Горан Ѓоргоноски, менаџер на КМГ Спорт: Кампот на Реал Мадрид во Македонија е следниот наш голем предизвик

Горан Ѓоргоноски, менаџер на КМГ Спорт: Кампот на Реал Мадрид во Македонија е следниот наш голем предизвик

Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова / natasa.boskovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

„Ќе се работи на две основи, подобрување на фудбалските вештини и имплементација на начелата на најголемиот светски фудбалски колектив“, вели Ѓоргоноски

КМГ Спорт, како агенција која долги години наназад стои зад сите проекти на нашиот најдобар спортист Кирил Лазаров, од неодамна е дел од организацијата на фудбалскиот камп на Фондацијата „Реал Мадрид“ во Македонија. Горан Ѓоргоноски, маркетинг-менаџер на КМГ Спорт, објаснува како ќе биде организиран фудбалскиот камп, што сè ќе научат децата, зошто треба да создаваме спортски здраво едуцирани деца, зошто е добро да се натпреваруваат...



Како дојде до соработката со ваква институција од светски калибар?

- Професионализмот кој е императив за работата на КМГ Спорт агенција и одлично сработените задачи поврзани со името на Кирил Лазаров беа најсилната причина поради која ја добивме понудата за организација на фудбалскиот камп со најголема репутација во светот. Лиценцираниот партнер на Фондацијата „Реал Мадрид“, компанијата „Спорт Арена“, поточно нејзиниот прв човек Влатко Тодев, ова лето на четвртиот камп на капитенот нè посети во Охрид со цел да ни ја довери организацијата на Real Madrid Campus Experience Macedoniа. Драго ни е што луѓето го препознаваат квалитетот на КМГ Спорт агенција, која има одлично синхронизиран тим подготвен да одговори на големи предизвици, како што е и организацијата на кампот на фондацијата на најтрофејниот клуб на планетава.

Пријавувањето е започнато. Што можат да очекуваат децата од Македонија од 14 до 18 јануари 2019 во Охрид со учеството на овој камп?


- Македонија и Охрид од 14 до 18 јануари ќе бидат во знакот на мадридистите. За децата-учесници тоа е непроценливо кралско фудбалско искуство, за нас како организатори огромна одговорност и работа. Фондацијата „Реал Мадрид“ ништо не остава на случајност и импровизација. Секој наш чекор е проследен со упатства дадени од нивна страна, од тоа како треба да изгледа теренот до најпрецизни детали. Секоја етапа од организацијата е под мониторинг од Шпанија и доколку нешто не е завршено како што налагаат нивните правила, не може да продолжите кон следната скала. Досега работите се одвиваат без никаква забелешка, што нас, како агенција, нè мотивира да се дадеме себеси уште повеќе.
Real Madrid Campus Experience се организираат во 50 земји и чест е што и Македонија е на нивната мапа. Возраста на децата е од 7 до 17 години, а може да учествуваат и момчиња и девојчиња кои не мора да имаат претходно познавање на фудбалот. Ова е можност децата да се пронајдат себеси и токму фудбалот да им биде главна активност.
Целта е да го почувствуваат кралскиот клуб и сето она што им се чини недостижно кога ќе се слушне името на Реал Мадрид. Тренерите што ќе работат со нив ни доаѓаат од Шпанија, и од клубот се лиценцирани да работат со оваа категорија деца. Според правилата, еден тренер може да работи со група од најмногу 20 деца.
На интернационалниот камп децата ќе имаат неверојатно дружење, но и преку работата и тренинзите ќе ја дознаат лозинката за успех. Ќе се работи на две основи, подобрување на фудбалските вештини и градење човечки вредности. За таа цел, едукативно ќе се насочиме кон следните вредности: самоконтрола, почит, тимска работа, иницијатива и напорна работа. Забавата и детската насмевка сепак ни се најважни. Сите учесници ќе добијат опрема каква што имаат и играчите на Реал Мадрид, комплетен спортски медицински преглед, превоз од дома до Охрид и еден поинаков јануари кој ќе го помнат цел живот. Сите информации можат да ги најдат на нашата фејсбук-страница Real Madrid Campus Experience Macedoniа или на 075/ 329- 745.

Дали сте задоволни со работата на школата за ракомет „Кирил Лазаров 7“? Какви се реакциите на децата и на нивните родители во градовите каде што сте присутни?

