Фондот за иновации и технолошки развој во партнерство со порталот Факултети.мк покрена иницијатива за подигнување на јавната свест за оваа категорија ученици, а целта е да се најде соодветен модел за поддршка и развој на талентирани и надарени деца
Иако го зборуваат странскиот јазик како мајчин, тие учат по наставна програма за ученици кои почнуваат од нула. Меѓу нив има идни големи визуелни уметници, но во училиштето нема кабинет по ликовно каде што барем еден час ќе можат да го изразат својот талент. Балетот и музиката се веројатно единствената гранка задржана од минатиот систем преку која државата институционално го решила развојот на талентираните деца во оваа област.
Како институциите се грижат за препознавањето и развојот на надарените и талентирани деца во нашата земја? Фондот за иновации и технолошки развој во партнерство со порталот Факултети.мк покрена иницијатива за подигнување на јавната свест за оваа категорија ученици, а целта е да се најде соодветен модел за поддршка и развој на талентирани и надарени деца. Во овој текст се осврнуваме на состојбите во англискиот јазик, визуелните уметности и балетот.
Државата нема систем да ги препознае
ЕЛТАМ е Здружение акредитирано за организирање на натпреварите по англиски јазик во земјава. За жал, тоа нема никаква улога во однос на унапредувањето на наставата по англиски јазик во нашиот редовен образовен систем.
- Во нашата држава имаме многу ученици што се талентирани за странски јазици, но немаме посебна програма за работа со нив. Тие ученици се целосно запоставени во наставата по странски јазици и освен натпреварите, нема никакви активности преку кои ќе се развива нивниот талент. Секако дека наставниците организираат активности по странски јазици по сопствена иницијатива, но тие активности не се опфатени со програмите за странски јазици, ниту се предвидени со каков било пропис или закон на надлежните институции - вели Александра Поповски-Голубовиќ, претседателка на ЕЛТАМ.
Александра Поповски-Голубовиќ
Таа објаснува дека при организирање на натпреварите, преку критериумите за пласман во повисок ранг на натпреварување (регионално, односно државно ниво), ЕЛТАМ води сметка да се исфилтрираат квалитетни ученици. Но, овие ученици понатаму во редовниот образовен процес се „стопени“ со останатите ученици зашто сите работат по иста наставна програма. Тука се добрата волја и ентузијазам на наставникот за мотивирање и вклучување на овие ученици во разни проектни активности, но тоа секако не е решение.
На прашањето има ли државата систем за препознавање на овие ученици, Поповски-Голубовиќ кусо одговара:
- Апсолутно не.
Талент за странски јазици може да се препознае на најрана возраст. Но, во однос на препознавање на овој талент во рамките на образовниот систем се зема предвид возраста кога децата ќе тргнат на училиште и ќе се сретнат со странски јазик како училиштен предмет.
- За вакви деца потребни се посебно изготвени програми кои ќе овозможат побрз напредок и развој на сите јазични вештини, а не програми со кои учениците со години рециклираат исти работи без вистински напредок. Талентот е нешто што мора да се развива, а кога зборуваме за образовниот систем, мислам дека нашиот воопшто не е адекватно скроен за талентираните. Потребни се посебни програми, поддршка на наставниците, испраќање на ваквите ученици на краток студиски престој во странство на сметка на Министерството за образование и наука - вели Поповски-Голубовиќ.
Талентите за англиски јазик
Резултатите од натпреварите покажуваат дека во земјава има многу талентирани ученици за англиски јазик, велат од ЕЛТАМ. Иако не е направено истражување со кое би се утврдил процентот на ученици талентирани за англиски јазик или кој било друг странски јазик, тие се сигурни дека би бил многу висок.
