Фондот за иновации и технолошки развој повика наставници, ученици, претставници на неформалното образование, експерти во образованието и низ дводневна работа во фокус-групи тие ги ставија на маса проблемите со кои се соочуваат талентираните и надарените деца, но и можните решенија што треба да резултираат со основање „Фонд за млади умови“
Постојат мерки и инструменти во образовниот систем, но само формално, проблемот е нивното имплементирање и несоодветни и нејасни критериуми на кого се применуваат тие мерки – ова е еден од важните заклучоци што беа донесени откако 50-ина наставници, родители, експерти од образование неделава се сретнаа и дискутираа за изработка на национална програма за талентирани и надарени деца. На едно место („Јавна соба“) Фондот за иновации и технолошки развој ги спои сите важни чинители со цел да се увидат најголемите проблеми и предизвици, но и можни решенија во пристапот кон талентираните и надарените деца, со цел тоа да прерасне во „Фонд за млади умови“.
Дискусијата ја водеше д-р Ребека Елис од УНИЦЕФ - Северна Македонија, институција која е главен партнер на ФИТР во изготвувањето на концептот на националната програма. Секоја од петте групи добиваше прашање и 15 минути за дискусија.
Се предава по застарени учебници
Наставниците и професорите се пожалија дека се преоптоварени со бирократска работа, пред Инспекторат мора да покажуваат тон документи за спроведени активности. Посочуваат дека дел од кадарот е мрзлив и не се труди, а тие што сакаат искрено да работат, немаат алатки и инструменти да ги препознаат талентираните ученици.
- Исто така, наставниците немаат доволно нагледни средства, имаат лошо опремени кабинети, во кои се чуваат материјалите за работа под клуч, односно децата не можат во секое време да се послужат со нив за да си го олеснат учењето или да го направат поинтересно. Се предава по застарени учебници и наставни содржини, се учат стари податоци, најчесто на класичен начин. Дека единственото добро нешто од учебниците по програмата „Кембриџ“ е принципот на слобода и отвореност во учењето, во смисла нема ограничувања до каде се оди во стекнувањето нови знаења, нема плафон, нема пропишани наставни единици – се жалат наставниците.
Дека не е сѐ така црно, наставниците ги посочуваат како успешни програмите: „Градиме мостови“, „Родител во улога на наставник“, „Предизвик за млади истражувачи“, „Џуниор ачивмент“. Но, проблемот го лоцираат во тоа што овие проекти траат по година-две, а
потоа нема надградба на сработеното, па ефектите се губат.
И учениците имаа можност да кажат со какви проблеми се соочуваат. Тие посочија дека нивниот глас не се слуша доволно, дека ретко сретнуваат професори кои ги слушаат и ги туркаат барањата на учениците во школото.
- Едвај чекаме да добиеме некој поинтересен школски проект кој ќе нѐ приближи до проблемите на нашата заедница и до светот, без разлика дали станува збор за научни достигнувања, социјални прашања, политички итн. Учиме од застарени книги и усвојуваме стари податоци, учиме напамет, а сме свесни дека тоа речиси воопшто не ќе можеме да го искористиме во иднина - велат учениците.
Сите се согласија дека повеќе внимание треба да се обрне на спортот и уметностите во училиштата.
Практичната настава е неопходна
Претставниците на неформалното образование и организациите што се занимаваат со образовни иницијативи главно се пожалија дека се свесни дека има различни државни инструменти и програми, и програми што ги спроведуваат невладини организации, но не се свесни кој што прави и спроведува и дека владее недоволна информираност, недостиг на транспарентност кој за што добива грантови.
И наставниците и учениците се согласуваат дека итно е потребна практична настава, која вклучува експерименти, посета на компании, но и на природни локалитети, музеи, факултетски лаборатории.
- Мора да се чуе гласот на учениците. Очекуваме професорите да ни бидат пријатели, а не да нѐ оптоваруваат со екстра тестови, затоа што некогаш губиме часови за да се спремаме за меѓународни олимпијади, на пример - велат учениците.
Претставници и на државни институции и на универзитети имаа свои излагања.
- Многу малку се фокусираме на креативноста, креативното мислење, дивергентните начини за размислување. Стратегиите се работа на сите што работат во образование, потребен е интердисциплинарен пристап, сѐ што отстапува од медиокритетот е проблем. Постојат мерки за поттик во основното образование, МОН стимулира за прва награда за државно ниво, 10.000 денари за наставник и ученик, и меѓународно ниво (се доцни по година-две со парите), афирмативно постојат стипендии, вреднување на дипломи за упис е исто така мерка на МОН.
Позитивен чекор - клуб на талентирани студенти во Битола
Oд ресорното министерство се согласуваат дека треба да се работи повеќе во оваа област и дека на професорите им требаат соодветни инструменти да ги препознаат надарените деца и да работат со нив.
Сите се согласија за најважната улога на наставникот - да ги мотивира учениците.
Исто така, потребни се спортски кампови, кампови за талентирани деца. Позитивно искуство се летна и зимска школа за математика, на пример.
Универзитетски професори посочуваа дека студентите не можат да дадат одговор, не се искажуваат, наставниот кадар не ги охрабрува да бидат чуени.
- Системот греши, има преголем број на часови, голема материја и наставникот може само писмено да испрашува за да го реализира наставниот план и програма. Се чини дека дел од студентите како првпат јавно да зборуваат кога бранат дипломска, а тоа е проблем - велат универзитетските професори.
Позитивно беше оценет чекорот на Педагошката академија од Битола да формира клуб на талентирани студенти.
Одржувањето на фокус-групите беше првиот чекор од методологијата за изработка на национална стратешка програма за поттикнување на креативното размислување, иновативноста и претприемништвото кај младите, „Фонд за млади умови“.
Од овие заклучоци ќе произлезе анализа на образовните потреби, мапирање на постојните инструменти и анализа на празнините. По ова ќе следува презентација на програмата пред донаторска заедница, како дел од процесот на нејзино усвојување и имплементација на национално ниво.