„Лепа Брена“ е најпребаруван поим на 1 јануари! Што најмногу се читаше на македонската „Википедија“ во 2018?
Подготвил:
Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Најпребаруван поим на 1 јануари годинава на онлајн-енциклопедијата е „Лепа Брена“, на 2 и 3-ти - мали сипаници, на 4, 5 и 6 јануари – „Бадник“, 7-ми - „Божиќ“, а на 8-ми - „Пресметување на датумот на Велигден“
Најпребаруван поим за 2018 година на Википедија на македонски јазик е „Македонија“. Бил отворен 80.038 пати. Името на нашата држава и во 2017 година беше најпребарувано (65.120 пати). На второ место во 2018 година е поимот „Скопје“ – отворен 49.188 пати, на трето е „Гоце Делчев“ – 41.801 пат. Следуваат „Св. Кирил и Методиј“ и „RSS (Really Simple Syndication)“. Најпребаруван поим во јануари во 2018 година бил „пенис (човек)“.
20 најпребарувани статии во 2018 година на македонската „Википедија“
Ова се податоците што ни ги обезбеди ГЛАМ, здружението на граѓани што се грижи за „Википедија на македонски јазик“. Оттаму велат дека минатата година ентузијастите википедијанци, како што се нарекуваат, внеле шест илјади нови статии на оваа онлајн-енциклопедија. На крајот од минатата година македонската „Википедија“ има околу 98.000 статии.
Снежана Штрковска, претседател на здружението ГЛАМ, ни објасни дека се работи на тоа да се формираат што е можно повеќе Вики-клубови со ученици од основно и средно училиште за да може Википедија на македонски јазик да биде побогата.
- Во моментов работат четири Вики-клуба, од кои најактивни се во скопскиот. Имаме Вики-клубови и во
Старо Нагоричане, Охрид и во Штип. Соработуваме со неколку институции за проверување на фактите. На пример, кога работиме статии за историски теми, соработуваме со Архив на Македонија или со историчари. Соработуваме и со Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - вели Штрковска.
Таа најавува дека во февруари ќе имаме проект заедно со Здружението на Унгарците во Македонија и ќе имаме месец посветен на унгарски теми.
Здружението на граѓани ГЛАМ е признато од „Викимедија“ од Сан Франциско, САД, која ги одржува сите википедии и ги помага на сите јазици. Штрковска ни објаснува дека расте интересот на младите за да волонтираат во Вики-клубовите. Токму Вики-клубот во Штип беше отворен во 2018 година, во ОУ „Коле Нехтенин“.
Снежана Штрковска
„Македонија“ е најпребаруваниот термин во многу месеци во годината. Ванчо Петрушевски, Горан Стефановски, Стивен Хокинг биле меѓу најчитаните поими во месеците кога починаа, минатата година.
На 1 јануари најпребаруван поим била „Лепа Брена“ (542 прегледи), од кои 96,9 отсто на мобилен телефон.
На 2 и 3 јануари најмногу се читало за мали сипаници, а на 4, 5 и 6 јануари – за Бадник. На 7 јануари најпребаруван поим бил „Божиќ“, а на 8-ми – „пресметување на датумот на Велигден“. Серијата „Преспав“ е во најпребаруваните поими цела недела од почетокот на годината.
Вики-камп во Дојран
МИА вчера ги објави и најпроверуваните зборови во Грција. На прво место е „Грција“, на второ – „Македонија“ (географската област) и Александар Велики. На четврто место е Поранешна југословенска Република Македонија, а на петто - шпанската серија „La casa de papel“.
На светско ниво, најпребаруван поим е книгата „Bird box“ од американскиот писател Џош Малерман, според која е снимен истоимениот филм во режија на Сузане Биер, а во продукција на „Нетфликс“.
„Википедија“ на светско ниво е формирана на 15 јануари 2001 година, а во Македонија била основана во 2003 година.
„Википедија“ е најголемата светска слободна онлајн-енциклопедија. Може да се најдат податоци на повеќе од 250 јазици, меѓу кои и на македонски.