- Резултатите од нашите натпревари покажуваат дека тие ученици одлично го владеат јазикот и дека заслужуваат програми кои ќе им овозможат и понатаму да го развиваат тој талент. Како прво, со целосна и темелна ревизија на програмите по англиски јазик и други странски јазици. Програмите се застарени, не се следат насоки, ниту нивоата што се дел од Заедничка европска рамка за јазици (CEFRL) онака како што треба. Децата учат англиски јазик од прво одделение, а на крај на деветто одделение се на ниво А2. По девет години учење англиски јазик тоа е незамисливо и недозволиво! Нашите ученици можат многу повеќе, само треба да им го овозможиме тоа преку програми кои ќе ги поттикнуваат да го достигнат својот максимум. БРО и МОН - како најдиректно одговорни за образованието на нашите деца, преку работно тело би требало да направат критериуми и да дефинираат што се подразбира под талентирани ученици за странски јазици, секако, во соработка со здруженија како што се ЕЛТАМ и слични, па потоа да направи посебна програма за работа со овие деца, или да му даде специфични насоки и поддршка на наставниот кадар за работа со талентираните - вели Поповски-Голубовиќ.
Има еден куп талентирани деца за визуелни уметности
Мултимедијалниот уметник Доротеј Нешовски е дел од Детскиот креативен центар при Младинскиот културен центар во Скопје. Тој вели дека по 3-4 годишна возраст може да се забележи кои деца имаат афинитети да прераснат во идни визуелни уметници, преку нивните потези, движења и креативни изразувања.
- Државата нема развиен колективен систем, но треба да почне да се гради и да развива, да се менува институционалното образование, да се адаптира и вклучи во разни процеси, проекти и тренинзи на децата, нудејќи им можности и алатки за развивање на интересите. Мора да се работи на повеќе полиња за развој на децата - дециден е тој.
Доротеј Нешовски
Според него, деца на возраст од 10 години веќе можат подлабоко да се впуштат во ликовната уметност и разбирање на концепциите и техниките, а подоцна и теориите на уметноста.
- Талентот си е талент, тој доаѓа природно, со леснотија и без многу вежбање секој потег и композиција се совршени од естетска гледна точка. Но, вежбањето секако ни помага да се усовршиме и да изградиме препознатлив визуелен стил на изразување - вели Нешовски.
Истражувањата покажуваат дека многу надарени и талентирани деца во нашата земја и во светот минуваат низ животот непрепознаени. На прашањето каква е состојбата кај нас во областа на визуелните уметности, Нешовски вели:
- Уметноста е луксуз. Има еден куп талентирани деца што чекаат да се реализираат.
Школите мора да бидат адаптирани за ваквите ученици. Мора да имаат ателјеа каде што учениците ќе можат да создаваат и да истражуваат, но и ќе знаат дека тие простори се за ликовно образование. Така ќе имаат можност да се одморат од другите предмети и да се впуштат во друг простор на експериментирање и изразување на дадените концепции и предавања, снабдени со материјали за работа, но и посети од уметници и организирање работилници со повеќе ментори.
Мора да се развијат стратегии за овие ученици
Тој објаснува дека во овие простори децата може да организираат изложби и презентации. Така и школото може да гради колекција и портфолија на уметнички творби и дела преку кои ќе ги претставува своите ученици пред надлежните институции - музеи и галерии.
- Мора да се подобрат условите за работа и да се развијат стратегии за ваквите ученици - идни ликовни уметници. Институциите треба да ги стимулираат овие деца преку обезбедување на потребните материјали и услови за работа, или можности за надградба, курсеви и обуки од креативните индустрии, доделување грантови, да се етаблираат во културата средина, можности за претставување на меѓународни конференции, симпозиуми, саеми, заеднички учества во музеи и галерии - вели Нешовски.
Состојбите во балетот се најдобри, но и тука треба да се поработи
Каква е состојбата во балетската уметност? Според проф. д-р Соња Здравкова-Џепароска од Државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски-Луј“, многу често може да слушнеме дека „некој има талент“. Но, што значи всушност тоа?
- Во балетот, за обата пола, тоа подразбира сет на анатомски предуслови кои овозможуваат да се усвои прилично сложениот систем на балетска лексика и тие постојано се развиваат и усовршуваат - вели таа.
Проф. д-р Соња Здравкова-Џепароска
Пред сè, тука е физичката градба, која треба да одговара на нормите на балетската естетика, флексибилноста на нозете, стапалата,`рбетниот столб и карличниот дел. Според Здравкова-Џепароска, под талент се подразбира и добро развиен слух и чувство за ритам, индивидуалност (иако тоа во раната возраст е тешко да се определи, но треба да се обрне внимание). Важна улога има и „сценичноста“, која таа ја објаснува како свесно, контролирано присуство на сцената со вештини за лесно остварување комуникација со публиката и вистинска самореализација и саморепрезентација.
