Давитковски: Џабе нов Закон кога за нови вработувања на факултетите ќе треба да се оди на „баци рака“ кај министер
Подготвил:
Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Од МОН тврдат дека новиот Закон ќе го реши проблемот со недостигот на кадар на факултетите, но професори велат дека тој нема ништо да промени
Новиот Закон за високо образование треба да им ја олесни работата на професорите бидејќи факултетите сега може да ангажираат демонстранти, а и асистентите може да учествуваат во организирање на наставата. Вака, според Министерството за образование и наука (МОН), ќе се решава деценискиот проблем со недостиг на професорски и административен кадар на факултетите. Но, професори велат дека новиот Закон нема да го реши проблемот со вработувањата бидејќи одобрувања за нов кадар повторно ќе треба да се бараат од министрите за образование и за финансии.
Факултети.мк објави дека на некои факултети во земјава немало вработување и повеќе од 15 години, како и дека најголемиот дел од факултетите се соочуваат со недостиг на кадар. Асистенти нема ни за лек, па професорите немаат никаква помош во организирањето на наставата.
МОН: Новиот Закон ги врати демонстраторите
Прашавме во МОН како ќе се решава овој проблем. Оттаму ни одговорија дека една од приоритетните заложби на Министерството и на Владата е обезбедување квалитет во високото образование, преку обезбедување соодветни услови за нормално функционирање на високообразовните установи.
- Новиот Закон дозволува ангажман (покрај асистенти и професори) и на демонстратори во високообразовните установи. Тие од 2018 година се враќаат на универзитетите. Асистентите, пак, ќе учествуваат во наставниот процес на начин и во обем определен со Статутот на универзитетот и Статутот на единицата, односно со Статутот на самостојната висока стручна школа. На факултетот, односно на високата стручна школа, можат да се избираат демонстратори како помошници во наставно-образовниот процес на прв циклус студии и тоа ќе можат да бидат лица, студенти на втор или трет циклус студии - ни одговорија од МОН.
Паралелно, според Министерството, Владата преку МОН и Министерството за финансии дава согласности за ангажирање и на професорски кадар, согласно реалните потреби и согласно буџетските можности.
Но, во практика на факултетите нема поместување во однос на нов наставен кадар, иако Законот стапи во сила во мај минатата година. Нема демонстратори, некаде ниту асистенти.
Проблемот е во тоа што статутите на сите универзитети сѐ уште не се поминати на седница на Собранието, иако беа доставени во текот на летото.
Претседателката на Комисијата за образование, наука и спорт во Собранието, Жаклина Лазаревска, пред извесно време нè информира дека доцни изгласувањето на статутите на универзитетите бидејќи дел од нив не ги доставиле навреме во Собрание, но и поради големиот број забелешки во нив.
Професор што оди во пензија треба автоматски да биде заменет
Професорот Борче Давитковски од Правниот факултет во Скопје вели дека новиот Закон нема ништо да смени во однос на вработувањето нов кадар.
- Кога се правеше новиот Закон за високо образование, имаше еден член кој велеше дека кога професор ќе замине во пензија, автоматски на неговото место ќе може да се вработи друг. Се работи за проста репродукција која требаше да важи и за административен кадар. Но, од Влада го избришаа овој член, па практично сѐ е исто како порано. За нови вработувања, секој декан ќе мора да оди на „баци рака“ кај министерот за финансии - вели Давитковски.
Тој како пример го посочува Правниот факултет. Вели дека административниот кадар од 30 се намалил на 12 луѓе, а нови вработувања или замена за пензионираните немало.
Во однос на демонстраторите и на асистентите, објаснува дека само ќе ги држат неколку години со обврски и пак нема да можат да ги вработат без одобрување од министрите.
- Едноставно ќе ги подлажуваме младите, за никаков хонорар, и пак ќе ни бегаат од факултетите бидејќи нема да може да им овозможиме вработување - вели тој.
Проф д-р Борче Давитковски / Фото: Јутјуб
Статутите на универзитетите не важат од август
Во врска со неизгласаните статути на универзитетите, Давитковски вели дека во моментов буквално владее незаконие.
- Статутите на универзитетите престанаа да важат во август. Ние работиме без Статут, што е незаконски. Не дај Боже на некој студент да му притреба нешто да обжали, ќе нема по која основа да го направи тоа - вели Давитковски.
Инаку, исплатата на надоместоците за избраните демонстратори, според новиот Закон, се врши од сопствените приходи на факултетот, односно самостојната висока стручна школа, за што не се бара согласност од Министерството за финансии.
- Ова значи дека факултетите што немаат средства, а повеќето се соочуваат со намален број студенти, нема ни да може да ангажираат демонстратори кои би им помогнале на професорите во организирањето на наставата - вели Давитковски.