Опасен бездомник, па хакер со снимки од американски војници што убиваат цивили - кој е Асанж?

Опасен бездомник, па хакер со снимки од американски војници што убиваат цивили - кој е Асанж?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Асанж, основачот на „Викиликс“, беше уапсен вчера во Лондон, а веста за неговото апсење го заобиколи светот. По 6,5 години еквадорската амбасада му го укина политичкиот азил, а „Викиликс“ напоменува дека Асанж воопшто не ни излегол од амбасадата, туку бил изнесен од неа. Додека го извлекувале, викал: „Морате да се спротивставите, морате да се спротивставите!“

Исто така, „Викиликс“ истакнува дека полицијата го повика амбасадорот на Еквадор во Лондон.

Во едно интервју од 2010 година Асанж изјави дека се залага за нешто што тој го нарекува „научно новинарство“, односно ситуација која би била различна од постојната во која читателите не се во можност да го проверат она што го читаат, па би можеле да бидат плод на злоупотреба. Својата улога ја поедностави со следните зборови:

1
Фото: Getty Images

- Кога владите ќе престанат да мачат и да убиваат луѓе, кога корпорациите ќе престанат да го злоупотребуваат правниот систем, тогаш можеби ќе дојде време да се постави прашањето за одговорноста на борците за слобода на говорот.

Асанж стана познат во цел свет во 2010 година, откако на 28 ноември неговата веб-страница „Викиликс“ објави повеќе од 251.000 американски дипломатски телеграми и кореспонденции меѓу Стејт департментот и американските дипломатски мисии низ целиот свет. Овој материјал содржи дури 40 отсто доверливи документи и повеќе од 6 отсто тајни документи. Асанж и претходно со неговите активности предизвикувал сериозна главоболка на функционерите, како ситуацијата кога се појави таканаречениот „Проект Б“. Станува збор за видеоснимка од кокпитот на американскиот хеликоптер „апач“, на која се гледа како американските војници во 2007 година во Ирак, од воздух ладнокрвно убиваат 18 цивили, меѓу кои и двајца новинари на „Ројтерс“.

Асанж ја основал „Викиликс“ во 2006 година, а со работа почнал во јануари 2007 година. Неговата веб-страница ја опишува како „Википедија без цензура“.

Првиот објавен документ ја обвинува власта на Сомалија поради ангажирање криминалци за извршување ликвидации. Веднаш била оспорена автентичноста на овој документ.

Веб-страницата „Викиликс“ дневно објавувала 10.000 страници документи, дипломатски телеграми кои оттогаш постојано ги полнеле насловните страници на весниците во целиот свет, при што биле откриени многубројни „валкани работи“ во светската дипломатија. Така биле откриени убиствата во Кенија, материјали за дејствувањето на САД во Ирак, односно Авганистан и ситуацијата во Гватемала.

На 30 ноември 2010 година по Асанж била распишана потерница од Интерпол, а на 7 декември Британците го уапсиле врз основа на барањето од Шведска. Имено, во таа земја тој бил обвинет за сексуално вознемирување.

Швајцарската банка „Постфајненс“ ги блокирала неговите средства во декември 2011 година со образложение дека пријавеното место на живеење не одговара со вистината, додека „Мастеркард“, „Виса Инк“, „Пејпал“ и „Банк оф Америка“ оневозможувале прилив на средствата на „Викиликс“.

2
Фото: Getty Images


По тврдењата на Асанж, во најдобрите времиња „Викиликс“ дневно добивала и до 85.000 британски фунти. Сепак, Окружниот суд во Рејкавик, Исланд, во 2012 година дошол до заклучок дека „Виса Инк“ го прекршила договорот и со тоа предизвикала штета од 20 милиони долари.

Некаде на крајот од 2010 година се појавила биографијата на Асанж, при што станало јасно дека тој е познатиот хакер Мендакс, чиј животен пат е опишан во книгата на Сјулет Драјфус - „Подземје“.

Инаку, Асанж е роден во јули 1971 година во Таунсвил, Квинсленд, Австралија, град што се наоѓа на североисточниот брег на Австралија. Кога имал осум години, неговите родители се развеле, а неговата мајка повторно се омажила, па потоа следувал период на постојано селење, поради борбата за старателство над децата.

Наводно, до неговата 14. година се имал преселено дури 37 пати со неговата мајка и браќата. Таквиот начин на живот му станал судбина. Променил неколку училишта и факултети (дури шест). Студирал физика, математика, па филозофија, па дури и неврологија. Не само што не завршил ништо, туку и низ студиите едвај се провлекувал.

Уште на рана возраст се интересирал за компјутери. На 16 години станал основач на хакерска група. Имале силен кодекс што подразбирал дека е неприфатливо уништување на системи во кои успевале да влезат, ниту пак менување на податоците што ќе ги пронајделе.

Како тинејџер бил уапсен поради упад во системите на универзитети, телекомуникациската компанија „Нортел“, дури и Пентагон и НАСА.

Во октомври 1989 година, во пресрет на лансирањето на вселенскиот брод „Атлантис“, на мониторите на НАСА се појавил натписот „WANK“, „Worms Against Nuclear Killers“ што било име на хакерската група „Црви против атомските убијци“. Асанж бил еден од шесте тинејџери приведени поради овој случај.

Иако процесот завршил само со парична казна од 2.100 долари, последиците сепак биле сериозни. И должината на процесот и тежината на цела ситуација го довеле до нервен слом. Целосно растроен, извесно време живеел како бездомник.

Во текот на 90-тите години се посветил на изградба на база на податоци на една асоцијација која се занимава со проблематиката за старателство во Австралија. Имал јасен личен мотив бидејќи водел борба за неговиот син, кој го добил на 18 години. Но, тамошната администрација немала многу разбирање за неговите аргументи. Во 1999 година некако постигнал договор за старателство над детето.

Веројатно поучен од искуствата, настојувал да се вклопи во општествено прифатливите рамки. Бил меѓу основачите на компанијата „Сабрбија паблик акцес нетворк“ во Мелбурн, чиј домен биле интернет-услугите. Но, неговиот немирен дух го одвел на многу патувања. Така, патувал во Азија, живеел во Кенија, Танзанија, Белгија, Исланд, Шведска.

Кога ја собра групата со која ја основал веб-страницата „Викиликс“, својата намера ја толкувал како спротивставување на режимите како Кина, Русија и земјите во централна Азија, а потоа и незаконското и неморалното однесување на владите и компаниите, вклучувајќи ја и владата на САД.

За својата работа Асанж добил низа признанија, како наградата „Сем Адамс“ во 2010, Наградата за мир - Сиднеј во 2011 година, признанието „Марта Гелхорн“ за новинарство во 2011 година. Весниците „Тајм“ и „Монд“ го прогласија за личност на годината во 2010 година, според гласовите на читателите.

Во јуни 2012 година тој најде засолниште во Амбасадата на Еквадор во Лондон.

Бредли Челси Менинг, кој како воено лице ги доставил оние 250.000 документи до „Викиликс“, чие обелоденување го прославило Асанж, во средината на 2013 година бил осуден поради повеќе дела, на 35 години затвор.