Според Здравкова-Џепароска, државата има неколку форми на поддршка на овие талентирани деца - стипендии, финансирање на одредени активности итн.
- Но, системски погрешно се поставени работите. Апликациите ги оценува комисија која најчесто е некомпетентна, бидејќи не ја познава оваа проблематика. Се рангираат учениците од различни образовни нивоа и профили - ученици од единственото државно училиште со ученици од неформалното образование, што е недозволиво. Освен тоа, стипендиите за талентирани ученици ги опфаќаат сите форми на уметничко изразување. Како вие може да имате увид за музички, балетски, ликовни достигнувања сеопфатно?! - прашува таа.
Здравкова-Џепароска вели дека е неопходно во овој процес да се вклучат луѓе од фелата (балетското училиште, театарот, катедрата за балетска педагогија на Факултетот за музичка уметност) во комисиите за доделување на овие средства бидејќи само тогаш стипендиите и поддршката ќе отидат кај вистински талентираните деца кои имаат видливи и препознатливи резултати.
Поради обемот на секојдневната настава и содржината на наставните планови кои се директно условени со телесното оптоварување, особено на `рбетниот столб, со професионална балетска обука се започнува на возраст од 9-10 години. Ова е светско искуство и препорака бидејќи таа возраст е усвоена од сите професионални школи.
- Мора да бидеме свесни дека талентот е база, темел кој го надградуваме. Доколку темелот има некакви недостатоци, тоа што го градите лесно може да се сруши, фигуративно кажано. Односно, ако немате тело кое може да одговори на поставените норми и барања, многу лесно може да настанат повреди. Но, несомнено е дека работата е пресудна. Техничките достигнувања, „леснотијата“ на танцот зад која стојат часови, денови и години, се постигнува со макотрпна работа. Ќе повторам, во балетот е потребен индивидуален приод. На еден талентиран ученик му е потребен одреден период за усвојување и постигнување на конкретна содржина и ниво, другиот има сосема поинаква динамика. Тоа веќе се моделира во процесот на едукација и затоа од пресудно значење е педагогот елоквентно, сигурно и во вистински правец да го води ученикот - објаснува Здравкова-Џепароска.
Балетското училиште кај нас е дел од националниот образовен систем
Таа вели дека состојбата со балетската уметност е многу поинаква од другите во нашата земја. Во многу западни земји овој тип образование се плаќа. Исклучок се националните, односно училиштата при големите национални театри. Кај нас балетското училиште е дел од националниот образовен систем и тоа е бесплатно.
- Доколку се препознае талент, тој се негува и поддржува. Ова го кажувам од сопственото искуство - околу квартал во балетското училиште и една деценија на Катедрата за балетска педагогија. Училиштето често организира семинари кои се бесплатни и достапни за учениците. Учеството на натпревари е на товар на родителите, но во договор со родителите тоа не се неподносливи трошоци, па однапред се прават планови за учество за да може сите да се подготват. Дел од нив се во Македонија, така што се приспособуваме и пронаоѓаме решенија во корист на ученикот - објаснува Здравкова-Џепароска.
На прашањето како институциите да им излезат во пресрет на талентите во нивниот развој, таа вели дека треба да се оствари поголема видливост на овие ученици. Некои од нив заминуваат во странство, а тоа само го потврдува квалитетот на обуката овде.
- Мојот ученик Марко Мицов речиси седум години гради исклучително успешна кариера во САД, дури годинава ја доби наградата „Менада за млад уметник“ за 2019 година. Досега тој речиси беше невидлив за домашната средина. Талентот треба да се негува, но не само од педагогот, туку и од надлежните државни институции, од медиумите, од средината. Државата треба да ги поддржи талентите, но вистинските, а не само проформа да се исполни одредена квота на стипендии. Можеби е добро да се размислува за државна поддршка во набавка на опрема (шпиц-патики, костими) за единственото државно училиште „Илија Николовски-Луј“. Но, треба да се изнајде начин овие таленти да се задржат во земјата. Тоа се неколку поенти на кои треба да се работи - децидна е Здравкова-Џепароска.