Резултати од анкета: За некои матуранти факултетската диплома е билет за странство
Подготвил:
Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk
92,5 проценти од матурантите ќе студираат на факултет, не на висока школа. 83,5 од анкетираните одбрале државен наспроти приватен факултет
Најголем дел од матурантите веќе одлучиле каде ќе студираат, а студиите ќе им ги платат родителите. Некои главната одлука ја донеле со помош на најблиските, други поради просперитет, ги следеле само своите интереси, а некои сметаат дека дипломата ќе им биде билет за странство. Ова го покажаа резултатите од нашата онлајн-анкета.
Речиси 57 проценти од анкетираните одговориле дека сакаат да студираат за да се стекнат со знаења, а 38 дека со диплома може полесно да се најде работа. 30 отсто кажале дека со дипломата полесно ќе може да заминат во странство.
Најголем дел од матурантите велат дека одлучиле што ќе студираат (60%), а исто толку одлуката ја донеле следејќи ги своите интереси.
На прашањето на кој начин ја донеле одлуката, матурантите имаа опција да кажат друга причина за изборот на факултет, освен наведените.
Еве дел од нив:
„Одлуката ја донесов по долго кроење планови да ја напуштам државата“.
„Мотивација за одлуката ми беше странство“.
„Моите родители се образовани, просветни работници и се чувствувам должна да завршам факултет“.
40 проценти од матурантите планираат да студираат во друг град. Некои, иако саканиот факултет го имаат во родниот град, сепак ќе студираат на друго место. Еве зошто:
„Затоа што знаењето стекнато на УКИМ е неспоредливо со знаењето од останатите државни и приватни факултети“.
„Сакам да бидам самостојна“.
„Затоа што оној во мојот град не го бива“.
Најголем дел од матурантите или 92,5 проценти ќе студираат на факултет, не на висока школа. 83,5 од анкетираните одбрале државен наспроти приватен факултет. Во одговорите преовладува мислењето дека приватниoт факултет е прескап, но и дека на државен се добиваат повеќе знаења. Ова се дел од нивните одговори:
„На државен факултет се стекнува повеќе знаење и поголеми се шансите за вработување“.
„Сметам дека приватните факултети во нашата земја сѐ уште не се доволно подготвени за да ми овозможат подобро образование од државните“.
„Одбрав државен бидејќи немам доволно финансии за на приватен“.
„Во последно време повеќе се цени дипломата од приватните факултети и таа е признаена во многу други држави, за разлика од државните каде што дипломата не е признаена во странство“.
„Државен, поради помали финансиски трошоци“.
На прашањето како ќе ги финансирате вашите студии, 56 проценти одговориле дека студиите ќе ги платат нивните родители, 25 отсто планираат да аплицираат за стипендија, а 17,4 ќе работат хонорарно. Речиси 70 проценти велат дека ќе одат редовно на предавања и вежби, а 37,7 дека можеби ќе се вклучат во работата на некоја студентска организација. Слична бројка на матуранти одговориле дека секако ќе се вклучат во некоја студентска организација.
Анкетата ни ја одговорија 350 матуранти, повеќето со одличен успех.