Најскапиот пазар за недвижности ги принуди граѓаните да живеат во контејнери
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Најскапиот светски пазар за недвижности ги присили граѓаните на Хонгконг да почнат да живеат во контејнери, и тоа илегално.
Гилберт Вонг и неговата партнерка не помислувале баш на контејнер кога почнале да бараат стан. Но, кога сфатиле колку се високи кириите, биле принудени да се одлучат за нивниот сегашен „дом“, кој се простира на површина од 19 квадратни метри. За него месечно плаќаат околу 570 долари. Колку за споредба, за само една соба со слична големина во Хонгконг секој месец би требало да издвојуваат уште 20 отсто повеќе.
Поради често зафрлените локации на кои се наоѓаат тие монтажни домови, нема претпоставка колку вкупно вакви живеалишта има во Хонгконг, но побарувачката е сè поголема.
Нарачките на контејнери се двојно поголеми отколку во 2016 година, а во 40 отсто од случаите станува збор токму за оние станбените. На пример, компанијата „Маркбокс“ се занимава со изградба на мобилни домови и годишно произведува околу 200 станбени контејнери. Таквиот дом најчесто има површина од 30 квадратни метри и чини околу 19.000 долари. Инаку, во Хонгконг само аванс за скромен стан е барем дупло повеќе.
Затоа е логично што граѓаните посегнале по ова станбено решение за кое размислува и владата. Имено, државен фонд соработува со една невладина организација за изградба на 90 монтажни домови, кои легално ќе бидат поставени во најсиромашниот дел од градот за луѓе кои се на листата на чекање за државни станови. Просечното време на чекање за субвенционирани станови во Хонгконг е пет и пол години, што е двојно повеќе отколку во 2012 година.
Сепак, иако живеењето во контејнери на маргините од градот е поевтино и воздухот е многу поквалитетен отколку што е во Хонгконг, има и маани. Контејнерите не се дизајнирани да издржат екстремни временски услови како тајфуни, кои понекогаш го зафаќаат подрачјето, а во прилог не оди ни оддалечената локација, поради која жителите трошат повеќе време и пари за да стасаат до работното место и да се вратат назад.
Освен тоа, тие не се ни правилно поставени, односно животот во нив всушност е илегален. За да поставите контејнер, потребна е дозвола од властите, кои тоа сè уште го немаат одобрено. Покрај тоа, за да бидат легални, тие мора да исполнат одредени услови поврзани со вентилацијата, осветлувањето и противпожарната сигурност, а земјиштето на кое е сместена кутијата мора да биде заведено како резиденцијално. Поточно, поставувањето на станбена конструкција на земјоделско или на земјиште предвидено за складирање на отворено е противзаконско.
- Од сите монтажни домови во стил на контејнер што ги имам видено во огласи или на интернет, 99,9 отсто не се во согласност со законот - истакнува Винсент Хо, директор на компанија која се занимава со
недвижности.