ФЕИТ промовираше нови 275 инженери и 113 магистри

ФЕИТ промовираше нови 275 инженери и 113 магистри


ПРОМОВИРАНИ НОВИ ИНЖЕНЕРИ И МАГИСТРИ НА ФЕИТ
Никогаш не запирајте со учењето, истражувањето и растењето

Нови 275 инженери и 113 магистри, вчеравечер, промовираше Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).


 

На промоцијата, која се одржа во Македонскиот Народен Театар, деканот на ФЕИТ, професор д-р Миле Станковски, им порача на дипломираните и магистрите дека ова е „само крај на еден дел од Вашиот живот и Ве става пред почетокот на нова стартна линија“.

„Што и да правите понатаму, никогаш не запирајте со учењето, истражувањето, растењето и не напуштајте го предизвикот да бидете најдобри. Се надевам дека по вашето дипломирање, одвреме-навреме, ќе доаѓате на вашиот АЛМА МАТЕР и ќе зборувате со нас, активно ќе го користите ФЕИТ како место за алумни активности – како арена за доживотно учење и здрава основа во вашите животи“, рече Станковски.

Од дипломираните годинава, 21 беа промовирани како најдобри студенти во генерацијата со просек над 9 (девет). На манифестацијата беа поделени и наградите „Инженерски прстен“, „Атанаско Кантарџиев“, „Стамболиев“, од институциите Македонски национален комитет при Меѓународната конференција за големи електрични системи (МАКОСИГРЕ) и Здружението за електроника, телекомуникации, автоматика и информатика на Македонија - ЕТАИ.

Во име на студентите, на манифестацијата, говореше Ванеса Василевска.

„Денес е денот кој го рефлектира успехот од завршување на четиригодишното студирање. Дефинира етапа во која храбро се соочивме со уште едно предизвикувачко искуство во нашите животи и момент кога се здобивме со признание за нашата улога на утрешни идни лидери“, им порача Василевска на своите колеги.

На промоцијата на дипломираните студенти и магистри на ФЕИТ присуствуваше ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Велимир Стојковски, проректорите на УКИМ, продеканот на Електротехничкиот факултет од Ниш, професор д-р Драган Денич, неколку декани на образовни институции во Македонија и претставници на компании кои соработуваат со Факултетот.

Во досегашното 56-годишно постоење, Факултетот образувал речиси 10.000 електроинженери, создал повеќе од 850 магистри и над 120 доктори на науки.

Со почит,
Лице за контакт:
Тодор Стојчевски
Чептер 4
071/25 71 81