Интервју со Јана Константинова, архитект и докторанд во Швајцарија: Истражувам низ светот за во Македонија да ги спојам градот, просторот и културата

Интервју со Јана Константинова, архитект и докторанд во Швајцарија: Истражувам низ светот за во Македонија да ги спојам градот, просторот и културата

Подготвил: Наташа Бошковска - Златкова /natasa.boskovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

За својот истражувачки проект сама обезбедив финансии преку crowdfunding иницијатива во која ми помогнаа две швајцарски фондации со интерес да финансираат истражување во рамките на културата

Јана Константинова е архитект, дипломец на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Моментално работи како асистент на швајцарскиот Архитектонски факултет на Федералниот институт во Лозана EPFL, а истовремено работи и на својата докторска теза на Институтот „Архитектура и науките на градот“ во Лозана.

Константинова е соосновач на невладината организација „Егзибит: Скопје“ (основана со Ива Шокоска) и во нејзиниот фокус се сивик-иницијативи за просторот во градот. А најново на што работи е соработката со македонското Министерство за култура за актуализирање на темата културните центри и нивното значење за градовите, што е и тема на нејзината докторска работа.
Постојано се труди да биде активна во странство, а пилот-проектот да го реализира во Македонија, односно, како што вели, да успее да дојде до некој проект што би му помогнал на самиот град, но и на културата во него.
- Асистентската позиција е дел од докторскиот договор, така што докторандот мора да посвети време соодветно да се образова и како предавач, односно директно да работи со студенти, надвор од рамките на истражувањето.

Пред да ги запишам докторските студии посетив многу конференции, настани, изложби... бидејќи веќе живеев во Швајцарија, но и насекаде низ светот, најчесто преку стипендии што се во мојата област, но многу побитно - и надвор од неа. Од друга страна, имав среќа бидејќи во Швајцарија има интензивна фреквенција на интелектуална размена, па затоа тие стипендии се навистина пристапни. Со тоа ги проширив познавањата на проблематиките во областа на архитектурата и градот во 21 век, како и проблематиките во професијата и нејзината пракса, но и ги збогатив професионалните контакти. Добредојдени се оние кандидати што имаат пошироко интердисциплинарно искуство, и најбитно, со искуство што сами го иницирале. Да, се бара знаењето, но и многу повеќе ми ја ценеа проактивноста, и, се разбира, ентузијазмот. Сето ова беше практично возможно бидејќи ги продлабочував знаењата по работното време во архитектонското биро, а годишните одмори претставуваа слободно време да посетам повеќе настани, што за мене е вид на забава.



Што значи истовремено да си и докторанд и вработен како асистент на Универзитетот? Може ли да се направи некоја македонско-швајцарска паралела?

- Докторатот е интензивно структуриран во 4 години. За тоа време мораме да посетуваме курсеви преку кои ги збогатуваме методологиите како истражувачи, но и како идни професори. Така што разликата со истражувачката работа во Македонија е што тука, во Швајцарија, ние сме вработени на самите институции и целото работно време го посветуваме на истражувањето. Во Македонија докторските трудови се работат подолг временски период бидејќи сами по себе не претставуваат работна позиција, туку најчесто се во паралела со некое друго вработување. Тоа веројатно влијае и врз квалитетот. По однос на асистентската позиција, морам да напоменам дека во Швајцарија студентите активно учествуваат со своите идеи и предлози во оформувањето на програмата. Позитивно е што студентите се целосно ослободени од крутиот однос професор-студент, а критиката е најмоќната дидактичка алатка што се користи на сите нивоа помеѓу студент-асистент-професор. Навистина брзо се детектираат некорисните аспекти во курсевите што ги предаваме, и тие се менуваат и се адаптираат во согласност со потребите.

Може ли да се живее со асистентска плата или мора да се обезбедат дополнителни средства за истражувачката работа?

- Може, но мора да се размислува и за општествената и академска одговорност што таа позиција ја носи. Доколку е постигнат квалитет, секогаш ќе се најдат соодветни финансии. За својот истражувачки проект сама обезбедив финансии преку crowdfunding иницијатива во која ми помогнаа две швајцарски фондации со интерес да финансираат истражување во рамките на културата.


Изложба: Културна инфраструктура на Балканот - ЕПФЛ

Како преку невладиниот сектор се вклучувате со проекти во Македонија? Има ли интерес кај државниот апарат за она што Вие го работите?

