Студентите се задушуваат во сопственото ѓубре. Дворовите се како депонии
Подготвил:
Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Покрај негрижата на надлежните институции за одржувањето на домовите, и самите студенти покажуваат дека воопшто не се грижат за животната околина
Отпадоци, градежен материјал, запуштено зеленило, никакво хортикултурно уредување... Студентските домови во Скопје не се руинирани само внатре. Дворовите изгледаат како да припаѓаат на напуштени згради, а не место каде што живеат млади луѓе.
Студентскиот „Гоце“
Фотографијата што се појави на социјалните мрежи на која се гледаат купишта ѓубре зад студентскиот дом „Пелагонија“, кое го фрлаат станарите од прозорците, ја згрози јавноста.
На фејсбук-страницата на овој дом друг студент постира видео на кое се гледа како студенти од прозорците на собите фрлаат две кеси полни со ѓубре.
Покрај негрижата на надлежните институции за одржувањето на домовите, и самите студенти покажуваат дека воопшто не се грижат за животната околина.
Факултети.мк прошета низ дворовите на студентските домови „Гоце Делчев“ „Пелагонија“ и „Кузман Јосифовски-Питу“. Негрижата за овој простор од студентските домови е фрапантна, но и опасна. Од градежен материјал оставен по реновирање, кабли, штици, вреќи со шут, остатоци од храна, кеси...
Дворот на „Гоце“
Ниту еден студентски дом нема хортикултурно уреден двор во кој ќе може да уживаат студентите. Наместо зеленило, цвеќиња, има само исушени гранки, паднати дрвја, грмушки...
Улицата зад „Кузман“
Директорот на Државниот студентски центар „Скопје“, Дарио Николовски, ни изјави дека за пролетва се планирани неколку акции за хортикултурно уредување на домовите кои се под негова надлежност.
- Заедно со „Паркови и зеленило“ веќе го завршивме проектот за хортикултурно уредување на „Кузман“. Наскоро дворот ќе биде комплетно среден. Што се однесува до „Гоце“, во завршна фаза е уредувањето на блоковите В и Г. Со помош на Општина Карпош и на Град Скопје веќе е договорено, откако ќе се комплетира уредувањето на домот внатре, да се среди и надворешниот дел. Овој дом ќе биде комплетно реконструиран - вели Николовски.
Градежен шут во дворот на „Пелагонија“
На прашањето дали студентите ги чуваат домовите, колку внимаваат на хигиената и чувањето на животната средина, Николовски вели:
- Ќе кажам само дека верувам дека може да се потрудат повеќе. И самите реагираат на однесувањето на други студенти, дека има негрижа, но со заеднички сили ќе мора да работиме на тоа да се смени оваа лоша навика - вели тој.
Пред извесно време на фејсбук-групата од домот „Пелагонија“ студентка постира фотографија со куп ѓубре во еден од ходниците. Таа замоли студентите подобро да се грижат за местото во кое живеат. Еве што напиша на постот:
„Академски граѓани што не знаат како се собира и фрла ѓубре. Срамна глетка што самите ние си ја правиме. Кантата полна, кесите со ѓубре - некои заврзани, а некои не - се расфрлани на сите страни, шишиња и догорчиња насекаде. Секаков тип јадење место да е собрано во кеса, истурено е врз целиот отпад и по подот во ходникот, смрдеа што се чувствува до собите и уште што уште не.
Откако е расипан лифтот, чистачките не можат да го изнесат ѓубрето, тоа само се трупа, а ние наместо со малку култура собраниот отпад да го собереме во кеса, заврзано и исправено да го редиме, што всушност правиме? Само се жалиме дека ова или тоа не било направено, се жалиме имало глувци, гулаби, бубачки, инсекти итн. Па нормално дека ќе има кога со сѐ што правиме само создаваме услови за зарази.
Ги замолувам станарите:
1. Малку да размислат дали вака се однесуваат дома и на каква култура ги учеле родителите.
2. Целиот отпад да биде собран во кеси, уредно врзани, исправено редени покрај кантата доколку е полна. (За да не тече по подот поради смрдеата, па да мораме со гас-маска да поминуваме, или откако ќе поминеме оттаму по собите да си ги внесуваме манџите на комшиите).
3. Освен за ова, нека се обидат да ги применуваат останатите правила од елементарна култура за што има голем број објави подолу во групата.
4. Кога велиме дека нешто не е во ред, да почнеме самите да менуваме бидејќи никој нема да дојде и да смени место нас.