„Напредните“ реформи ни го уназадија образованието во Македонија

„Напредните“ реформи ни го уназадија образованието во Македонија

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Со оглед на алармантните извештаи за бројот на заболени и починати луѓе во државата како последица на аерозагадувањето, немаме време за чекање, вели Мите Ристов, награден наставник по географија од битолската гимназија, кој се залага за надминување на загадувањето во земјава

Сѐ повеќе се чувствува дефицитот на наставен кадар по одредени предмети, појава која во иднина ќе се засили и ќе предизвика да се намали квалитетот во образованието. Затоа, Министерството за образование и наука по итна постапка мора да предложи законски решенија кои ќе ја спречат оваа појава и ќе придонесат за враќање на достоинството на наставникот, вели Мите Ристов, наставник по географија во гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола, кој неодамна беше награден за добра наставна пракса на ниво на средни училишта од цела држава. Задача на наставниците била да изработат активност со учениците во која ќе покажат иновативност, интерактивност, користење модерни технологии, а сето тоа да биде преточено во кратко видео објавено на „Јутјуб“.

Учениците ги анкетираа жителите на с.Цер

Ристов и 40-ина ученици од битолската гимназија го истражуваа просторот на селото Цер, Горен Демир Хисар.
- Учениците беа поделени во повеќе групи, вршеа анкетирање на населението, ги мапираа проблемите на жителите во селото, ги истражуваа народните обичаи, природните карактеристики на просторот, изработија уметнички дела од архитектурата на објектите и документарен филм за целото истражување. Кратко видео од активноста е поставено и на „Јутјуб“. Во делот на анализа и презентација на резултатите беа користени повеќе ИКТ-алатки, како: Google Earth, Microsoft Ice, а беше изработена и веб-страница на која се презентирани сите резултати од истражувањето.

Како учениците го прифатија предизвикот да истражуваат и да работат во природа?

- Учениците уживаа во целото истражување, особено поради тоа што можеа практично да ги применат стекнатите знаења, а голема мотивација им беше и можноста да го промовираат селото Цер, кое е заборавено од државата, и да придонесат за афирмирање на вакви и слични населени места. Сето тоа би создало услови за враќање на населението и заживување на селата. На официјалното врачување на наградата апелирав до заменикот-министерот за образование и наука Петар Атанасов да се направат измени во наставната програма по сите предмети и наставата во природа да биде задолжителна за сите, со што ќе им се овозможи на учениците почесто да престојуваат надвор од училница.

Мотивирани наставници значи мотивирани и добро образовани ученици. Сметате ли дека Вашата работа е потценета, ако судиме и според платите, но и генерално, од односот на родителите и учениците?

- Без квалитетен наставен кадар илузорно е да бараме квалитетно образование. Секако дека добро мотивиран наставник е предуслов за квалитетно образование. Но, во сите овие години многу малку е направено на тоа поле и затоа навистина е тешко и претставува вистински предизвик во ова време да бидеш наставник. Во најголем дел од училиштата се среќаваме со несоодветен работен простор, нема елементарни услови за работа, несоодветни наставни програми и учебници, немање наставни помагала, лоши образовни стратегии и реформи, несоодветен однос на одредени родители и ученици кон наставниците и, секако, ниска плата, која апсолутно не соодветствува со степенот на сложеност на работните задачи кои еден наставник ги извршува во текот на работното време.


Мите Ристов

Предавате географија. Како ги објаснувате катастрофалните резултати на нашите деца во последните неколку години на ПИСА-тестовите по природни науки? Дали проблемот е во наставните програми, во недоволно дидактички средства...?

- Образованието е столбот на секоја држава. Сепак, од независноста на Македонија, па до денес, малку е сторено за негово унапредување и приближување до потребното ниво. Сите овие години се вршеа импровизирани реформи кои само му наштетија на образованието и целосно го уназадија. Повеќе фактори придонесуваат за ова ситуација: неквалитетни наставни програми, лоши учебници, слаба применливост на материјалот што се изучува. Исто така, имплементацијата на „екстерното оценување“ кое траеше со години предизвика осетно намалување на квалитетот на образованието бидејќи се концентрира на квантитативното, а не на квалитативното знаење кај учениците. ПИСА-тестовите се конципирани на тој начин што учениците треба да читаат, анализираат и логички да ги поврзуваат нештата за да можат да одговорат на прашањата, а по најголем дел од наставните предмети учебниците изобилуваат со фактографски податоци. Мислам дека најголемиот проблем е во концептот на основното образование, а тоа ние во средното образование многу лесно го уочуваме и ги согледуваме пропустите во знаењата и вештините на учениците кога го продолжуваат образованието кај нас.


Цртање во природа

Загадениот воздух е темата што нѐ мачи сите, освен политичарите, луѓето кои треба најмногу да сторат за да го оствариме основното право на чист воздух. Кои мерки, според Вас, би било најдобро да бидат преземени во Македонија и да дадат резултат?

- Загадениот воздух е тема од која не може да избега никој во државата. Покрај во образованието, доста сум активен и во граѓанскиот сектор, каде што преку Регионалното географско друштво „Геосфера“- Битола во 2018 година спроведовме проект кој ги анализираше состојбите со загадениот воздух во град Битола, ги вклучивме граѓаните во идентификацијата на аерозагадувачите во градот, изработивме интеракативна карта на Google Maps, направивме едукативни предавања за учениците од основните училишта и, секако, предложивме предлог- мерки за намалување на аерозагадувањето.

Дефинитивно крај на нашите маки со аерозагадувањето ќе претставува целосната гасификација на сите поголеми населени места во државата. Но, со ваква стапка на издвојување финансиски средства за гасификација ќе ни бидат потребни десетици години за целосна гасификација. Со оглед на сите алармантни извештаи за бројот на заболени и починати луѓе во државата како последица на аерозагадувањето, немаме време за чекање. Институциите на државата треба да направат план со конкретни рокови и буџети и гасификацијата да ја спроведат за 3-5 години.



Според нашите истражувања, но и од сите извештаи на домашни и странски институции кои се занимаваат со оваа проблематика, најголем загадувач во текот на зимските месеци во годината секако се домаќинствата. Затоа, потребно е државата и локалните самоуправи во овој дел да ги насочат сите сили за барем да се преполови аерозагадувањето. Според истражувањето на Државниот завод за статистика, над 60% од населението во државата се затоплуваат со огревно дрво. Според анкетите што ги направивме во Битола, голем број граѓани се жалат на тоа дека шумските претпријатија, кои патем во најголем дел се државни, им дистрибуираат влажно огревно дрво и тоа во месеците ноември и декември. Ако на ова се додадат истражувањата од различни научни трудови, каде што се вели дека само 10 отсто повеќе влага во дрвото продуцираат дури 70% повеќе PM честички, станува јасно каде е проблемот и како да го решиме.



Врз основа на сето ова, ресорните министерства треба да направат измени во законите за сечење, складирање и дистрибуција на огревно дрво, со што на крајните корисници ќе им се дистрибуира сертифицирано суво огревно дрво со влажност под 20% до месец јули. Шумските претпријатија финансиски да се помогнат во спроведувањето на законските решенија, од страна на инспекторите да се контролира дали законската обврска за задолжително чистење на оџаците се применува од страна на домаќинствата и да се изрекуваат ригорозни казни за загадувачите од малите и големите индустриски капацитети. Само спроведувањето на овие мерки, според мене, ќе доведе до намалување на аерозагадувањето за 40-50%.