Пинкизација и таблоидизација се феномени на новиот милениум, а културата мора да биде забавна за да добие внимание
Многу малку медиуми и низ светот, особено порталите, пишуваат за книжевност, симфониски концерти, Нобелова награда, за разлика од оние што се занимаваат со кланот Кардашијан или нашите регионални што посветија цели месеци и цели фељтони на некојси Дарко Лазиќ и деталите за неговата несреќа - вели Александра Јуруковска, книжевна критичарка која утревечер ќе ја промовира својата нова книга
Најголемите македонски поети, раскажувачи, академици, писатели и најдобрите имиња се вградени или произлегле од редакциите за култура и уметност. Многумина таму ја започнале својата кариера, но со своите текстови, оцени и критики давале и ветeр, амин и благослов и другите културњаци да бидат значаен фактор и чинител во тогашното општество – вели книжевната критичарка Александра Јуруковска, чија втора книга „Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“ ќе биде промовирана утревечер во 20 часот во Младинскиот културен центар (Галерија).
Александра Јуруковска
Станува збор за опсежна студија што ја издаде „Авант прес“ од Скопје, која на компаративен начин го обработува третманот на книжевноста и културата во неколку македонски медиуми во подолг временски период.
За загрижувачката негрижа кон културата денес, но и други теми поразговаравме со Јуруковска, која и самата работела во повеќе медиуми - радио, телевизија, портали. Нејзини текстови од областа на критиката се објавувани во сите литературни списанија во земјава. Таа беше литературен критичар на весникот „Дневник“, во периодот од 2008 до 2015 година, од каде што се роди и нејзината прва книга „Ткаење на текстот“.
За авторите, издавањето нова книга е како раѓање дете. Инспирација, многу труд, премислувања стојат зад секоја објавена страница. Какво е чувството кога тоа „дете“ треба да се покаже пред светот?
- Баш така - како раѓање. Многу радост, многу возбуда, а и многу непроспиени ноќи, испотени дланки и милион прашања „дали ова требаше да биде вака, а она поинаку или така?“
Истражувавте колку македонските медиуми отстапуваа(т) простор за книжевноста во периодот до 2012 година. Каков впечаток добивте? Беа ли гостопримливи за литературата разните видови медиуми?
- Во студијата правам кус историски вовед за секој од избраните медиуми и можам да кажам дека во минатиот век, дури и на самите почетоци, медиумите многу сериозно ја сфаќале културата, отстапувале многу простор, страници, минути или поточно часови за неа. Ова е лесно проверливо ако сфатиме дека најголемите македонски поети, раскажувачи, академици, писатели и најдобрите имиња се вградени или произлегле токму од редакциите за култура и уметност. Многумина таму ја започнале својата кариера, но со своите текстови, оцени и критики давале и ветeр, амин и благослов и другите културњаци да бидат значаен фактор и чинител во тогашното општество. Сетете се само на додатокот „Лик“ на „Нова Македонија“ (некогаш имал и до 14-16 стр.), на посебните страници или додатоци на „Дневник“ („Ризница“ и „Литература“), на мноштвото емисии на Македонското радио и неговата прва и втора програма, и секако, на Третата програма или на „Телма“, која беше препознатлив хроничар на културните случувања. Ми се чини дека тоа траеше сѐ до почетокот на новиот милениум или првите неколку години од него. Потоа на сцена стапи пинкизацијата, таблоидизацијата, културата требаше да биде забавна, а ако не е, нема страници, минути па ни секунди за неа.
Се добива впечатокот дека во последните неколку години литературата и авторите уште помалку наоѓаат свој простор во медиумите, пред сѐ, порталите, кои се мнозинство. Станува ли културата неважна, неинтересна?
- Најверојатно е така, но тоа е светски тренд. Многу малку медиуми и низ светот, особено порталите, во денот пишуваат за книжевност, симфониски концерти, Нобелова награда, за разлика од оние што се занимаваат со кланот Кардашијан или нашите регионални што посветија цели месеци и цели фељтони на некојси Дарко Лазиќ и деталите за неговата несреќа. Ако во меѓувреме и Карлеуша смисли дека треба да направи нов скандал и сите очи на јавноста треба да бидат вперени во неа за да не пропуштиме некој детаљ, тогаш и тој еден новинар колку што остана од некогашните културни рубрики и редакции остана без работа. Ако на ова се додадат и политичарите кои се нашите најголеми ѕвезди и најголемите „фестивали“ се околу нив, лесно стигнуваме до резултатот - нема култура, нема камера за културен настан, нема ни половина минута прилог во вести, ниту мала вестичка во рамче што одамна е поместено на последните страници од неколкуте ни весници. Жално е што израснавме генерации млади до кои не стигнува културата. Пропуштивме години или деценија да им всадиме љубов и почит кон убавото.
Деновиве Друштвото на писателите на Македонија се подмлади, а Вие и уште неколкумина автори станавте дел од писателската асоцијација. Време ли е да дувне нов ветер меѓу писателите? Какво ДПМ Вие посакувате?
- Во ДПМ веќе неколку години наназад влегуваат писатели од помладата генерација, оние родени околу 80-тите и тоа е за поздрав. Моето пристапување официјално ќе се случи на 15 април и сѐ уште е рано да зборувам за моите проекции, освен можеби за големата чест и возбуда што ја чувствувам во овој момент. За мене, членството во најстарата писателска асоцијација во Македонија значи еснафски завет: односно да се знаат тие пред нас, да се почитуваат тие до нас и да се слушаат и препознаваат добрите меѓу оние што доаѓаат. Да се читаме меѓу себе, така полесно и подобро ќе знаеме како да им кажеме и покажеме и на другите дека треба да нѐ читаат.
Какви ѝ се шансите на книгата да преживее во времево на толку многу технологија, кога слободното време го трошиме, пред сѐ, на социјалните мрежи?
- „Дали интернетот ќе ја убие книгата?“ е прашањето што уште во 1996 година го постави еден од моите омилени семиотичари и автори Умберто Еко. Ова е прашањето или клучната теза и во мојата книга, но и прашањето што јас како новинар десетина години наназад редовно им го поставувам на речиси сите писатели со кои сум разговарала и можам да кажам дека сѐ уште го немам одговорот (се смее). Во моите истражувања давам неколку одговори, опции или насоки, но тоа е само мое видување на нештата што се обидувам да го поткрепам со факти од реалноста.
Сферите со кои се занимавам (книжевноста, комуникологијата и медиологијата) не се егзактни науки за да дадат точни одговори, туку се ставени пред предизвикот да ловат промени кои се случуваат со брзината на светлината. Така и ова прашање нема еден и единствен одговор. Можеби одговорот е чувство, а моето најинтимно е дека, сепак, книгата е една од најжилавите творби на човештвото и најискрените и најдостапни патишта за враќање кон човечкото кое нашиот свет одамна го изгуби. Во тоа сакам да верувам, сакам дури и да уверувам и убедувам и други во тоа и среќна сум кога ќе препознам луѓе со слична вер(б)а.
Фото: Борче Поповски