Од Лос Анџелес се вратила во Владимирово, ги фотографира младите што го напуштаат родното место

Од Лос Анџелес се вратила во Владимирово, ги фотографира младите што го напуштаат родното место

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Беровката Павлина Поповска преку проектот „Мали места - големи соништа“ сака да го прикаже проблемот со миграцијата на младите од овој крај. Со нејзините фотографии ја доловува амбицијата на младите луѓе во контраст со околината во која се родени.

Павлина Поповска вели дека Берово полека умира


По неколку години поминати во Лос Анџелес на студии, но и работејќи како фотограф, беровката Павлина Поповска се врати во родното Владимирово. Преку проектот „Мали места - големи соништа“ сака да го прикаже проблемот со миграцијата на младите од овој крај.

- Она што го затекнав тука е сѐ поголема желба да се бара живот надвор од ова населено место. Берово полека умира. Берово има голем потенцијал со својата убавина да биде дом на многу уметности или на творење на уметниците – вели Поповска.

Младите сакаат да си одат, ама има лек

Таа студирала на Њујоршката филмска академија со кампус во Лос Анџелес, а стекнала и практично искуство работејќи на својата струка во студио во Лос Анџелес.

- Академијата каде што студирав е интернационална, а вештината за фотографија ја научив со најмодерната фотографска опрема. Имав и прекрасни професори кои ме упатија во фините уметности, но и во практичната фотографија. Како недостаток би го издвоила тоа што Америка како држава ги ограничува интернационалните студенти, па немаш дозвола да работиш хонорарно. Но, сепак, тоа се мали работи во споредба со тоа што се нудеше.

Дајана, фотографирана во Владимирово во областа Керамидарка


Поповска вели дека кога се вратила во Беровско, затекнала сѐ поголема желба кај младите да заминат на други места. Но, има лек за да се спречи масовното иселување на младите.

- Изборот во малите места како што е Општина Берово е ограничен во повеќе сфери, како работа, кариера, забава, достапност на трговски центри. Треба да се работи на потенцијалите што ги нудат овие места, како што е екотуризмот, или да се понуди некој модерен алтернативен живот далеку од градот, но сепак блиску до современото општество. Сепак, работата е она што најмногу би влијаело врз изборот за иселување на младите – вели Поповска.

Ангел фотографиран во Владимирово


Фамилијата ме врати дома

Што ја натера да се врати од Лос Анџелес во Владимирово?

- Имам прекрасни спомени и пријателства оттаму, но сепак оддалеченоста од фамилијата е она што ме натера да донесам ваква одлука. Близината до најблиските и местото каде што сме израснале се многу важни. Тоа најмногу го почувствував кога бев на другата половина од Земјината топка – раскажува младата фотографка.

Таа работи на проект кој го нарече „Мали нешта - големи соништа“, инспириран токму од ситуацијата што ја затекнала во Беровско - многу празни куќи и луѓе што живеат таму, но бараат излез. Со нејзините фотографии ја доловува амбицијата на младите луѓе во контраст со околината во која се родени.

- Во проектот се работи за контрастот помеѓу младите луѓе и руралната средина. Тоа се луѓе што допрва го избираат својот пат и одат да студираат или студираат во другите градови. Тие тргнуваат со своите амбиции, кои се разминуваат со тоа што им го нуди местото каде што се родени – вели таа.

Даниела во Владимирово

Со овој проект очекува да предизвика прашања на темата миграција.

- Визуелно го претставувам тоа што се случува. Во план ми е да продолжам со проектот до бројка од 15 фотографии на оваа тема и да го изложам во некој од културно-уметничките центри во Скопје - вели Поповска.

Никола фотографиран во Пехчево



Викторија фотографирана во Владимирово

Влатко фотографиран во Негрево