Задушница и во римско време била неработен ден

Задушница и во римско време била неработен ден

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Празникот Розалии има долга традиција во римската култура. Најраните записи поврзани со Македонија се од времето на владеењето на Домицијан од 81 до 96 година. Тоа е императорот под чие владеење се формирала Colonia Flavia Scupinorum, денес познат како археолошки локалитет Скупи


Задушница. Ден посветен на оние што веќе не со нас. Секоја година еден ден во пролетта е издвоен за да се чествуваат мртвите. Помалку е познат фактот дека ова е наследен обичај, од нашите предци кои ги чествувале мртвите и пред 2.000 години. Празникот кај древните Римјани се нарекувал Розалии или Росалии.



Граѓаните на Виница утревечер во 19 часот во Музејот „Теракота“ ќе имаат шанса поблиску да се запознаат со сите обичаи врзани за овој празник што ги практикувале древните Римјани. Ќе можат да видат копии на предмети од тој период, ќе слушнат поезија, едукативни предавања и проекција на филм, а ќе можат да дегустираат и храна подготвена по автентични рецепти од римско време и мулсум - римско вино со зачини.
Настанот се одржува во рамките на проектот „Музејска ноќ - 2018“ во соработка со Центарот за научни истражувања и промоција на културата ,,Хаемус“ од Скопје, како дел од програмата Scupini Rоmani.


Релјеф на кој е прикажано како се одбележувале Виналии

Празникот Розалии има долга традиција во римската култура. Најраните записи поврзани со Македонија се од времето на владеењето на Домицијан од 81 до 96 година. Тоа е императорот под чие владеење се формирала Colonia Flavia Scupinorum, денес познат како археолошки локалитет Скупи.

Празникот Задушница Римјаните го славеле најмалку петпати во годината

Според Василка Димитровска, директорка на „Хаемус“, нема многу информации околу точниот датум на празнување, но се смета дека се славел во текот на месец мај или jуни. Бил посветен на мртвите. Нивните гробови се украсувале со рози и други пролетни цвеќиња, а како и денес, се раздавале храна и вино.
- Овој празник продолжил да се слави и во христијанството. Подоцна се поистоветил со христијанскиот празник Духови, но уште повеќе со празникот Задушница кој Римјаните го славеле најмалку петпати во годината. Овие празнувања во Римската Империја биле регулирани и означени како државни празници – објаснува Димитровска.

Од „Хаемус“ се обидуваат да направат историска реконструкција на настаните и обичаите од минатото позната под терминот reenactment. Дел од оваа тенденција е празникот Розалии и неговото поврзување со современите македонски народни празници, верувања и обичаи кои сѐ уште се дел од традицијата на нашиот народ.


Членовите на „Хаемус“ ги популаризираат настаните од минатото - Фото: „Хаемус“

- Поседуваме многу материјални експонати од овој историски период - керамика, облека, накит, плетени предмети и друго. Сите се дизајнирани по нарачка и рачно изработени од уметници и занаетчии, по инспирација од богатото културно наследство од римскиот период откриено на територијата на Република Македонија. Но, ако сакате да им дадете живот на предметите и да ги придвижите, мора да ги облагородите со нематеријалното културно наследство – објаснува Димитровска.

Градски Виналии, уште еден празник кој предците го славеле напролет

Во овој дел од годината Римјаните славеле уште еден празник - Vinalia Urbana или градски Виналии, кој се славел двапати во годината. За овој празник има доволно историски податоци, но нема конкретни информации како точно бил одбележуван во овој дел од Римската Империја, каде што денеска се наоѓа Република Македонија, вели Димитровска.

- Со сигурност знаме дека градските Виналии се празнувале на 23 април и се одржувале во чест на Јупитер и Венера. Се правеле ритуали со принесување бескрвни жртви за да се благословат примероците од минатогодишното вино и за да се побара подобро време до следниот гроздобер. Можеме само да претпоставиме дека и нашите предци, кои биле локалното население од прилично мешан етнички карактер, го прославувале овој празник слично како и во другите делови од Империјата – објаснува Димитровска.


Облека специјално дизајнирана за настаните

Овој празник во денешни услови ќе биде одбележан на 14 мај во Младинскиот културен центар во Скопје. На прашањето колку луѓето денес се заинтересирани за обичаи од минатото, таа вели:

- Голем број од нашите празници, верувања и обичаи постојат уште од предримскиот период, а тоа се слични или исти традиции со кои луѓето се поистоветуваат и денес, на лично ниво. Интересот за нашиот бренд Scupini Romani е сѐ поголем. Посетителите ни посочуваат што виделе, како го доживеале, што научиле, го споделуваат личното искуство. Целта на нашите настани, пред сѐ, е да се промовираа и популаризира културното наследство од римскиот период. И се радуваме секојпат кога имаме можност преку едукација и дисеминирање на научните истражувања да ја подигнеме јавната свест за оваа научна област кај љубителите на културното наследство – вели Димитровска.