Почвата најмногу ни треба, а за неа најмалку се грижиме. Земјоделските инженери ни се неопходни затоа што унапредувањето на земјоделското производство е императив во обезбедувањето поголеми количества храна и енергија што се потребни за опстанокот на човештвото
Состојбата со земјоделското обработливо земјиште во Македонија е загрижувачка. Податоците покажуваат дека од вкупната површина на земјава (25,713 квадратни километри), земјоделско земјиште опфаќа само 49,16%, од кои половината се пасишта, а половината обработливи површини, што значи дека обработливо земјиште има мошне малку и покрива само една четвртина од територијата на земјата. Од неа, пак, 150-190 илјади хектари, иако се водат како ниви, се напуштени, најчесто поради миграцијата село-град, а од податоците на Геодетската управа за катастарските класи, најквалитетните почви од прва и втора класа се само 8 отсто, додека другите се ниска класа.
Проф. д-р Татјана Миткова и проф. д-р Миле Маркоски од
Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје (ФЗНХ) велат дека уште позагрижувачко е што намалувањето на обработливите површини продолжува, особено намалувањето на најплодниот дел - земјишниот фонд, за што придонесуваат голем број фактори - од човечки, преку еродирање, па до разни видови деградација и загадување.
Проф. д-р Татјана Миткова и проф. д-р Миле Маркоски
- Имајќи го предвид фактот дека почвата е еден од најважните ресурси за живот и уште повеќе дека се работи за ограничен природен ресурс, грижата за неа мора да биде на највисоко ниво. Погрешно е разбирањето дека таа има неограничени резерви за производство на биомаса и дека нема потреба тие резерви да бидат обновувани. Овој ресурс е незаменлив и уништлив, што значи треба да се чува и, ако може, на идните генерации да им се предаде во подобрена состојба - вели професорката Миткова.
Аграрна земја, а нерегулиран мониторинг на почвата
Професорите сметаат дека важен, ако не и најважен, дел од таа заштита и грижа се мониторингот и анализата на почвата, како и едукација на земјоделските производители. Но, според професорката Миткова, во Македонија, за која постојано слушаме дека е аграрна земја, нема донесено Закон за почви, сè уште не се спроведува мониторинг на почвените својства, ниту за почвената деградација, односно со постојната законска регулатива не се регулира мониторингот на почвата. Проф. Маркоски објаснува дека според Законот за земјоделско земјиште, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство треба да дефинира супстанции што се штетни за земјоделското земјиште и нивната максимално дозволена концентрација во почвата. Досега, според него, мониторингот на почвата се врши во рамките на различни проекти, но без координација помеѓу нив.
- Анализите на почвата, како и нејзиниот мониторинг, се составен дел од системот за заштита на животната средина и се едни од главните инструменти за донесување одлуки за одржливо, економично и ефикасно искористување на овој ресурс за да се обезбеди здрава, продуктивна почва за производство на безбедна храна, како и да се работи заедно за да се одржат и другите функции на почвата што се од суштинско значење за екосистемот и благосостојбата на општеството - објаснуваат професорите Миткова и Маркоски и додаваат дека тие анализи се одличен показател за земјоделците како треба да постапуваат за да се зачува почвата и да се облагороди.
Совет за земјоделецот за квалитетен принос
Токму такви анализи во Македонија се прават на ФЗНХ во специјализираната Лабораторија за анализа на почви и ѓубрива - Л-04 при Катедрата за почви, а во состав на Институтот за животна средина. Во таа акредитирана лабораторија се анализираат физичките и хемиските својства на почвата и ѓубривата донесени од индивидуалните земјоделци, како и доставени примероци од инспекциските органи и други правни лица.
Тестирањето и анализите се вршат согласно современите достигнувања во методите и опремата за тестирање, стандардот за лаборатории ИСО 17025 и начелата на добрата лабораториска пракса, според валидирани методи, домашни и меѓународни стандарди и важечката законска и подзаконска регулатива. Се прави анализа на физичките и хемиските својства на почвите, физички и хемиски својства на ѓубривата, биостимулаторите и подобрувачите на својства (екстракција на фосфати растворливи во вода, определување на содржина на калиум растворлив во вода, определување на вкупен азот, азот во форма на нитрати, амонијачна и амидна форма и сл.). Таму и се изготвуваат извештаи за плодноста на почвата – толкување на добиените резултати од извештаите од тестирање, како и препораки за ѓубрење во зависност од одгледуваната земјоделска култура. Во лабораторијата се анализираат и проби чии резултати понатаму се публикуваат во магистерски и докторски дисертации.
