Матурантите бегаат од математиката, факултетите не им ја бараат за упис
Подготвил:
Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Секоја наредна генерација е послаба во математика и во средно школо доаѓаат со полошо знаење, па ние мораме да ги учиме елементарни работи, велат професори по математика во повеќе гимназии
Математиката не им е омилен предмет на матурантите за полагање на државната матура, но според професори, поголем проблем е тоа што некои технички факултети дозволуваат уписи без покажано знаење по овој предмет.
Годинава 2.033 матуранти полагале математика од вкупно 15.553 пријавени за полагање на државната матура. Тоа се околу 13 отсто. Предметот англиски јазик го избрале дури 13.851 матурант. Се наметнува дилемата зошто младите толку бегаат од математиката за полагање државна матура. Дали тестовите им се тешки, дали бегаат од поголема одговорност? На дел од овие прашања ни одговорија универзитетски и професори по математика.
- Ова е навистина длабок проблем. Перцепцијата на математиката е генерално проблематична. Не само во Македонија, туку и многу пошироко. Според мене, има два можни одговори на ова прашање: или матурантите мислат дека не знаат доволно математика или мислат дека се многу поподготвени по другите предмети. Не верувам дека тестовите се тешки затоа што тоа е материјал кој се изучува во средното образование. Вистинското прашање што заслужува анализа е зошто сите технички факултети не бараат како услов положена матура по математика – прашува професор Петар Соколоски од Природно-математичкиот факултет.
Една од главните причини зошто овие факултети избираат да не ја бараат математиката како задолжителен предмет e генерално намалениот број на студенти. За деканот на Природно-математичкиот факултет од Скопје, Ицко Ѓоргоски, ова е многу сериозен проблем кој го става под знак прашалник работењето на овие факултети.
- Секој факултет прави сѐ за да има што е можно поголем број студенти и приемната политика ја креира на начин за да ги придобие. Ние не ги ограничуваме да имаат положено математика на државна матура, меѓутоа, правиме куси интервјуа со кандидатите и така правиме наш филтер, односно ако забележиме дека некој не одговара за да биде примен на програмата Наставна математика, тогаш му предлагаме друга програма. Кандидатите доаѓаат со положена математика, но не сите - вели Ѓоргоски.
Од гимназијата „Св. Климент Охридски“ од Охрид со години доаѓаат најдобрите матуранти на државна матура по одредени предмети, а особено по математика.
Сузана Недеска-Маркоска, професорка по математика во оваа гимназија, вели дека од бројот на матуранти што полагаат државна матура, повеќе од половината се одлучуваат за овој предмет.
- Генерациски интересот се менува, но можам да забележам дека секоја наредна генерација е послаба во математика. Се случува во прва година средно гимназија да не умеат да помножат два броја. Според мене, треба да се зголеми и фондот на часовите по математика - вели Недеска-Маркоска.
Валентин Чачор
Професорот Валентин Чачор од истата гимназија вели дека од 215 ученици што полагале матура од охридската гимназија, 123 положиле математика, што е добар просек. Токму две негови ученички (Мартина Аврамоска и Сара Паункоска) остварија најдобар успех по овој предмет на државната матура.
- Проблемот е во зборот математика. Матурантите бегаат од математиката, но бегаат и од нерегуларности, обемност на материјал, го избираат тоа што им е полесно. Од друга страна, се случува добро да им оди и англискиот и полесно да се снајдат на овие тестови. Мислам дека доаѓаат со генерално слабо знаење од основното образование и тоа особено се гледа во последните десетина години, откако беше воведена програмата „Кембриџ“. И техничките факултети мора повеќе да ја бараат. ФИНКИ, ФЕИТ ја имаат, знам, но не знам како е кај другите. Во Словенија дури и за запишување на медицина им бараат математика – вели Чачор.
Ѓеорги Цветков
Неговиот колега од Кратово и актуелен директор на гимназијата „Митко Пенџуклиски“, Ѓеорги Цветков, посочува дека е поразително што младите толку бегаат од математиката, додека истовремено расте интересот за запишување на техничките факултети.
- Имам повеќе од 25 години работно искуство во нашето образование и можам да кажам дека секоја наредна генерација покажува сѐ послаби резултати по овој предмет. Математиката е предмет што треба да се засака во основно училиште, ако се остави за во средно, тогаш е веќе доцна. Како наставници во средно образование се соочуваме со ученици кои доаѓаат со многу слаби предзнаења од основно, така што сме принудени да ги учиме елементарни работи. Не сум ја проанализарал добро програмата „Кембриџ“, но во разговорите со мои колеги од основно образование не сум слушнал ниту еден убав збор. Тоа државата треба сериозно да го сфати. Со години сум бил член на оценувачки комисии токму за државната матура и можам да кажам дека интересот за математика вртоглаво опаѓа. Некогаш имаше по 8.000 деца што полагаа, годинава едвај 2.000. Според мене, овој оценувачки метод за прием на факултет не е добар. Треба да си се вратат приемните испити за на факултет, каде што матурантите ќе полагаат соодветни предмети за факултетот што го одбрале - категоричен е Цветков.
фото: Pixabay