- Идејата е како ние, како архитекти, проактивно да предложиме и да иницираме одредени визии без да чекаме некој да ни ги нарача, но тие визии да ги отвориме за јавноста и да дискутираме со неа. Или со други зборови, да ја репозиционираме архитектурата како општествена пракса или да ја „демократизираме“. Актуелно е што преку моето присуство на ЕПФЛ и невладината организација во Скопје, започнуваме соработка со македонското Министерство за култура, бидејќи се совпаѓа со темата и на докторатот. Неодамна нѐ посети министерот Роберт Алаѓозовски, со кого, меѓу другото, имавме и работна средба преку која заеднички ги дискутиравме потенцијалите за актуализирање на иницијатива за децентрализација на културните центри во општините (заедниците) во Скопје и нивно формално поврзување со зелени површини, за да се овозможи граѓанска „демократска“ циркулација во градот. Да го понудиме културниот центар како граѓански херој во кој секој би можел да се препознае. Од друга страна, организиравме и конференција со наслов Balkanise!, на која ги поканивме нашите партнери од Urban Think Tank (У-ТТ) од Цирих да ни го пренесат своето знаење за дејствување во балканските градови и за нивните сличности и различности во овие современи проблематики.



Споменавте поголем број институции, проекти и иницијативи. Значи, контактите и соработката се веќе на терен. Кој е стремежот во пракса?

- Соработка досега имавме со повеќе институции и поединци. Со Архитектонскиот факултет во Скопје, со Општина Центар, со Австриската агенција за развој, со урбанистичкото биро Superwirn од Виена и последно, со македонското Министерството за култура. Она кон што се стремиме е формирање локално-интернационален тим составен од новата генерација архитекти кои се општествено инволвирани и со кои би можеле да ги имплементираме сите овие почетни иницијативи. Градот, на крајот на краиштата, е grassroot движење.


Дебатата Balkanise, април 2018, Лозана

Имате едно сосема поинакво сфаќање за градот и сосема поинаква визија за него. Зошто токму културни центри се во основата на таа визија? Тоа е целта и на Вашиот докторат?

- Има одличен глобален моментум во кој културата и просторот се наметнуваат како една тема. Мојот ментор, проф. Никола Брагери, е оној што ме насочи практично. Едноставно, градовите се направени од луѓето и тие треба да ги разгледуваме како општество. Вклучена сум и во иницијативата „Реактивирај го Сараево“, која ја отвори темата на реактивација на еден урбан простор преку реактивација на Историскиот музеј во Сараево. Годинава бев и во работна група иницирана од Швајцарската национална канцеларија за култура, за изработка на швајцарска национална стратегија на истоимената тема. Со искуството стекнато во Македонија, во текот на студирањето и како млад архитект, согледав дека навистина е потребно подобро да се разберат овие односи. Практично, во времето и системот во кој живееме, културата е битна, но сѐ уште е слабо афирмирана тема. Истото важи и за нејзината присутност во градовите. Од друга страна, секоја зграда врши некакво влијание врз градот. Кога мислам на култура, мислам на глагол - активен процес.

Во градовите граѓанскиот простор се трансформира - највидливи се „приватизациите“ на зелените појаси во градовите, а помалку видливи и осознаени се културните центри - како јадра за дифузија на интелектуална и имагинативна моќ. Овој граѓански простор најчесто се разгледува на основа на секој културен центар сам за себе. „Граѓански“ како термин го споменувам со причина бидејќи адресира дека е заеднички, „јавен простор“ е премногу наративен термин со кој луѓето потешко се самоасоцираат. Затоа темите на култура и природа како граѓанско заедничко добро се денеска едни од најактуелните во областа на архитектурата. Целта на истражување на оваа „културна инфраструктура“ во еден град е да се разбере градот како еден културен комуникациски систем и да се препознае како формален модел. Токму во оваа градска „културна инфраструктура“ - културниот центар претставува основен јазол. Со ова би се искреирало и знаење за нова архитектонска пракса, која би требало да ги донесе министерствата за култура поблиску до градските општински управи. Од друга страна, научната заедница на Швајцарија има интерес и визија подобро да ги разбере релациите помеѓу уметноста, културата и просторот. Се надевам дека со наметната тематика ќе можеме да отвориме повеќе битни прашања.