Си ветив дека пред да наполнам 40 години ќе ги искачам сите планини во Македонија. Ветено –сторено!

Си ветив дека пред да наполнам 40 години ќе ги искачам сите планини во Македонија. Ветено –сторено!

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Новинарката Александра Спировска од Македонската радио-телевизија преку инспиративни фотографии ја споделува љубовта кон планинарењето и природата со своите пријатели на социјалните мрежи

„Си ветив дека пред да наполнам 40 години ќе ги искачам сите планини во Македонија. Ветено – сторено!“ Со оваа роденденска желба новинарката Александра Спировска од Македонската радио-телевизија си ја честита 40-ката. Нејзината љубов кон планинарењето и природата постојано ја споделува со своите пријатели на „Фејсбук“.

Вели дека со фотографиите на социјалните мрежи сака да ги поттикне сите што не знаат што пропуштаат, седејќи дома, убедени дека за такви подвизи им требаат пари или многу енергија и кондиција.
- Да, треба кондиција, но се стекнува со тек на време ако се има желба. Јас само надвор се чувствувам како дома. Само во природа можам да дишам со полни гради, не чувствувам никаков стрес. Само чувство на слобода, полет и сила - вели Спировска.


Александра Спировска

Таа објаснува дека секогаш била активна, место не ја држело - гимнастика, трчање, возење велосипед, ролерки. Но, со планинарењето ја заразил сопругот Андреј.
- Тој е долгогодишен планинар со огромно искуство и искачени врвови низ целиот свет над 5000 метри надморска височина. Кога се запознавме, неизбежно беше да го следам во неговите подвизи, а гледајќи ја сета таа природна убавина, човек буквално се навлекува и нема назад. Почнуваш да ги истражуваш границите на својата издржливост. Ниеден човек не е свесен за што е способен, само треба да има силна желба.

Не јакне само телото, туку поважно од сѐ, умот



Првиот нејзин посериозен предизвик не бил планински врв, туку гребен на Матка, поточно т.н. „новогодишен гребен“. Вели дека било адреналинско искуство што никогаш нема да го заборави.
- Кога се искачив на врвот, се тресев од возбуда, среќа, стрес, умор и адреналин. Буквално бев како темпирана бомба. Нозете ми беа цели со модринки бидејќи подвигот не е нималку за потценување, искусните планинари знаат, а јас бев почетник. Секако, Андреј ме обезбедуваше со јаже како искусен планинар. Му благодарам за тоа искуство, едно од најдрагите. Исто е чувството и по секој искачен планински врв. Не јакне само телото, туку поважно од сѐ, умот – вели Александра.


Андреј и Александра

Таа за неколку години успеала да ги искачи сите планини во Македонија. Не било тешко, туку огромно задоволство.
- Имаше потешки предизвици, имаше и полесни, горда сум на сите. Кога ќе почувствував слабост, Андреј ме бодреше. Имаше и моменти кога ќе му речев: „А да не одиме до горе?“ Никогаш не ме остави да се откажам. Не постои неуспешна мисија за авантуристи како нас двајца.


Го искачила Кораб како од шега, Пелистер ја ослабел три килограми



Нема тежок или лесен подвиг. За Александра, секој е индивидуален и посебна приказна. Кораб е највисока точка во Македонија, а таа ја искачила како од шега.
- Пелистер буквално ме ослабе 3 килограми (патеката по камењарот), врвот „среден камен“ на Шара исто така беше немилосрден, но јас и мојот сопруг често пати знаеме да се качуваме по стрмни патчиња, не по маркација, намерно отежнувајќи ги искачувањата, за подобра кондиција и спремност за наредниот подвиг.
За неа, Македонија е извор на убавини. Изобилува со волшебни места, водопади, селца.
- Последен пат буквално останав без здив кога на Шара, поточно Лешница, Андреј ме однесе да ја видам „кривошијска када“, тоа е водопад кој личи како да е од филмот „Плажа“.



За планинарењето најважна е желбата, вели Александра. Додава дека подготвеност се стекнува, опремата е задолжителна за секакви услови, никогаш не може да знае човек природата како ќе го изненади, а на високите планински места условите знаат да бидат сурови.
- Познавам планинари што се качиле на Алпите, а почнале со планинарење по четириесеттата година. Тоа значи дека возраста не е изговор.


Љубовта кон природата им ја пренесува и на децата



Што се однесува до финансиските средства потребни за овој спорт, покрај опремата, повеќе ќе ве чини само ако се искачуваат планини надвор од Македонија, објаснува Александра.
- Ако се оди со водичи низ Македонија, тоа се плаќа. Ние одиме сами зашто Андреј е искусен. Не треба многу финансии за да се искачиш на Кораб, Галичица, Пелистер, Шара, Љуботен... Но, за да се качиш на Килиманџаро, нормално дека ќе чини повеќе. Ако си врвен алпинист и ги качуваш највисоките врвови во светот, потребни се пари и повеќето си наоѓаат спонзори.

Александра е горда мајка на три деца. Вели дека тие се нејзина светлина во животот, смислата и најголемата љубов.
- Ќерките се поголеми, најголемата има 20 години и нејзина животна пасија е музиката. Има свој бенд и нема толку време за планинарење, но секогаш кога има можност, ја користи за да се дружиме на пократки тури, зашто толку и дозволува времето. Средната ќерка сака да поминува време во природа и често пати одиме на Водно, има 11 години и повеќе време за да нѐ следи во нашите авантури. А најмалиот, синот Вилен, сега го внесуваме во планинарството, па бидејќи е полн со енергија и буквално не мирува ни дел од секунда, често пати го носиме на болдер. На Водно сме како дома, а пред нецели 2 години се качи и сам. Планинарите што се качуваа по истата патека се чудеа бидејќи не можевме да го стигнеме! Сега нема запирање. Одиме на потешки тури.


Вилен (десно) пред да наполни две години го искачил Водно

Плановите за следните години се да се искачат врвови и надвор од Македонија. Сопругот освоил повеќе врвови, како Гросглокнер, Олимп, Килиманџаро и многу други, но планот е истите и сите што не ги искачил и тој, да ги качат заедно.
- Ни небото не е лимит, нели - вели Александра.