Во септември 60 ученици ќе учат во новата Математичко-информатичка гимназија! Наставни програми има, локација нема
Подготвил:
Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов изјави дека една од можните локации е Институтот за хемија на ПМФ, но професори велат дека зградата е руинирана
Математичко-информатичката гимназија ќе почне со работа од септември 2019 година, соопшти заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов на панел-дискусијата „Развој и поддршка на талентирани деца“ што ја организира Фондот за иновации и технологии во соработка со порталот Факултети.мк.
Како што истакна Атанасов, подготовките се во тек, Законот е донесен, а наставните програми се направени.
- Имаме еден сладок проблем. Во овие две недели се судрија двете групи на професори - математичарите и информатичарите за тоа каква да биде програмата. Колку проценти да имаме математика, колку информатика. Мислам дека сето тоа ќе го менаџираме и со оваа програма 60 талентирани деца од септември, со приемен испит, ќе се запишат во новата гимназија - изјави Атанасов.
Атанасов на панел-дискусијата откри дека 60 ученици од септември ќе учат во новата гимназија
Институтот по хемија на ПМФ како можна локација?
Истакна дека за 4 години во системот ќе имаме 240 деца на кои ќе им дадеме повеќе знаење, вештини, можност за работа со професори од повисоки нивоа.
- Сметаме дека тие ќе може подобро да напредуваат во математиката, физиката и информатиката. Истовремено, во овој Закон има можност за формирање на Центар за талентирани ученици, во кој ќе има напредна настава и по математика, информатика и физика и за деца што не се запишани во оваа гимназија, но учат во основно или во други гимназии – рече тој.
Но, иако е планирано таа да почне со работа од септември, сѐ уште не се обезбедени просторни услови, односно се бара објект во кој ќе биде сместена гимназијата.
- Наша желба е да има сосема нов објект. Но, ќе започнеме од септември во постоен објект на ПМФ на Институтот за хемија. Или ако најдеме подобар простор кај техничките факултети, кај Машински, но ќе видиме - истакна заменик-министерот.
Но, професори и дел од наставниците што беа присутни на панел-дискусијата во врска со отворањето на оваа гимназија изразија загриженост.
Не ни треба уште една импровизација
Доцент д-р Миха Буклески од Институтот по хемија изјави дека ја поддржува идејата за отворање училишта кои би биле повеќе ориентирани кон талентираните ученици, но изрази скепса околу тоа зошто фокусот да биде само на математика и информатика.
- Што е со оној другиот аспект од развојот на децата, дали е доволно да има само математика и информатика, што е со другите предмети, дали ќе ги занемариме другите таленти на детето, ако ги има? Во средно мора да им се дозволи на учениците да бидат во допир и со другите предмети, со уметностите. Да, добра е идејата за отворање таква гимназија во која учениците ќе се насочат кон тие предмети, но не би ги ограничувал само на овие предмети - рече Буклески.
Буклески: Во оваа зграда ѕидовите се распаѓаат, еден од таваните падна во предавална
Тој исто така изрази загриженост и за тоа зошто не е обезбеден соодветен простор за таа гимназија.
- Заменик-министерот за образование спомена дека оваа гимназија на почетокот би функционирала на Институтот по хемија. Јас се сомневам дека тој воопшто има влезено во таа зграда, каде што ѕидовите се распаѓаат, еден од таваните падна во предавална. Таму да се смести математичка гимназија? Најверојатно ќе поправат нешто, па и Институтот за хемија нешто да профитира од сето тоа. Но, ако нема услови, не е време за импровизација, тоа време е одамна поминато. Со импровизација само ќе продолжиме во насока во која само ќе создаваме неквалитет и понатаму. Импровизација повеќе не можеме да правиме. Или тоа да се направи како што треба или да почекаме време кога ќе имаме услови да го направиме. Од темел. Со просторни услови, со наставен кадар, со соодветна литература. Ако се запишуваат учениците од септември, рокот е премногу блиску. Дали ќе уништите уште една генерација? Се надевам не. Се надевам дека го имаат осмислено сето тоа – изјави Буклески на панел-дискусијата.
Кој ќе може да предава во гимназијата?
Инаку, според Законот, кој веќе е изгласан, во оваа гимназија нема да може секој да биде наставник, а покрај стручни соработници (педагог и психолог), на учениците ќе им предаваат и истакнати стручни лица од соодветната област што ќе се изучува во гимназијата.
Освен стандардните услови согласно Законот за средно образование, истакнатите стручни лица што ќе предаваат во гимназијата треба да исполнуваат и најмалку еден од следните услови: да бил ментор на ученик кој бил награден на престижен меѓународен натпревар од соодветната област, да е запишан на докторски студии на соодветната област или да има стекнато научен степен доктор на науки на соодветната област.
Ќе се запишуваат редовни ученици кои завршиле основно образование, се стекнале со општ успех од најмалку 4,5 од шесто до деветто одделение во основното образование и со оценка 5 (пет) од наставните предмети математика и физика од шесто до деветто одделение во основното образование. Сите ученици ќе полагаат приемен испит со кој ќе им се проверат знаењата за математика и за физика.