Хелсиншки комитет: На почетокот на седницата инспекторот имаше забелешки дека дел од луѓето што членуваат во комисијата имаат личен интерес тој да биде казнет, односно да не може да продолжи со случајот понатаму. Но, неговите забелешки беа отфрлени без воопшто да бидат констатирани на записник и комисијата продолжи со седницата
Злоупотреба на доверливи податоци, неизвршување, несовесно, ненавремено или небрежно вршење на работните задачи се причините поради кои државниот просветен инспектор Ѓорѓи Илиевски доби дисциплинска мерка распоредување на непосредно пониско работно место, пишува во
решението за изрекување дисциплинска мерка потпишано од директорот на Државниот просветен инспекторат, Томе Спировски.
Ѓорѓи Илиевски
ДПИ: Илиевски изнел пред јавноста факти што не се конечни
Илиевски го доби овој документ пред неколку дена и ја подготвува жалбата до Агенцијата за администрација.
Во решението пишува дека на одржаната расправа на 19.07.2019 година Илиевски имал опширно излагање, но без суштинско значење за она што му се става на товар.
„Имајќи предвид дека решенијата донесени од државниот службеник беа поништени од второстепен орган како незаконити, а од друга страна имајќи предвид дека државниот службеник Илиевски не даде ниту еден противаргумент за она што му се става на товар преку поднесениот Предлог за поведување на дисциплинска постапка, комисијата утврди:
- Пречекорување на законските овластувања и злоупотреба на службената должност бидејќи без конечно решение за постапката што ја презел на Универзитетот во Тетово изнесува пред јавноста факти што не се конечни, што значи факти што не се потврдени од надлежен орган, со што самоиницијативно донесува заклучок за неправилностите.
Исто така, во решението пишува дека е прекршена наредба од овластено лице која се однесува на работењето на ДПИ.
- Илиевски не само што излегуваше во јавноста спротивно на наредбата дадена од овластено лице од ДПИ туку преку јавните настапи изнесуваше невистинити факти посочувајќи ја опомената од директорот како закана - стои во решението“.
Решението
Хелсиншки: Во голем дел од неговите наводи инспекторот беше прекинуван
На состанокот на кој се расправаше за дисциплинската постапка против Илиевски не присуствуваа новинарите бидејќи не им беше дозволено. Првото образложение беше дека не побарале да присуствуваат, за подоцна портпаролот на ДПИ да изјави дека немале просторни услови.
На состанокот имаше претставници од Хелсиншкиот комитет и Народниот правобранител, па се обративме и кај нив за изјава за случајот, како и коментар дали утврдиле некакви нерегуларности при постапката.
Од Хелсиншкиот комитет ни изјавија дека пред самиот почеток на седницата на дисциплинската комисија на новинарите и на претставниците на дел од граѓанските организации не им било дозволено да присуствуваат, што може да се протолкува како обид за исклучување на јавноста.
- Во ваков случај, кога јавниот интерес е од особена важност, потребата од исклучување (доколку постои) мора сериозно да се образложи. За жал, таквото објаснување изостана, а претставник од комисијата само посочи дека присуството требало однапред да се најави. На почетокот на седницата инспекторот имаше забелешки дека дел од луѓето што членуваат во комисијата имаат личен интерес тој да биде казнет, односно да не може да продолжи со случајот понатаму. Но, неговите забелешки беа отфрлени без воопшто да бидат констатирани на записник и комисијата продолжи со седницата. Во голем дел од неговите наводи инспекторот беше прекинуван со образложение дека материјалот не спаѓа во точката за која се дискутира, дека не е дел од фактичката состојба и слично. На крајот, комисијата донесе одлука да му предложи на директорот на Инспекторатот, против кого Илиевски веќе покрена кривична пријава, да изрече дисциплинска мерка во рок од 7 дена - велат од Хелсиншкиот комитет.
Илиевски во 2018 година бил оценет со највисока оцена за неговата работа
Инспекторот Илиевски за Факултети.мк вели дека целата дисциплинска постапка против него е вршена незаконски,
за што веќе презема мерки.
