво. Изборот на училиште кој го направил најдобриот другар/другарка можеби е правилна одлука за него/неа, но најчесто не значи дека тоа е добар избор и за другиот. Изборот на средно училиште е важна одлука која влијае врз натамошниот тек на животот - објаснува таа.
Во земјава сѐ уште не е добро развиен системот за професионална ориентација во училиштата. Психологот Нешевска објаснува како треба да изгледа тој, што треба да следиме од поразвиените земји. Во зависност од детето, професионалните интереси се појавуваат и покажуваат на различна возраст. Кај некои деца очигледен е интересот за одредена област уште од најрана возраст, кај други тоа не е така.
- Современото училиште трeба да го насочи поединецот кон подрачјата на работа што најмногу му одговараат на неговите психофизички особини, способности и афинитети. Професионалната ориентација на учениците е од големо значење за целокупниот општествен систем на една земја. Професионална ориентација подразбира водење досие за секој ученик во кое ќе има податоци за психо-физичкиот развој на ученикот, неговите интереси за одредени предмети и области, постигнувањата во учењето, вклученоста и успесите во воннаставни активности; податоци за неговата IQ I EQ. Тоа значи дека ученикот треба континуирано да се следи во текот на целото негово школување од самиот почеток. Преку правилно водење на ученичкото досие ќе може правилно да се насочи ученикот кон избор на средно училиште или факултет - вели таа.
Училиштето исто така треба да биде спремно да спроведе евалуациски методи (прашалник за ученикот, прашалник за родителите, прашалник за професионални афинитети, прашалник за одделенскиот раководител, тест за професионална заинтересираност, листа за професионална ориентација) преку кои ќе може да направи одредена процена на ученикот во насока на одредување на најдобрата и најприфатливата професија со која тој би се занимавал.
- Така се избегнуваат погрешни одлуки, се унапредува односот меѓу децата и родителите, ги отстрануваат дилемите и конфликтните состојби и детето има чувство на сигурност - завршува Нешевска.