- Со доставување Извештај за анализираните својства на почвата, барателите добиваат комплетни податоци за својствата на почвата и за обезбеденоста со хранливи елементи, како и препораки за правилно и оптимално ѓубрење, со што се избегнува неконтролираното ѓубрење и можноста за загадување на другите компоненти на животната средина, а се постигнува и повисок и поквалитетен принос, поголем профит и заштеда на вложувањата - објаснуваат професорите.
Како специфичен пример каде што анализите на почвата се од голема полза, професорката Миткова го посочува подигнувањето повеќегодишни лозови и овошни насади, кога анализите на почвата се повеќе од потребни за правилен избор на подлоги. Со тоа се оневозможува појава на хлороза и измрзнување како последица на несоодветно избрани подлоги во однос на почвените услови, а така се овозможува избегнување на грешките што можат да бидат катастрофални, бидејќи се работи за големи финансиски инвестиции за подолг временски период, вели таа.
Со мониторинг против загадувањето и деградација на почвата
Мониторингот, исто како и анализата, велат професорите, е од исклучително значење.
- Мониторингот би требало да се разгледува и спроведува како мониторинг и заштита на земјоделското земјиште, што претставува систематска контрола на плодноста на почвата, испитување на содржината на тешки метали и други штетни материи во почвата, проучување на влијанието на ѓубривата врз квалитетот и приносот од земјоделските култури и промените на хемиските својства на почвата и квалитетот на водите за наводнување, и како мониторинг на почвите од аспект на заштитата на животната средина и одржливиот развој, што претставува систематско следење на квалитетот на почвите преку следење на индикаторите за оцена на ризикот од деградација на почвите, како и преземање и спроведување на ремедијациони мерки за отстранување на последиците од контаминацијата и деградацијата на почвите без разлика дали тие се случуваат по природен пат или станува збор за антропогена деградација - вели д-р Миткова.
Професорите сакаат да укажат на неопходноста од воспоставување на овој систем и да се види можноста за негово спроведување согласно прописите и препораките на ЕУ, а истовремено да се поделат одговорноста и работните задачи помеѓу одделните ресори во надлежните министерства.
Фото: Pixabay
- Воспоставувањето на мониторингот на почвите едновремено ќе обезбеди: регистрирање на влијанието на природните и антропогените фактори врз почвата; придонес кон прогноза на глобалните промени; спречување и или регулирање на негативните деградациски процеси во почвата; забележување и утврдување на процесите на контаминација на почвата; собирање информации за потребите на одржливото земјоделство и руралниот развој, за кои денес сè почесто се говори; добивање податоци неопходни за изработка на Стратегија за заштита на почвата и животната средина; податоци неопходни за изработка на стратегија и донесување одлуки за контролата на плодноста на почвата, во правец на избегнување на непосакуваните и стимулирање на позитивните и посакуваните процеси; за објективно вреднување – валоризација на ефективните интервенции во заштитата на почвата; собирање податоци за креирање различни модели на прогноза, што сè повеќе добиваат на значење и обезбедување научна основа за ефективна државна политика во насока на заштита на почвата и животната средина - вели д-р Миткова.
Идните студенти, објаснуваат нашите соговорници, имаат одлична причина да го изберат ФЗНХ. Популацијата во светот постојано расте, а ресурсите се ограничени - почва, вода, простор... Потребата за храна постојано се зголемува, а фосилните горива се исцрпуваат и сè уште нема соодветна замена за нив.
- Зеленото растение е единствен реален начин за искористување на сончевата енергија и создавање органска материја која содржи големи количества енергија неопходна како храна и енергент. Унапредувањето на земјоделското производство е императив во обезбедувањето поголеми количества храна и енергија што се потребни за опстанокот на човештвото - се сложуваат двајцата професори и додаваат дека земјоделските инженери се најкомпетентите лица што ќе ја водат оваа битка и токму затоа идните студенти имаат добра причина да го изберат ФЗНХ.