- Јас сум исто така жртва на мобинг, кој е пријавен и кај Народниот правобранител. Моите следни чекори се жалба за мојата дисциплинска постапка. Веќе поднесов прекршочни пријави за раководните лица на тетовскиот универзитет, а чекаме и каква ќе биде одлуката на Антикорупциската комисија за моите решенија во кои утврдив незаконско унапредување во наставно-научни звања на тројцата функционери
Арбер Адеми,
Агим Нухиу и Сафет Емрули - вели Илиевски.
Тој, од друга страна, вели дека во февруари оваа година од страна на директорот Спировски бил оценет со највисока оцена за неговата работа во 2018 година.
Во годишната оцена за работата на инспекторот стои „особено се истакнува“.
Оцените за работата на Илиевски за 2018 година
Коментар за решението за деградирањето на Илиевски и како е водена оваа постапка побаравме и од адвокатот Никола Главинче. Тој вели дека покорисно е прво да се утврди дали заклучоците и изнесените тврдења по однос на многубројни наводни неправилности се основани или не, а дури потоа да се бара одговорност од инспекторот Илиевски. Тоа, според него, е претходно прашање од кое зависи основаноста на дисциплинската постапка.
- Оцената за тоа веќе ја вршат надлежните институции (тој веќе извести дека поднел
соодветни пријави и барања) и поволно е да се почека донесување правосилна одлука по однос на поднесените прекршочни пријави пред суд, донесување конечен управен акт и правосилна пресуда на Управен суд во однос на извршениот инспекциски надзор и одговори од институциите каде што се обратил - објаснува Главинче.
Јавниот интерес да се изнесат незаконитости е поголем од дисциплинската одговорност
Тој вели дека со оглед на тоа што станува збор за управна постапка, согласно член 8 од Законот за општата управна постапка (ЗОУП), инспекторот имал обврска да обезбеди еднаква, непристрасна и објективна примена на законите и другите прописи во решавањето на управните работи.
- Согласно член 12 од истиот Закон, тој одлучува кои факти ќе ги земе како докажани и тоа по свое самостојно уверување врз основа на совесна и грижлива оцена на секој доказ посебно и на сите докази заедно, како и врз основа на утврдените факти од целокупната постапка. Слични одредби има и Законот за инспекциски надзор и согласно член 5, инспекторот во вршењето на инспекцискиот надзор е должен да обезбеди еднаква, законита, непристрасна и објективна примена на законите и другите прописи, како и обврска во вршењето на инспекцискиот надзор работите да ги врши совесно, стручно, ефикасно, уредно, навремено и непристрасно. Согласно член 8, став 1, инспекторот е самостоен при вршењето на инспекцискиот надзор и одлучувањето за дејствата што треба да се преземат при вршењето на надзорот, како и за мерките што ќе бидат изречени по извршениот надзор - вели тој.
Главинче објаснува дека доколку произлезе дека неговите наводи се основани, тогаш се стеснува просторот за водење дисциплинска постапка бидејќи јавниот интерес да се изнесат неправилности и незаконитости од институции кои се надлежни да ги решаваат истите е поголем од дисциплинската одговорност и повредата на етичкиот кодекс.
- Во конкретниот случај имаме наводи и поставени прашања од јавен интерес. Одговорите и дебатата за тие прашања треба да го заземаат највисокото место во хиерархијата на вредностите во општеството. Се поставува прашање дали со изнесеното Илиевски имал намера да шири идеи и мислења кои би им наштетиле на засегнатите страни и институцијата во која долги години работи, или, пак, се обидувал да пренесе информација од јавен интерес?! – вели тој.
Според Главинче, наводите на Илиевски дека врз него бил
вршен притисок со закани да ги повлече записниците и да не праќа решенија, бидејќи ќе трпи последици, се основа за посебна внимателност при одлучување по овие предмети.
- Се добива впечаток како инспекторот со информирањето на јавноста да бара поддршка од неа за наводната незаконитост, која ја констатирал, а за која, според него, му бил вршен притисок соодветно да ја процесира - дециден е Главинче.