- Школата за ракомет КЛ7 расте и се развива многу посилно и побрзо од она што го планиравме кога почнувавме. Популарноста на ракометот, успесите и името на Лазаров си го прават своето. Тој е идол на многу генерации што сонуваат еден ден да бидат како него. Во моментов школата работи со околу 1.000 деца на територија на цела Македонија. Целта ни беше присутност и во помалите средини и населени места каде што децата немаат речиси никаква спортска активност. Но, имаме и школа во градовите кои важат за ракометни лулки.
Работиме со деца родени 2006/2007 година, но и со помали. Нашето мото е „Ракомет за секое дете“. Сакаме да бидеме расадник на ракометно здраво едуцирани деца. Затоа сме отворени за соработка со сите клубови еден ден кога нашите деца ракометно ќе созреат. Благодарение на професионалните и пред сѐ другарски поставени релации со нашите тренери, децата не испуштаат тренинг. Тие се дисциплинирани, мотивирани, вредни. За таквиот нивен пристап големо влијание имаат родителите, со кои функционираме како едно огромно семејство. Со поддршката што тие ни ја даваат сѐ е полесно.

Од годинава оваа школа се крева на повисоко ниво на функционирање, па децата од цела држава ќе се натпреваруваат во КЛ7 купот...

- Школата на капитeнот од оваа есен отвори нова страница во својата работа со формирање интерен мини-куп со кој на децата им се овозможува да имаат натпревари и да видиме до каде сме во нивната едукација. Ова е еден чекор напред како организациски така и кон раѓањето на натпреварувачкиот дух и цел кон победа кај секое дете. Поради дисперзираноста на школата на сите страни од Македонија, формирани се КЛ7 КУП Исток, Запад, Север и Југ во зависност од географската местоположба на местата во кои работи школата. Тимовите ги формираме според возраста на децата. На многумина од нив овие натпревари им беа огнено крштавање на терен. Есенскиот дел од купот го завршивме на општо задоволство на сите деца, родители, тренери и ние како организатори. Од неодамна ја формиравме и најмалата селекција пионери во Македонија КЛ7 „Кисела Вода“, која веќе се натпреварува според календарот на Ракометна федерација на Македонија (РФМ). Свесни сме дека се премали, некои тренираат само неколку месеци, но тоа не нè демотивира, напротив од секој пораз учиме многу. Ние веруваме во нив и се надеваме дека еден ден ќе го понесат епитетот на фаворити и ќе ја почувствуваат убавината на победата.



Како поранешен спортист, својата кариера успеавте успешно да ја продолжите и во голема мера тоа е врзано со спортот. Што беше потребно за да успеете?

- Секое дете што почнува со тренирање и играње некаков спорт сонува да биде професионалец и да настапува на големата сцена. И сето тоа е добро. Но, мора да сме свесни и да ги насочуваме децата покрај спортот, да се развиваат и на други полиња, да го развиваат интелектот и да се подготвуваат за делот по завршувањето на кариерата. За жал, Македонија е далеку од некои светски трендови на т.н. социјализација на врвните спортисти во општеството и поддршка за нив за комплетно да се инкорпорираат во системот. Добар дел од нив се „губат“ во системот и често се мета на „одлични инвеститори“ кои им нудат добар бизнис и лесни пари. Јас и додека играв професионално ракомет, паралелно студирав и успеав да завршам два факултета во различни периоди од кариерата. На почетокот, во доцните 90-ти години, ме влечеше геодезијата како наука, но подоцна економијата (маркетингот како дел од неа) беше моја определба и тоа многу ми помогна во ова што го работам денес. Секако дека многу работа, посветеност и секојдневна надградба се неминовни за успех во кое било поле.



Како татко на 1,5-годишна ќеркичка успева да стаса на сите полиња?

- Тешко (се смее). Одгледувањето дете е големо задоволство, но и огромна обврска, особено за родители кои се „дојденци“ во Скопје и кои немаат којзнае каква логистика. Сепак, како и во секоја друга работа во компанијата во која работи еден човек, така и во семејството - „договорот куќа гради“. Малата е очекувано темпераментна и бара многу енергија, но таа е сега центарот на нашиот универзум и сè друго (па дури и работата и обврските) е во втор план.



Како треба да се размислува и функционира за човек да е задоволен и да има успеси и дома и на работа, а истовремено да важи за одличен пријател?

- Не ја знам формулата за тоа како да размислува успешен човек и не знам дали останатите ме перципираат како успешен човек, но јас со победата наречена Нина, мојата ќеркичка, и работата во и околу спортот сум задоволен во моментов.
Во неколку наврати имав можност да бидам еден вид предавач на студенти во делот на спортски менаџмент и не ја пропуштам можноста да им кажам да го студираат и да го работат она што го сакаат, само така ќе бидат задоволни и ќе дадат максимум и работата нема да ја сфаќаат како работа. Денешното општество бара квалитет и брза адаптација. Што и да работиш, ако си добар во тоа, ќе можеш да обезбедиш егзистенција за себе и за семејството и на крајот од денот ќе бидеш среќен.